Кочо Рацин – Богомилите Saturday, Dec 15 2012 

— Кратка расправиа от историата македонска —

Ке се зачуди ли некој кога ке чуе како кај нас у X век живеале и држале пламени проповеди таквиа лугје, кои со своите идеи биле како претечи на општествените просветители от XVII в.? Заре во класичната земја на царските манастири и лаври, земјата на чииот јазик Славјаните за прв пат чуле за христианство и толку време на тој јазик ја слушале кротката христианска проповед за помирение со сичко — заре таја земја, уште у никое време на европејскиот Среден век, да даде претечи на ониа бунтовници од XVII век, што зборуале за некое „природно право“ на човека, за равноправие на сичките лугје, и сакале, „бездржавно“ уредение на светов?

Арно ама, ако далечното минало ги скри во темно тиа наши славни лугје, ако огинот и ножот, па пакозот и бесот на православните калугери и славјанските феодали ргна да го сотре споменот за ним — останала пак, во историата на човечката борба, светлата истина за богомилите. Чунки пак се навогја по некоа трага нимна! Останале клеветите и лагите на црковните отци, кои со това го бранеле мракот и власта на своите господари. Останале анатемите, повелите и законите, и индексите на забранените богомилски книги. Останала па и по некоа от тиа книги, зафрлена негде по манастирите, па и по некоа хроника от старите летописци. И останале, уште се живи некои спомени во самата Македонија. За што ни споменуе планината и реката Бабуна, за кого ни говори со векови селото Богомила? И откаде ни се оние наши чудесни стари сказни, што скажуат за борбата на доброто и злото, и за онаја врасната вера, оној силен надеж, што не крепеше и крепи — до победата крајна? Живи се, живи, нашите чудесни богомилски легенди и басни, нашиот вечен културен имот, татковнина от нашите богомили!

Чунки богомилите биле први наши вистински народни учители и книжовници. Тиа се соживеле со народната душа, убаво ги разбрале нимните потреби, и со своата „нова“ наука силно го исплашиле стариот свет, „уреден така от бога“. Такво учење, да е светов вака уреден от бога, се сметала тогај една света религиозна догма. На това се крепи стариот феодален свет, на това живееле јадачите. Но богомилите убаво разбрале што значи таја догма, како и сите друзи верски догми, и во критиката на таквиа догми, а со народниот отпор против феодалите, во мистична форма, направиле чудесно смели заклучениа за своето време. Чунки у нивно време религијата беше и наука и философија и најголемо знаење. И така, кога ја виделе другата страна на тиа религиозни догми, нимната наука добила „смртно опасен вид” за феодалниот строј: богомилското учење сакало рамноправие за сичките лугје, било против заробуењето на човека од човек, против господарите, бољарите, поповите и сите земни јадачи, и сакале, уште во историјски недозреани условиа, да уредат едно братско и равноправно општество, на основата на старославјанскиот аграрен демократизам. Ете, со таквиа свои идеи богомилите станале вистински претечи на ониа европејски мислители, што после, тргнати по трагата на богомилските мисли, се ослободиа от верската догматика и ги удриа темелите на европејскиот Ренесанс. А што значение имаше това за народите, се знае.

И ете зошто богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историа. Да се гордеат нашите Македонци со тиа свои славни лугје! Оти противно от науката па државното христианство, внесено во народот одозгора, от самите државни главатари и пренесено от Византиа, идејно да го закрепи славјанскиот феодализам — противно от се това, богомилството никна во самиот народ, ги повлече широките народни маси и во верско опозициона форма го организира народниот отпор против феодалите. И така, от чисто верска секта, богомилството стана широко народно-реформаторско течение, со отворени тенденции да го промени социалниот живот. А по тиа свои особености това многу си личи на денешниот социализам, иако тој денеска стои на научна, а богомилството си стоеше на религиозна основа.

II

Најлесно кe се разбере богомилството ако се разгледа неговата религиозна јатка. Богомилството си беше религиозно течение, но мездрето му беше социално. Чунки това ги мина рамките на една верска секта и се рашири како народно, штом ги зафана економско-културните нужди на народот. За да се појави, богомилството имаше големи економско-политички причини: се поголемо заграбуење на земјата на селаните от страна на феодалната и црковната аристокрација, се по големи намети от државата, а от друга страна, моралното и политичко падање на тиа што владееле, особено моралното падање во очите на народот на црковната аристокрација. При се това, богомилството не никна после една економска културна критика на феодализмот, ами се јави преку критиките на верските догми. Таја критика застана на основата на манихејско-павликијанскиот дуализам,   учението на две верски секти, пренесено од Мала Азија. Но кога се зајакна на неја, богомилството премина от религиозна на светска критика, та стана нешто ново и по садржание и но форма: стана чисто славјанска верско-дуалистичка и социална опозиција, спроти државното христианство и неговите ненародни разбиранија спроти феодализмот. Но целата работа ке се објасни најарно, ако се каже што значеше тогај верата.

Во старо време верата беше врховна наука, таја ги собираше во себе сите философски, природни и општествени — правни, морални и други науки. Тогај немаше вистинска наука. Сето знаење беше во некои темни и чудообразни веруваниа за некои натприродни сили, што го создале и го владеат светов. Мездрето на христианската вера беше во верувањето дека светов го создал еден бог отец, што е цар на земјата и небото. Тој владее секаде – и во нашите мисли, и во нашиот живот, и по природата и во човечкото општество. Сичко таму што стануе, стануе по божиата воља. Таја е една и вечна, и спроти неја нема друга. А тија што учеја такво учение, се викаја монотеисти.

Но спроти ним имаше едно друго учение, што учеше дека сам господ го создал светов и не владее секога он. Ако е господ толку силен, добер, зошто тогај има на веков неправдини? Значи, не е само тој, не е со сила само неговата. Има и една друга сила до неговата. Таја сила е силата на ђаволот. Ако е господ добар, ако тој значи истина и добрина — не може тој да ги создал сите лоши работи на светов, како што се феодалите, лошите човечки инстикти и се што е лошо и от кај што иде лошотиата. Таквиа свет учеа дека се това направил ђаволот, та со това тија веруеја дека светов е создаден од бога и ђавола или пошироко означено, во светов владеат и се борат вечно едно со друго — доброто и злото. Такво беше веруењето на манихејско-павликијанската секта и това учење се викаше дуализам.

Зошто славјанските феодали се покрстиа, демек ја оставиа перата на народот? Затоа, оти таја вера беше от онова време, кога славијаните живеале во задружен демократски колективен живот, каде што немало цареви и господари. Тогај знаеле само за некои богови што владееле во природата — давале дожд ели град, слнце или зимо итн., но не знаеле и не сакале да знајат за таквиа богови што им се мешале во социалниот живот. Старејшините на задругите си ги бирале сами, војна и мир сврзуеле на собори. Се това правеле от здрава памет, а не по вољата на некој бог.

Но кога се заселиле во балканските земји, по причина на војни и по оглед на Византија, почна да никнуе и расте славјански феодализам и да се стегнуат народните права и веруванија. Стана нужда от една јака феодална држава, а таја, за да биде приемена пред разумот човечки, требеше да се објасни со една нова наука, нова вера, нова наука за идеите — нова идеологија. Оти само таја духовно ги организира човеците — нимната воља и нимните чуства.

Христианството беше најнапред вера на сиромасите. После, кога стана државна вера, кога се вдигна до еден општ поглед на светов, стана религија на феодализмот. Зошто феодалите го направиа христианството државна вера? Со прво затова, оти тогај со вера можеше да се мисли — верата беше најсилното сретство и за да се заглупи народот. После, бидејки да христианството беше народна вера, лесно можеше народот да се завее, како таја вера говори истина. Но највише се прие христианската вера от страна на феодалите, оти токмо одговараше на феодалниот строј: еден бог — еден господар, еден цар ка небето, друг на земјата. Иако верата говореше дека стануе сичко по вољата на оној цар што бил на небето, земниот царство и за да се заглупи народот. После, бидејки да испаѓа како да е наредено от тој што е на небе. Феодалите силно ја уредиа христианската црква која учеше дека само таја е исполнител на вољата на бога на земјата, та се што учеше таја – требаше да се смета како да е божија дума. Кога таја црква се уреди, си направи догми, демек таквиа веруања, кои не можеа да се критикуат и у кои требеше да се само веруе. Најглавната от ним беше таја – да е само еден бог отец создател на сичко и да само неговата воља владее на светов. На таја основа сега веке црквата учеше како и феодалите и власта и земјите што ги владеат им се дадени от бога, та и робјето и слугите и сиромасите да се од бога — чунки така и така тој им шепнал на своите пророци кога тиа пагјале у занос… Зошто живеел човек на земјата? За да биде искушан от бога, да би по смртта своа могол да влезе во рајот, каде бил вистинскиот човечки живот. Човек требало да ја слуша црквата што му заповедуе и по неја да се влада. Чунки ништо не бивало без бога, а тој им се јавуел на човеците преку светците. Така било това, така имало да се веруе, и кој мислел инаку – тој го дупел гјаволот…

Разбира се, сичко това имало огромно значение за феодалите, и затова они силно ја закрепиле и ја подигнуеле црквата. А таја, от своја страна, најсилно си ја чувала чистината на своите догми, оти само така можела да се дочува нејзината лажна наука.

И ете зошто и критиката против феодализамот можела да почне само како критика на верата. Критиката на верата била и критика на феодализамот. Таја критика почнала со дуалистичкото учење на онија секти што ги рекофме понапред, та после кај богомилите станала и општо социјална критика.

Најголемиот враг на Средовечното христианство бил дуализамот. Бидејки да според монотеистите бог е апсолутно добер и всесилен, било близу до памет дека во светов не е сичко уредено на добро. Ако е господ толку силен, викале дуалистите, зошто тогај дозволуе лошотии? И заре можело тој бог да ги милуе и сиромасите и силниците, па билим тој и да ги дал тија силници со негова воља да владеат над сиромаси? Најпосле, и самата природа околу човека било огледало на борбата на две стихии – та така, онаја човечка мисла, недоволна од догмите на црквата, навогјала одговор на разни вопроси во дуалистичкото разбирање на светов.

И богомилите кога станале дуалисти, почнале да мислат така.

Ако идеолозите на државната вера учеле како светов е создаден от еден бог, богомилите им застанале спроти со учењето за двете вечни сили – доброто и злото. Развивајки ја понатакај идеологијата на манихеите, тиа викале, дека не е верно да бог ја создал земјава за седум дена и ја наредил како што ја гледаме. За богомилите бог бил апсолутно добар, тој бил олицетворение на истината, а таја се навогја во искрената и чистата човечка мисла. Само кога таква мисла мисли, се јавуе бог на човека, но штом мислата човечка е зоплетена со земни и материјални работи – престануела да биде божја. Затова богомилите учеле дека човекот со телото го создаде сатанаил, а бог му ја даде само душата. Бог нема ништо со овова што е на земјава, демек не е вистина оти тој ги дал и поповите и феодалите и сета лошотиа што идела от ним. И така богомилите дошле до заклучение дека сета вера на државното христианство е лажна, дека по црквите владеат гјаволите, и дека земјата на феодалите им ја дал гјаволот, а не господ. И сега кај нас има една таква народна сказна, во која се кажуе како гјаволот му ја дава на Адама земјата под кирија.

Сметајки така да е земјата дадена от гјавола, богомилите учеле како е и секое владение над неја гјаволско. Бидејки пак това да чини темелот на феодализамот, не можело да биде инаку, а да не се разбере како и феодалите, и бољарите и секоа власт и држава се от натемаго. Било после логично да се дојде до мислата, до која дошле и богомилите, да на светов не требе да има ни господари ни роби, ами тој требе да се уреди така, да сите бидат равноправни. За да се живее пак како што требе, демек како што е по Вистината – бог, не требе да има ни цркви, ни крстови, ни звонци, ни камбаани. Сичко това е гјаволско, учеле богомилите, оти вистината божја е проста и му се јавуе на секој човек во неговата чиста савест.

Било после природно дека против такво учење се дигнало се што живеело тогај от народна мака – и поповите и калугерите и феодалите со ним, оти богомилската вера го подкопуела темелот на нимната влас. Ние денеска убаво знаеме како и колкаво било гонението против богомилите. Има многу славјански, грчки и римски повели и закони, каде богомилството е осудено како „пагубна ерес“, и на сите богомили фрлена анатема. Најпознати се от тија „Беседата на пресвитер Козма против еретиците“ и „Синодик царја Борила“. Во „Синодикот“ не толку, ама во „Беседата” е најубаво изложено сето учење на богомилите. Отаде може да се види сето учење за социјалната реформа што сакале да ја направат богомилите, чунки многу други книги што ги пишале сами се изгорени, а и самите богомили немале никаков напишан програм за своето уредуење, ами сакале да се живее просто по старохристијански. Еве накратко што се гледа отаде, демек што со прво учеле во народот богомилите:

1. Богомилите учеле дека господ не го создал небето, земјата и сичко што се навогја на неја, па и феодалното уредуење на светов.

2. Своите верни ги учеле да го мразат крстот, да не го целивајат, да не му се клањајат, чунки па крст Евреите го распнале Исус, човекот што учел најголемите вистини, па како може христианец да милуе крст?

3. Говореле дека причеста не е по заповед божја, не е тело и дух божји, ами, викале, „просто брашно и вода“ и „сок от винова лоза“.

4. За редот што владеел во црквата, за нејзиното уредуење со главатари, владици и разни јадачи, за нимниот раскош, за манастирите, калугерите и поповите, викале да се гјаволски, ги мразеле и плукале.

5. Стариот завет, пророците и сичко што они учеле, како и 10 заповеди од Мојсеа, не ги признавале како гјаволски.

6. Учеле, дека Исус Христос не бил роден от никаква богородица, ами от проста жена, и бил прост човек, дурмаджија, а Евреите го распнале на крст оти ги критикуел и учел што е вистина. Не веруеле да воскреснал, не признавале да има задгробен живот, и учеле, дека душата е искра от истината што се стива со пламењот – вечниот бог.

7. Ги некјеле иконите, ги фрлале от црквите, и ги сметале за прости штици. Викале, тија што се на ним не се светци ами прости човеци а само теле можело да мисли да е човек светец.

8. Не признавале никакво крштавање, ни со вода ни со „дух“.

9. Не веруеле да Христос правел чудеса и викале да е това сичко измислено от поповите.

10. Учеле дека феодалите и господарите не се от бога, никоа власт над човека не е от бога, и ги мразеле и нагрдуеле сите силници и јадачи на светов, и на секој роб му викале да не работи на господарот свој.

11. Сакале да се уреди општествениот живот на старохристиански и старославјански начин. Не признавале никаква власт и от сичко на веков највечку ја ценеле слободата на савеста и на човека.

От сичко овова мислиме да е јасно у што било това матно но толку опасно учение на богомилите. Најнапред што ни пагја во очи от овова е, дека богомилите први се дигајат против верските догми како окови на човечкиот разум и сакајат слобода за мислата. Само разумот, како искричка божја, бил вистина, а не догмите што учеле лаги. Ете зошто работата изпагјала страшна; штом човек не живее како што учи црквата, сичко стануе фалшиво и лажно — и феодалите и црквата и се што они учат. Човек бил слободен да го отврли злото и да заживее по својата совест, по разумот и правдата, а таја викала да се сметнат феодалите и господарите и секоа власт над човека. Ете, тука почнала европејската Реформација!

Но богомилите не живееле во времето кога феодализмот бил зрел да падне. Тогај не биле создадени онија условиа, у кои човек можел да живее без цареви и господари. Грагјанското општество, што го смени феодалното, одвај беше појавено, и това во некои градови по северна Италија и јужна Франција. На Балканот живееше едно гнило Византијско царство и неколку нови славјански. Но славјаните, каде што се појави богомилството, уште немаја свое царство, и си живеаја по старославјанскиот, аграрно-демократски начин на животот. И ете зошто кога ги завладаја славјанските феодали и кога тија почнаја да им го газат тој демократизам, да ги поробујат, да им ја зимајат земјата и учат после како се това стануе со некоа виша сила – ете кога богомилството се јави како опозиција спроти ним.

И токмо сега идеме до онова, откај ке се види, зошто богомилството е едно чисто македонско јавление, никнало во онија особени условија, во кои живеале македонските славјански племиња. Овова е за нас многу важно, не само оти богомилството е наше културно наследие, ами оти е и една важна историческа пројава на нашиот народ, коа остави големи следи во неговиот живот. Еден краток историски преглед ке ни помогне да видиме това.

III

Според најстариот византиски летописец што ја бележел славјанската историја, К. Порфирогенит, во 676 год. пет славјански племиња: Драговити, Секулити, Рунджани, Струмани и Брсјаци, неможејки да го земат Солун, ги завзеле богатите области околу тој град. Драговитите и Секулитите биле на запад од Солун. Брсјаците на север от ним до Шар планина, а Струманите и Рунджаните на североисток на Солун по денешна Струма. Тија биле првите славјански племиња што дошле на Балканот и ја заселиле земјата на некогашна Македонија. Многу летописци ги викајат ним Македонски славјани, а земјата нимна – Славунија. Бидејќи да овие лугје си биле мирни и си живееле со земледелие, а биле организирани во племенски задруги и се управуеле со бирани демократски старешини – Византија ги трпела и билим направила со ним федеративен сојуз. Така тија си живееле цели неколку века – се додека – не биле завладеани от Блгарите.

Блгарите биле едно азијатско племе, што навлегло преку Дунав и завладеало некои славјански племиња отаде Стара планина. Како војничко, блгарското племе веднага организирало таму војничка држава и таја постепено се ширела. Во 853 г. се качил на блгарскиот престол цар Борис. Тој ја проширил блгарската земја дури до Македонија. Но тогај во толку голема држава, не можело да се владее со едно малко војничко племе. Пополека, от това племе се формирала феудална аристократиа демек на таквиа што работат и што живеат од тугј грб; спаии или бољари, и чифчии или парици. И за да ја зајакне таква своја држава, Борис решил да ја уреди како примерот на тогашната држава – Византија. Тој пратил свои нарочни лугје да го изучат државното уредуење на Византија и нејзините закони и државни науки, та после да ја уреди и својата држава така. Но, како што рекофме напред, тогај христијанството беше најголемата наука и от него се определуеја сичките други. Ете зошто стана нужно и Блгарија да стане христијанска држава, да се покрсти царот и народот што го владее. И цар Борис това го направи во 865 г. Целта на това беше јасна: со новата вера, како со феудална идеологија, требеше да се закрепи и оправда по народот феудалниот строј.

Првите христиански учители, вистина, го преведоа Св. писмо и други книги, но со ним ги преведова и државните и правни закони па Византија. Тија токмо беја феодални, чунки учеја за правата на бољари што ја владејат земјата и роби, што ја работат таја земја.

И со това почна силна промена во животот на славјаните. Црквата стана најголема идеолошка и економска сила. По пример на Византија и таја почна да прави цркви и манастири, а феодалите да им давајат земји, што се зимаја од сиромашните селани. Па се засили и феодалната аристокрација. Секој во војна заслужен војвода почна да добива от царот цели заселишта сосе земја и човеци како свои роби. Владеањето на таја земја стана наследно, чунки синот на феодалот го наследуеше таткото. Така никна и така почна да се шири славјанскиот феодализам и да се кусат правата на народот. Славјанските задруги и нимните демократски бирани старејшини не се признаваја. Бољарот беше назначен от царот а поповите учеја дека и царот и бољарот се от бога. И така, народот стана незадоволен, чунки многу поарно и по слободно си живееше во своите старославјански задруги.

Но се това најсилно се осети во Македонија. Видовме дека таму највечку се одржа славјанската задруга, чунки и Византија беше на нејзина страна. Во Македонија никога не се разви феодална аристокрација от задружните старејшини, и таму беја најживи демократските традиции во народот. Това ете стана основна причина, за да се оттаму дигне опозиција против новата уредба. (Види Голубински, Пипин, Вејнгарт, Рачки и др.).

От оваја башка, за појавата на богомилите имаше и една друга причина. Това беше учението на манихеите, кои беа дошле от Мала Азија во југозападна Македонија. Знаеме дека нимното верско учење беше дуалистичко и што оно значеше. Кога ги покрстиа славјаните и кога новата вера стана општа наука, старата вера на славјаните беше слаба да се бори со неја. И затова се појавуат првите славјански и дуалистички групи мегју македонските славјани. Првата богомилска група, от која се развија сите по неја, беше от племето на Драговитите, и сите учени денеска Драговичката група ја сметајат како мајка на богомилството. Богомилството никна и се разви во Македонија а неговијот водач и организатор, поп Богомил, беше и сам Македонец. За негова чест и денеска едно село околу Велес се вика Богомила, а и сичките учени него го признавајат како прв славјански реформатор и прв борец во Средниот век за општи човечки правдини.

Богомилите биле со прво против државното христијанство. Тиа сметале дека това многу го заглупуе и криво го учи народот. Тија викале дека само нимната вера е истинска и христијанска. Мразејки ги поповите и калугерите, богомилите не се молеле по црквите ами по куħите и друзи отворени места. Нимната молитва се состоела само от молитвата „Оче наш“, а се друго било дискусија и расправија. Таму се напагјале фсодалите и црквата, и сето зло што идело на народот, викале да иде от тија. Народот го учеле да не оди по црквите, да не се крсти и моли на никакви светци, чунки господ на секого му дал разум што да прави, а не да се моли и да чека. На тија свои собранија они ја развивале својата наука, но нема место овдека да ја изложуеме, чунки е многу матна и требе бааги место да се разјасни, а от се што рековме до сега јасно направивме нејзини основни заклучениа. Овдека ке кажеме само некоа дума за нимните книги и сказните и басните, што нашиот народ уште ги скажуе, иако незнае да се богомилски.

Богомилите ми… и биле и први славјански народни книжовници. Ако за покрстувањето на славјаните се измисли нова азбука и почна една славјанска книжовност, таја си беше строго црковна и се занимаваше само со суви црковни догми и восхваление на светците и царевите. На народот му беше тугја, чунки народната душа ја занимаваја по-живи работи от догмите. Таја душа не можеше да се задоволи со библејското објаснуење за созданието на светов и сакаше по-јако објаснение. И затова во народната душа најдова голем прием ониа источни легенди и басни на манихеите, кај што беше проткано и дуалистичкото учение, ама и едно по блиску до памет објаснение за светските работи. Затоа богомилите почнаја тија легенди да ги преведуат, дотеруат на народно разбирање и самите прават нови, а сичко това народот зимаше со душа. Основата на тија сказни е борбата на доброто со злото, борбата на гјавола со бога, и крајната победа на доброто над злото. Дали некој ке се присети колку такви сказни чул от своите стари, и да ли ке може да разбере нешто от народната философија што е во ним? Ете, тија сказни, песни и басни и философијата што е во ним, беше духовна храна на нашиот народ низ толку векови, таја назида во народната душа една јака стена на истина и вера во крајната победа на правдината, а не сувото христианство и восхвалението на царевите! Денеска е научно докажано дека тија сказни и басни се јатка на целиот богат македонски народен фолклор – народна философија и душа. А кој му го остави на народот това? Не се христианските проповедници, ами богомилските! Нашите народни обичаи, преданиа, веруваниа, врачевини, сказни, басни и песни – сите се под влијание на богомилското учение, на богомилскиот дуализам, како што го разбрале и разработиле тиа наши први народни учители.

От книгите пак богомилски туку речи сите се изгорени. До денеска се најдени само по некои. Најглавната е „Тајната книга”, најдена по препис во еден италјански манастир и на неја назначено да е донесена от Балканот и да е главната книга на богомилското учение. Има уште десетина други пронајдени по нашите манастири, најповеке по македонските. Неможеме овдека да се задржаваме на ним, но кој би се интересуел за оваја работа, нека ја прочете книгата на Ј. Иванов „Богомилски книги и легенди“. Таму е најарно објаснено значението на сите тија работи.

И така земено, и от денешно време, богомилството е едно големо културно наследие на нашиот народ, кое требе да се разбере, да се цени и чува. Ние со него требе да бидеме горди пред другите народи, како и они што се гордеат со таквиа културни имовиња!

Со сите свои крајни изводи, богомилството внесе нови моменти во мислената област. Това покажа со своиот дуализам, дека не догмата, ами слободната човечка мисла може да дојде до вистината. На сите народни веруваниа, иако тија си беја фантастични, нереални, богомилството им даде еден разумен вид. И може би со това, иако и самото незнаеше, богомилството пушти нов поток на човечката мисла: ја привикна да мисли разумно, ја сврте от небесниот на земниот живот и ја тури спроти секоа догма. На своето време, за Средниот век, немаше ништо по револуционарно от овова! Вистина, каде нас, на Балканот, не станаја големи последствија: инаквите историски течениа – заробуење пот Турците и запирање на економското развитие, не дозволиа да се развие и онаја класа, каде богомилството стана силна идеологија. Но на Запад, по италијанските и јужнофранцуските градчиња, се разви новата класа и богомилството стана нејзина идеологија. Со колку човечка крв е испишана историата на тамошното богомилство! Но и победата дојде: новата класа победи, се сринаја средовечните догми, и мислата се вивна слободна, да постигне толкува човечки успехи – да го толку ослободи човека от злото, от тешките условиа, от незнаење и гнасно ропство! Но ако и таја класа бргу се покажа гјаволска, ако и буржоазијата стана потисничка класа, па и таја го зароби човека и неговата мисла – новата класа, наследникот на буржоазијата, пролетариатот – го дига и носи напред смело знамето на слободата и заветот на богомилите!

Далеку сме от това да кажеме како ние денеска требе да ги воскреснеме богомилските веруванија така како што ги учеја они. Това си беше производ на своето време и си остана со него. Но секое време гради свои мисли што се времени, но и таквиа, што се вечни што остануат на поколениата што идат по него. Кај богомилството е времена неговата религиозна форма, неговата слабост да мисли башка от фантастичното напрегнуење на мислата. Но вечна е неговата љубов за човечката слобода, вечна е љубовта за правдините, вечна е идејата за слободната и недогматичната мисла и за истината што се открива по тој пат! Вечна е мислата за вечната борба и идејата на се поголема победа на доброто над злото, па се разбрало това во мистична ели во денешна научна форма! Оти нема борба, нема победа во таја борба, ако нема и вера, фанатизам во таја вера, да ке дојде победа, да ке триумфира доброто над злото! И да е целта на истината да се доближуе до бога – како што учеја некогаш богомилите! — ели како што учи денеска науката, да е целта на истината да се доближуе до својата јатка: материјата – објективната реалност. Ако таква гениална мисла нашите богомили ја најдова во мистична форма, еве дека денеска науката ја открива како научна. Оти силата на патиштата што ни ги покажа богомилството е огромна, само по тија може да оди човечкиот напредок – човечкото победуење на доброто над злото, човечкото ослободуење от секакво ропство! Оти никој до сега не одговорил по длбоко за смислата на човечкиот живот. Ако сите цркви и сите вери учеа дека има небесен живот и со тоа служеа на онија што на човеците им го отимаја земниот, богомилите, у верска форма рекова една крајно спротиверска истина: нема задгробен живот, ами целта на човечкиот живот е да се бори со злото и доближуе до вечната истина. Има ли погениална мисла от оваја? И може ли денеска да ја наследи таја истина друг некој, освен пролетаријатот?

Оти токмо сега му е местото да си кажеме некоа дума и за значението на оваквиа мисли и за нас, Македонциве. Богомилството, дедо Богомил – това се наше големо културно имовиње, и нашата борба требе да оди по најздравите стапки и по вечните патишта на тија наши славни лугје! Не требе да правиме и ние от богомилството нова вера, оти помина времето на верите, сега е времето на науката и на пролетариатот што ке ги постигне смелите замисли на нашите богомили. Туку, сакаме да кажеме, кога некој Вулич ели Балугџич, ели некое нимно копиле, ке земе некоа надуена поза и ке не праша: Ами каму ви цареви и кралеви и тапија за земјата македонска? – да му речеме: еве ни го дедо Богомил! Вашите цареви и кралеви владееја над нашата земја со крв и гнасотии, и вашата тапија над земјата македонска е и така крвава и гнасна. Но колку е светла и силна царштината на деда Богомил, на македонските богомили! Колку е по силна и по висока мислата на деда Богомил, от славата и споменот на сичките ваши кралеви и царја, и на сичките гнетачи и јадачи народни, от памтивека па до сега! Ние, Македонциве, по патот на деда Богомил, по мислата на неговата вечна борба, по трагот на неговата силна вера – ке си ја дочекаме и нашата зора!

Сонцето и Ѕвездите Sunday, Dec 9 2012 

Уште кога не бил веков направен, Христос бил роден.
Бидејќи бил малечок, се покрај Бога си одел; и за пола му се држел. 
Кај ќе одел Господ, сполај му, по него одел и Христос.
Дури мака му било на Бога дека се по него одел малечок Христос.
„He туку иди по мене, а чедо, му велел Господ, седни си на земи, поиграј си нешто, како сите деца што си играат”.
Кога го чу тој збор Христос од Бога, веднаш му се иставил од коленото и си седнал на земи да си поигра.
Првата играчка на Христа му била да си копа земја со теслата и да си направи кал,
а од калта си направил едно чудо чудесија топчиња,
како туталиња и си ги клал на герамитчиња да му се сушат.
Одел, шетал Господ и наминал кај што му бил син му Христос, да го види што прави.
Кога го видел извалкан од калта во рацете и во алиштата, се застојал да види што правел, што се извалкал толку од кал.
„Mope што така си се обацал, бре синко? му рекол Господ,
Што е таа кал што си ја направил пред тебе?”
„Топчиња за играње си правам, тате”, му рекол Христос.
„Арно си направил топчиња, бре чедо, му рекол Господ,
ами чуму ти се толку чудо топчиња, што сакаш да ги правиш?”
„Ќе си ги фрлам, тате, наугоре како топки, за да си играм со нив”.
„Е, лели така ќе си играл со нив, му рекол Господ,
ај фрли ја онаа топка поголемана наугоре, да видиме дури кај ќе ја фрлиш”.
Co радост голема Христос беше го послушал татка си, та ја грабнал големата топка и ја метнал наугоре вишно-небо.
По божји блаосов беше отишла топката многу далеку и застанала на едно место,
та се сторило сонце.
На часот беше светнало како некое сонце утрено,
кога да болсне во човечките очи и да не може во него да се опули.
Туку си ги клало Христос обете рачиња на очите, да не му се земе зракот од сонцето.
„Еј синче, видиш големата топка како ти ја направив да свети како сонце?
Ај расфрли ги сите топчиња наугоре, за и тие како неа да се направат”.
„Ќе ги фрлам, тате, му рекол Христос, ама те молам да не ми ги направиш како големата топка, да свети толку многу, за да не можам во неа да се пулам”.
„Мошне арно, чедо, ај ги фрли ги топчињата, та јас знам како ќе ги направам”,
му рекол Господ.
Веднаш ги грабнал Христос сите топчиња со обете раце, ги исфрлил едни надесно,
а други налево, едни угоре, други удолу.
Сите се распрснаа по широкото небо и секое топче и топка се застојала на местото кај што ја благосовил Господ.
Од тие топки и топчиња Господ ги блаосовил за едно да бидат месечина,
други — големи ѕвезди,
и најмалите — помалите ѕвезди.
Кога виде Христос оти сите топчиња му застанаа на високо, и кога виде оти нема со што да се игра, грабна од земјата со раце и се расфрла по ѕвездите со земјата на нив, за да ги турне; арно ама Господ и земјата беше му ја блаосовил, тики му се сторила ѕвезди ситни. Од таа земја била Кумовата слама, ѓоа ми ти.
Ете така се сторил веков.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Силјан Штркот Sunday, Dec 2 2012 

Во село Мало Коњари имаше еден човек многу чесен и кроток, на име Божин. Тој имаше само еден син на име Силјан; имаше Божин и една ќерка. Силјан беше многу гален и од татка и од мајка, чунки од многу синови Божинови само Силјан беше останал жив, та од тоа беше гален многу и беше го ожениле уште на шеснаесет години и на седумнаесетте години му се роди на Силјана едно дете машко, му го викаа Велко.

Бидејќи гален Силјан и аџамија, ич ќеф немаше да работи селска работа: орање нивјето, копањето лозјата, жниењето нивјето, вршењето и овците гледање оставени беа на Божина и на Божиница. Неда, невестата му, и сестраму, тие да ја работат куќната работа, а пак Силјан ќеф имаше пазарџибашија да биде; да беше кабил катаден да оди на Прилеп на пазар, да купува вино и ракија и друзи слатки работи.

Секое одење на пазар, Силjан, уште не слезен од коњ, право ќе појдеше кај лебарниците и ќе земеше еден топол сомун ас-екмек и ќе си купеше тан-алва, та ќе јадеше. – „ Е, кога ми е посладок сомунов со тан-алвава, бре браќа, им велел на другарите си, како да јадам од дома ’ржани леб?“ На тие зборови и друзи Силјанови што им ги велел на другарите, тие уште повеќе го насрчувале да јаде најслатки работи, чунки покрај него и тие јаделе и пиеле. Некој пат ќе одел на пазар, тики ако му се најдеа повечко пари, два-три дни не си идел ни во најсилната работа дома.

Многупати татко му го скаруваше за дека се забавал в град и не идел да му помага во работата; арно ама Силјан беше фатил еден лош пат, тики ич не го слушаше татка си и мајка си, што ти велат вај, бај да не се настрви пес на касапница, да после мачно е да се одучи. Многупати татко му го поучуваше со кротко, до колку знаеше сиромав Божин, и многу примери му носел ѓоа да се тргне Силјан од тој пусти ајљазлак.

„Синко бре, чедо бре, Силјане! Остај се, бре чедо, од лошиот ајљазлак што си го фатил; остај се од тие лоши другари што не се домаќинска челад; тие те лажат, бре синче, да арчиш пари по пустина, та и ти да се осиромашиш после како нив! Немој, бре чедо, не оди по умиштата од тие другари; слушај ме, синко, јас што те учам и мајка ти, оти ќе те фати некоја клетва од нас, бре синче Силјане! Веруј, синко, оти секој син и ќерка што не слушале татко и мајка големо наказание од Бога добиле. Слушај, синко, нешто што ми текна да ти кажам: за Сивета и Чулета. Тие две пилиња и ти сам си ги видел и си ги чул, синко, в поле кај си стојат по шипјето и глогјето и си пеат; едното си пее: сиве, сиве, а другото – чуле, чуле. Ете тие две пилиња, синко си биле некогаш брат и сестра. Многу биле лоши, разлавални; татко и мајка ич не ризале, многу ги огорчувале, и зер татко им бил многу лут, така и мајка им, та беа ги колнале многупати, ете зер ѓавол натемаго беше се погодил, чедо, некој лош саат, кога ги колнала мајка им вака: „Синко Сиве и ти ќерко Чуле! Пилци да се сторите и од куќава наша да одлетате, да в поле да појдете по трњето да стоите и еден-друзи да се барате, та да неможете никогаш да се најдете. Така куртулија од вас да имаме, од вашиве маки што ни ги давате.“ И за вистина, синко Силјане, беа се сториле пилци и си пошле в поле да живеат по трњето и катаден еден други да се бараат и да не можат да се најдат и да се видат. Ем, тако ми Бога, чедо, тебе може да ти се чини лага, ама мене за вистина, чунки ми е приказано од деда прадеда; чунки во стар век, синко, не лажеа нашите стари како сега што лажат младите.

Дека многу те милувам, синко Силјане, та затоа ти ја прикажувам оваа приказничка, да се свестиш и да се оставиш од тие лоши другари што те учат на лошо оти може Господ да те стори со секакви лошотии. Најпосле, чедо, не знам друго што да ти речам и да те учам отколку што сум чул од татка ми, Бог да ми го прости. Тој многу пати велеше: кој оди од кол на кол, колот…… ќе му се пикне. Ти, синко, не ме слушаш за ова што те учам сега; арно ама ќе дојде саатот, што моиве зборови се по глава ќе те удрат и тогај ќе поверуваш; арно ама што рекол некој: ќе ти дојде умот, ама ќе ти појде кумот. Толку знам сега, Силјане, толку ти велам. Прави што правиш, чести си го таткото и мајката да не добиеш некоја клетва во некој лош саат, да да тргаш мака“.

Дури го учел Божин Силјана сина си, се се пулел во гредите и во ѕидовите, чунки како крв му се гледаше татко му пред очите кога го учеше. – „Ако се раздени, ќе ти кажам јас тебе клетва ќе добијам и друзи маслаати што ми ги кањараш ти мене, си велел сам со себе Силјан, дури да си појдам в град, да ќе ме видиш ти овде да ме тераш ти на жниење на оваа силна горештина, бидејќи има в град ладни меани, да седам и ќеф да терам со граѓаните. Блазе си им анасана на граѓаните, тие ете тие живот поминуваат ја, а не како ние селаните ќе испукаме од горештина, пот да ни тече од челото како река. Утре, дај Боже здравје, одење в град и назад нема да се вратам од овие тешки лакрдии што ми ги рече стариот, да знам оти за вистина клетвата негова ќе ме фати; пиле да се сторам, бело море и црно да прелетам, ама уште еднаш при татка не дојдувам. Ете лели со инаетлак татко ми ме фати, чекај да ме види што маж сум јас. Лели за инает, еден товар сол ќе јадам, ама не му се поклонувам.“ Размислувајќи ги овие зборови и друзи ноќта, Силјан уште во темни зори ја праштил в град и си ошол на еден ан кај што си одел секогаш.

Вечерта за касметот од Силјана дошол еден дуовник на анот, од Божи гроб, да проси милостина по вилаетот Прилепски и по други. Арно ама дуовникот други пат не бил во тој вилает, за да знае да шета сам и му рекол на анџијата за да му бара некој калауз, за да го шета по селата и по градовите. – „Ха, еве ти, Силјане, тебе работа како што бараш, му рекопл анџијата на Силјана, на нога да шеташ по селата“. Силјан асли тоа бараше, за да го пука татка си и мајка си, кога ќе чујат оти и од Прилеп беше избегал. Се удрил со дуовникот и Силјан на пазар; вур, тут, веше ујдисале поштозашто и утрото тргнале по вилает да просат милостиње за на Божи гроб.

Целото лето и есента што шета Силјан со дуовникот и на ден Митровден си дошле во Прилеп и извадил дуовникот пари да му плати на Силјана ругата, колку што беше погоден. Арно ама Силјан парите не му ги земал, чунким сакал и тој да оди со него на Божи гроб. – „Аман, оче дуовниче, те молам, земи ме и мене со тебе на аџилак, за да се сторам и јас еден аџија, да и да умрам да не жалам“. Вака му велеше Силјан на дуовникот и му се молеше дури со плач на очите за да го земе на Божи гроб. Никако не му даваше рака на дуовникот за да го носи Силјана со себе на Божи горб, чунки сакаше да арчи пари за него повеќе отколку што му чинеше ругата. Му се товари анџијата на дуовникот и го моли да го земе Силјана на аџилак, да отаде назад како знае нека си прави. Најпосле, беше кандисал дуовникот и го зел Силјана со себе за на аџилак.

Дошле на Солун и влегле во една гемија та се упатиле за на Божи гроб. Одела што одела гемијата по правиот пат и по некој ден свртел еден противен ветар многу силен, та кога ја подбрал гемијата по морската ширина, летала како некоја црпка по талазите што биле по морето. Бре овде ќе се удави гемијата, бре онде ќе пропадне, една цела недела што ја тера гемијата и едно утро приближила гемијата до една ада, та кога се удрила од камењето, парче по парче се направила; сите што беа во гемијата се удавиле, само Силјанче беше се нашол на една штица задржан и беше го исфрлило далгата на суво.

Многу време стојал Силјан на суво фатен на штицата и се му се чинело оти се носи на море. Некое време сетил оти е на суво и станал просто та се избавил. Застанал крај моер да гледа кај што се скрши гемијата, да не нешто излезе од море дуовникот. Арно ама залудо што чекал Силјан, чунки дуовникот и сите друзите што беа во гемијата, беа се удавиле. Откога виде Силјан оти никој не излезе, тргна да оди по адата, да види што земја ќе биде таа.

Оде што оде и најде еден извор, та појде и се напи една вода; до изворот најде емиш зрел и си скинал та се поранил, оти беше умрел од глад. Над изворот најде една пештера и тамо беше си влегол за вечерта да преноќева; арно ама ако дојде ти да преноќеваш и да заспиеш тамо, да и Силјан да заспие! Целата ноќ што мислел и думал, за кај бил и сега каде е во таа пустелија кај што петел не пеал и куче на лајало. –„Ах мајче! ах татче! ах мое мило синче, и ти моја мила сестро! и ти моја мила домаќинко! Дали ќе видите некој сон оти јас се избавив од улавото море што ќе ме удавеше? Дали ќе видите некој сон оти јас сум во една пуста земја кај што петел не пее! Ќешке со пушка да бев убиен, мајче, и тамо да бев умрен, во нашите гробишта да бев закопан, за ти, мајко да ми идеш на гробот да ми палиш свеќа и да ми раздаваш задужбина! Ами тука, мајко, во оваа пустелија ќе умрам и орли и врани месата ќе ми ги јадат. Ах, татко, татко, зошто толку лошо ме колна за да дојдам во оваа пустелија!“ Со тие зборови и друзи Силјан целата ноќ си ја поминал и одвај во зората беше мигнал малку, та кога се разбудил сонцето беше огреало. – „Сполај ти, Господи, сполај ти, оти сонцево грее од кај што заоѓа овде! Чудна земја ќе биде оваа, си рекол сам со себе, зер долна земја ќе биде оваа! Ејди јас сиромав, нема за мене избавиште и одење веќе во Коњари. Ах, село златно, ах град Прилеп златен, дали ќе ме донесе Господ уште еднаш тамо! Ако рече Господ уште еднаш јас да појдам тамо, три години ќе чинам измет на манастир на Трескавец, на Богородица. Оф јас сиромав само со умот што се богатеам, оту уште еднаш јас ќе било касмет да си одам, ами види го тоа широко море: до кај јас да се вратам уште еднаш назад, овде коски ќе окапам и друго ништо“.

Со прво беше направил еден крст на едно дрво, од некое суво дрвце, за да го познава местото, чунки ќе одел како внатре во адата, за да види што има и што нема, да ако нема некоја трага од човека, пак сакал да се врати назад кај изворот за да поживее тамо со емишот што бил на дрвата.

Си зел в раце едно дрво некастрено како за стап, раце да му се најде, за од лошо да се брани, и тргнал на угорното да оди. Колку еден саат што одил, пак нашол извор со вода и чунки одел прекутрупа, на многу места наоѓал јаготки и си јадел. Тоа само му било мака, што не можел да види некаков пат и да види некоја човечка трага. Пред се тоа Силјан си патувал со голема надеж да најде некоја трага и до кај пладне го изодил угорното, та се качил на планината и кога се опулил натамо, видел едно поленце опколено со планинки и ридови, прилично како Прилепското. – „Сполај ти, Господи, сполај ти, си рекол сам со себе Силјан, дали на Крушово се наоѓам овде и го гледам нашето поле? Дали сон гледам и јас не знам. Во тоа поле треба да има луѓе, чунки гледам како да има ливаѓе и нивје“.

Со надеж Силјан да најде луѓе, тргна да оди од планината в поле. И до кај десет саатот дошол во крајот од полето и видел еден пат кај што оделе луѓе. – „Ете ми трага од луѓе, си рекол сам со себе Силјан; арно, ами што знам што луѓе ќе бидат? Ако се Македонци, арно, – ќе се разберам; ами ако се Турци или Власи или Арнаути, како ќе се разбирам за да зборувам?“ Така си мислел Силјан и си патувал по патчето што го нашол. Патчето било низ едни ливаѓе и во ливаѓето имало киселица, та Силјан си набрал и се изнајал од неа. Близу пол саат што одел, и кога дошол до една тумбичка, се качил на неа и чул од луѓе зборови; арно ама ништо не разбирал од тие зборови, така му се чуло, како кога да кљакаат штркови. Се уплашил сиромав Силјан едно чудо, чунки си рекол со умот оти ќе бидат некои ѕверови. Се засолнал зад едни шипје и отаде ги видел луѓето. Тие си биле маж и жена и си коселе една ливада. Думал, мислел Силјан, како да прави, дали да им се јави, дали назад да се врати. – „О јас сиромав, си рекол сам со себе, угоре високо, удолу длабоко, да се вратам, кај џевнем да одам? Да им се јавам на овие луѓе, ми е страв да не нешто ме отепаат или да не се некои диви луѓе од долна земја? Како да правам, златен Господи? Ај, на име Божје, ќе им се јавам, да како сака нека биде; и така јас сум загубен и така“.

Излегол од зад шипјето и тргнал кај луѓето да оди со прекрстени раце и со солзи на очите, се приближувал кај нив. Едно го виделе Силјана мажот и жената, ги оставиле косите и си проговориле помеѓу си со нивниот јазик и се изнасмеале. Си рекол со умот Силјан да не им проговори, ами да им се поклони, чунки чу оти тие си проговориле по нивниот јазик. – „Од кај ќе знаат овие луѓе, си рекол Силјан сам со себе, по мојот јазик, за да им речам добровечер“. И едно се приближил пред нив, им се поклонил со рацете на градите и ја наведил главата пред нив без да им рече добровечер. – „Море што не проговориш, бре Силјане, да речеш добровечер, му рекол мажот, или помози Бог? Дали онеме нешто од морето што си пливал, дали што?“ – „Сакав, стрико, да проговорам, арно ама чинев оти не знаете по мојот јазик. Вие еве сте знаеле и по македонски и сте го знаеле дури и името мое, рекол Силјан; ви се молам, стриколе, од кај ме познавате мене што ми рековте на име? Јас вас до денеска не сум ве видел ни во некое село ни пак во некој град; летоово јас со еден дуовник го шетав сиот наш вилает и по села и по градови; арно ама нигдека како вас Човек не сум видел. Ви се молам, стричеле ако не ми кажеш од кај ме знаеш?“ – „Лели те довеал ветрот у нашава земја, кај што човек не дошол досега, му рекол, ќе ти кажам од кај те познавам, чунки си имал касмет да се видиш со мене и гостин ќе ми бидеш у мене. Ја повели, седни, и на малку леб и сирење касни, да тамо ќе се разбереме за се што има да не прашаш и да те прашаме“.

Се смрачило и си го зеле мажот и жената Силјана, та си го однесле дома. Едно влегле во дворот и го догледале синови му на човекот Силјана, дале радосен вик децата: „Иии, ене го Силјан од Коњари; ене го Силјан од Коњари кај ни иде на гости.“ – „Шоана, али навистина е ова, али на соне; види сега и децана да ме познават и на име да ме викаат, чудна оваа работа ќе биде; ај да видиме Господ што ќе каже“, си велел сам во себе и влегол у човекот дома. Се натрчаа сите и добродошол беше му рекле. Го навечерале со најубави манџи како секој гостин најмил. Силјан не можел да се начуди на луѓето, кои се и во кое место се. Еднаш се преесапил, како да е во Охридско Поле и Струшко, чунки тамо имало езеро, да може морето да ја донесло гемијата во езерото и тамо може да се скрши и тој излегол. – „Хаа, не сум Охридско Поле и Струшко; чунки тамо вакви луѓе нема со олку долзи носеви и олку високи во нозете; овие луѓе не се асли како нас, си велел сам со себе. Е арно не се како нас, ами од кај ме познаваат мало големо во куќава шо се?“ Дури си мислел така Силјан, сам беше го оставиле во една одаја луѓето, чунки ошле да ги наранат имањето.

По малку време беше се собрале сите куќни луѓе и дури некои од комшиите и курдисале муабети да го прашаат Силјана. – „Е, Силјане, како е татко ти Божин со здравјето? Го прашал домаќинот, како е мајка ти Стојна, невестата Неда? Ами како е сестра ти Босилка, син ти Велко? Сите здрави и живи се? Ами ти бре Силјане, како си сега со татко ти, али го ризаш потроа? Дали повеќе го пукаш?“ – „Тукуречи повеќе го пукам, стрико, му рекол Силјан, одошто го ризам. И од тоа пусто неризање мое ме накажа зер Господ што дојдов во вашава земја“. Оттука зафатил Силјан да им ги кажува на луѓето сите грешки што му грешавал на татка си и на мајка си, што им правел, при се што домаќинот од половината и повеќе беше му ги знаел на Силјана грешките.

Откога го доказа сето сторение негово, Силјан им се молил за и тие да му кажат од кај го познаваат и од кај го виделе, што му ги кажувале грешките како со очи да му ги гледале. – „Ејди, синко Силјане, му рекле старите, ние сме дојдени во вашето село Коњари уште не беше роден ти; ние сме живееле на вашата куќа; ние знаеме се што имате дома, ем поарно од тебе. Знаеш али не знаеш? И дека ти кажуваме вака тебе дури како да не ти фаќа вера, ама откога ќе ти докажеме здраво, после ќе веруваш“.

Туку седи Силјан и се чуди на тоа што му го кажувале; каква работа ќе биде таа, луѓе невидени ни чуени да му прикажуваат за се што имал дома и за што му се сторило нему и во селото. „ Ви се молам, браќа мои, кажете ми каква е оваа работа што ми знаете се што имам дома? Дали ангели од Бога сте и сте дошле у нас, дали светци сте? Дали пилиња сте и сте долетале у нас? Дали што сте, ве молам кажете ми да се уверам, оти на ум сум станал со вашава приказувачка“. – „ Еве зошто ние знаеме се што имате дома, Силјане, му рекле, оти ви седиме на куќите; ние се правиме штркови, Силјане, и ви идеме во вашето село и во сиот вилает ваш“. – „ Ами кога се правите штркови, им рекол Силјан, зошто сте сега луѓе?“ – „Оти луѓе сме, затоа луѓе сме, му рекле, а за штркови што се правиме, си имаме од деда прадеда клетва да се правиме, чунки тука ние, Силјане, не е чаре да родиме челад според една клетва што ни е оставена од деда прадеда како што ти кажав уште од понапре“. – „Ами не е чаре, стрико, да ми кажеш каква била клетвата од дедови ви за да не раѓате челад?“ му рекол Силјан. – „Можам, Силјане, да ти кажам како се сторило себап за да не ни траат челадта во старо време и да одиме во вашите страни да раѓаме. Имало во старо време некој си старец што бил како светец на оваа земја. Во тоа време децата од преку-преку-дедови ни биле многу лоши; не ги слушале таткови си и мајки си, а пак татковите и мајките ич не ги повелале, триста лошотии правеле. Само тој старец ги учел и децата и мајките и татковите за да не прават така, оти големо зло ќе ги најде. Еднаш беше ги скарал неколку деца што биле собрани онде на крај селоно под едно дрво јаворово. Бидејќи лоши многу биле децата, го удриле од земи старецот и беше му пукнала жолчката на часот. Тогај беше го проколнал старецот сиот народ што се наоѓал во нашава земја: „Ох да би Господ ве судил деца, им рекол, што ме отепавте на правина! Да дадеше Господ една сипаница лоша да дојдеше и сите вас да ве собереше, та после векот едно да не пркне: овде да се роди, ама бело море и црно да препливаат таткови и мајка ви, тамо да видат челад; откако ќе видат челад тамо, еден Господ нека суди и еве јас си умирам“. Тие и други зборови беше рекол стариот и беше си умрел, и тамо беше го закопале. На трите години од помеѓу гробот на старецот извреа два извора што се и ден денеска. И за вистина, Силјане, клетвата од старецот, што ги колна прадедови ни, ни се исполни и до неколку години сите деца од лошата сипаница изумреа и останале сите како црни кукавици без челад; да му е милост на Бога, зер нејќел да не сотре сите, ами и дошол на старата од стариот на сон за да им каже на дедови ни да појдат кај изворите и во едниот извор да се искапат, та ќе се сторат штркови, и да прелетаат бело море и црно, та да појдат во вашата земја и тамо челад да родат и да ги изгледаат, та пак овде да си дојдат и да се искапат во другиот извор, та да се сторат пак луѓе. И ете кај си правиме така од илјадница години и дури стои веков, Силјане внучко се така правиме“, му рекол домаќинот и друзите.

– „Сполај ти, Господи, сполај ти, бре стрико, што беше била клетвата лоша, им рекол Силјан, татко ми кажуваше за две пилиња што се кај нас в поле, едното го викаат Сиве, а другото Чуле. За нив татко ми прикажуваше оти тие биле брат и сестра и ич не живееле како што рекол Господ, та беше ги колнала мајка им и татко им да се сторат пилиња и да одлетаат в поле, та да се бараат и еден други и да не се најдат. Ете вистина, стрико, се тие пилиња кај нас и везден кај се бараат и не можат да се видат. Арно, сега салам поверував оти клетвата од татка и од мајка фаќала, чунки еве мене кај ме фати.

Тоа веќе, стрико, оти е така како што кажавте, така си е, и не инаку, туку јас сиромав, како ќе правам за дома да си одам? Некоја гемија дали дојдува покрај земјава ваша за да се качам и да си одам? Чунки сам знаеш ти стрико; те молам, стрико, ако е кабил, кажи ми како ти е името? ( „Името ми е, Силјане, му рекол домаќинот, Аџи Кљак-кљак, внучко!“) – колку е жал за кај што се родил човек“. – „Колку за гемија, Силјане, околу нашава земја не е чаре да може да дојде, чунки бијат талазите во бреговите и околу наоколу бреговите се спили и камења. Ем јас чунки сум прв на земјава наша, како војводата ваш што го имате во Прилеп, така и јас сум овде, – да сум ја опколил сета земја околу наоколу сум видел оти не може ништо да се прибере од лоши спили и далги. Туку ти лели си при мене, нема да те оставам овде, ќе ти барам некое чаре и ќе си одиме заедно дома. Ем еве како ќе направиме. Кога ќе ни дојде времето за одење кај вас, ќе се искапеш и ти и ќе се сториш еден штрк, ќе си земеш едно шише вода од другиот извор и ќе си го обесиш на гуша и кога ќе си одиме дома, ќе се потуриш и еве си пак човек. Ете така, Силјане внуче, ќе си одиме, ич да не береш колку за тоа гајле. Дотогај ти гостин ќе ни бидеш, јади си, пиј си и ќеф терај си“, му рекол Аџи Кљак-кљак војводата.

Откога беа го довршиле муабетот, легнале и си спале. Утрото станале и го зел Силјана Аџи кљак-кљак, та го прошетал низ неговото градче и го однесол кај двата извора, што се правеа штркови и човеци – „Ако не веруваш, Силјане, оти човек се прави штрк, еве јас ќе се искапам за да поверуваш“. Влегол Аџи Кљак-кљак во изворот, се искапал и се сторил штрк. Летнал вамо, летнал тамо, прокљакал и пак се искапал, па се сторил човек. Брго-брго, Силјан и тој така се обишол и се сторил штрк и пак човек. Со тоа се уверил Силјан оти ќе си одел дома.

Неколку месеци што седел Силјан тамо, во сите полски работи им помагал. Али е тој Силјан што не работеше дома кај татка си? Тамо работел гологлавечки и јуначки. Приближало времето за да се готват за вамо да идат, пратил пратеници Аџи Кљак-кљак по сите домаќини и сите младоженци да идат тамо за да се прават штркови. Во неколку дни се направија штркови и сите одлетаа крај море за да се чекаат дури сите да се соберат. Тамо имало едно големо блато и во блатото илје и милје имало жаби и други водни животники, тамам за штрковите гозба. Си наполнил Силјан едно шише од човечката вода и си го врзал на гуша, та си се сторил штрк и си летна заедно со Аџи Кљак-кљак, та дошол кај што беа збрани сите штркови. Откога се изнајале сите арно убаво од жаби, се дало заповед од Аџијата и сите летнале и се извишиле наугоре дури до облаци.

Отаде бе се упатиле право за кај нас да идат; летале, летале токмо 24 саати, дошле до една ада, та слегле на адата и се најале отаде жаби и друзи животинки. Во тоа време ете кај иделе низ море две ламји за да ги јадат штрковите; едно се приближале, и штрковите летнале пак вишно небо. Откога се извишиле до облаци, беа му се пуштиле за кон кај нас да си идат.

Летале што летале и приближиле до некое краиште од земјата, слегле и си починале, си попасале тамо троа тревичка, чунки такво било местото што немало никаква животинка рана за штркови. Откога се починале и се понајале, си летнале пак и си дошле во тие земји кај што си имале седела, та секој си тргнал во својот вилает, а Силјан со Аџијата и друзи се упатиле за кај Прилеп. Кога дошле близу селото Плетвар, кај дервенот, го видел Силјан полето Прилепско; ги видел Маркови Кули; го видел манастирот Трескавец, и од радост веднаш слегол до едни камење, за тамо да се потури со шишето вода, за човек да се стори и оттука пеш да си оди дома.

Арно ама што рекол некој: „Не треба човек да се радува многу, ни да жали многу, оти зијан ќе го најде“. Така и Силјан коњарецот, голема радост му се сврте на голема жалост, чунки од големата радост слегувајќи на земи не стори мукает да не го окрши шишето; да што рекле стари: „зла суправа – готова штета“, така му се сторило и на Силјана, дека силно паднал на земи и го удрил шишето од каменот и го окршил парче по парче и водата се разлеала по каменот. Брго-брго се испрепелал над истурената вода Силјан, арно ама немаше да се натопи барем ич и си остана пак штрк.

Радоста од Силјана се свртела на преголема жал и плач и тогај дури се уверил оти штрк ќе си биде и штрк ќе си умре. – „Ех, кој не слуша татко и мајка, си рекол сам со себе, клетвата го фаќа, нели ме донесе Господ на мојот вилает, не ни е толку жал, чунки овде ќе си умрам“. Со тие мисли Силјан си летна од Плетварско и си одлетал во село Коњари, та си кондисал на седелото од Аџијата. – „Силјане, му рекол Аџијата, при се што те милувам многу, атер нема да ти остане, нема да седиш во моево седело, ами ќе си седиш на другиот крај на куќата, чунки нам ни е седелото домаќинска постела. И не бери гајле, пак јас ќе те однесам и ќе те донесам и пак човек ќе те сторам; арно беше сега да не го окршиш шишето, ама откога ќе се стори едно лошо, не се враќа лесно. Здравје нека ни даде Господ и сè ќе биде“.

Му текнало на Силјана оти така е како што му рекол Аџијата и си отишол на другиот крај на куќата да седи. Бидејќи било многу рано, уште не беа развражале куќните луѓе, само татко му беше излегол во двор, со прво него го видел и од жал што му паднало се расплакал. По малце време беа растанале сите од куќа и секој по нешто работа работел: мајка му фатила кравите да ги молзи, невестата му овците ошла да ги молзи, син му свињите и телците, прлињата ги испуштило за в говеда да одат, сестра му куќата фатила да ја мете и гнојот да го фрла. За Силјана и напре немало работа и сега немало, при се што сега му се смилила работата и куќата; арно ама требало да си ја трга џезата што го колнале татко му и мајка му.

Откога си поплакал Силјан на куќа на деветти марта за домашните, кога ги гледал и не можел со нив да зборува, на жалта згора си летнал од куќа и си ошол в поле да си ги види нивјето, ливаѓето, лозјата и чаирите кај што паселе говедата. Прошетал по сето Коњарско поле и слегол дури на Врбјанско, крај блатото, та си се најал жаби, кауѓерици, скакулци и гуштерици. – „Ах, јас сиромав, си рекол сам со себе, дали така ми било речено, наместо од прасе месо да јадам понапред, сега си јадам жаби; наместо јагули и риби напред што јадев во златниот град Прилеп по ладните меани, сега си јадам гуштерици и кауѓерици. Нека ми е уѓе: на таква глава таков брич, што го вели тој збор татко, ем ак има што го вели, чунки се што ме учеше и ми велеше, се по глава ме удри. Ах Боженце, и ти златна Богородице, ви се молам, душата да не ми ја земете дури не се сторам пак човек и тогаш ќе познае татко ми и мајка ми како ќе работам во куќава и како ќе ги слушам“.

Кога ќе се замислел Силјан штркот понекогаш вака тики ќе се заборавел кај што стоел. Стоејќи еднаш на куќа, ја видел жената му кај ги молзе кравите и од милост на убавите телиња слегол во двор и отишол до телињата да ги помилува ѓоа; арно ама кај го знаеше син му Велко оти штркот Силјан е татко му; Велко си имал едно стапче в раце, и видело оти телињата ги милувал Силјан со клунот, та и свикало на мајка си: „Мајко мори, види го штркот ќе ги јаде со клунот телињата!“ – „ Не јаде штрк телци, а чедо, туку лели ти е страв, бркни го.“ Кога чу Велко зборот од мајка си, фрли со стапчето по него и го удри по глава, та го ошумоглави и не можел Силјан веднаш да си летне. Кога видело Велко оти стоел Силјан на тоа место, пошол да си го земе стапчето и го грабнал штркот преку половина со обете раце и свикал по мајка си: „Мајко, мајко го фатив штркот.“ Во тоа време дошла кај жената му и мајка му да и помага за кравите молзење. И нејзе и кажувал Велче оти штркот го удрил со стапчето и после го фатил. Пусти Силјан тогај дури се сетил оти штрк е и може син му да го удави и умре, ако не беше му свикала мајка му на Велка да го пушти од раце, и умирачка ќе си го најдеше, чунки можеше да го врзе Велко со еден сиџим за нога и да си игра со него, како што си играат деца кога да врзуваат врапчиња и чавки. – „Пушти го, Велко чедо, штркот, пушти го, му рекла Неда, оти е гревота, зер и тој, завали, е некој вдовец ја вдовица како мене што сум без татка ти, еве ќе стори близу две години како поштукот му го нема. Да што бил црн пусти касмет мој, да останам уште млада вдовица.“ Од тие зборови што му ги рече на Велета, беше го пуштил штркот Силјан и си одлетал Силјан на куќа. Збивал, збивал, одвај душата си ја зел од пусти страв што беше превидел од држењето на Велка.

По неколку дни му се смилило на Силјана да појде кај трлото да си ги види јагнињата, чунки тогај се јагнеле. Одејќи околу трло, го догледала кучка Лиса и му се пуштила молкома, та го фатила за опашка. Ако не беше и свикал очарот Смиле на кучка да го пушти Силјана, ќе го испердушела уште за малце. – „ Погледај, кучкана една, ќе го испердушеше сиромашкиот штрк што си е единак,“ овчарот рекол. И тогај Силјан куртулисал од смрт.

По некоја недела ги спрегнал татко му Божин воловите и отишол на нива да ора. Си го зел со себе внука си Велка да му ги тера воловите. Му се смилило на Силјана да појде и тој на нива за да го гледа татка си како ќе ора. Тргнал една бразда, две, Божин во нивата и Силјан застанал на долниот крај кај нивата да им се пули на браздите што ги ора татко му. Гледајќи во браздите видел кај мрдаат од земјата црвените црвје. – „Ја чекај да си позобам троа црвје, и така ми се јаде,“ си рекол Силјан и си влегол во браздите да си збира црви.

Оди по бразда, чини, и збира Силјан црви и бидејќи многу чекореше, дошол близу зад татка си. Не знам како се сврте Велко назад, го видело штркот оти е близу деда си си му свикало: „Дедо, дедо, опули се зад тебе, ете го нашиот штрк.“ – „Ако е, внучко, ако, терај ги ти воловите.“

Поорале уште една бразда, пак Велко беше се опулил и бидејќи дете, пак му свикало на деда си: „Дедо, дедо, ете го штркот зад тебе, заврти се да го видиш.“ – „Море терај ги, бре внучко, воловите, не пули се по чавките, оти треба до ручек да ја изораме нивата.“ Поораа уште малку и бидејќи Силјан си одел по браздите се близу, си зобал црвјето, чунки му се сладило, и му се чинеше оти татко му го милува, без да му текна оти е штрк во тој саат.

Треќи пат пак беше му рекол Велко на деда си: „Тате, тате, види го штркот до тебе.“ – „Е доста со тој ѓаволски штрк, бре внучко, се џари.“ Тоа рече Божин и замавна со остенот на штркот, та беше го удрил по десната нога. Од големата болештина Силјан летнал како некој стршен и отишол на куќа, та си застанал на левата нога да ја плаче лошата болештина од скршената нога. Не знам колку дни што боледувал дури му оздравела ногата.

Вечерта, како што си вечерале дома, му текнало на Велка за штркот како одел по бразда и како го удрил дедо му со остенот. – „За гревови, завали штрк, рекла Неда, што сте го тепале, доста му е самотијата што е вдовец како мене, па сте го тепале.“ – „Тепање, ем лошо тепање сум му сторил, рекол Божин, со остенот ногата сум му ја окршил, ама сиот кабает го има Велко, што сеедно се џареше во него и не ми ги тераше воловите арно. Откога го удрив, го пожалив пусти штрк, ама се стори. Господ да ме прости, неарно сторив, ама пуста лутина човечка е лоша, тики човек колку да се чува да не греши пак ќе згреши.“ Во тоа време Силјан си седеше до баџа и го слушаше сето ова што зборуваа.

Бидејќи сестра му од Силјана била свршена, си седела во двор на ругузина и си низала едно ѓерданче од стари рупчиња. Во тоа време сите куќни луѓе биле по работа в поле, само Босилка била дома и како што си го низала ѓерданчето, го оставила на ругузина па станала да ги види в куќа свињите, нешто пакост да не сторат. На часот на Силјана му текнало та слегол во двор и го зел ѓерданчето и го качил на куќа та го скрил во сламата. По малку време излегла Босилка од куќа и си седна на ругузината. Кога го побара ѓерданчето, го немало; барала, барала и не го нашла, плакала и колнала едно чудо.

По некоја недела беше останала жената му на Силјана сама дома и си седела во двор на ругузина та си везела една кошула со црна преѓа, како за вдовица; си везела и си плакала за касметот што го имала, дека без домаќин останала. – „Не ќе жалав толку, Боже, си велела со жалосен глас, за Силјана мој, ако беше умрел овде, барем гробнината ќе му ја знаев и свеќа ќе му палев, ами како да не жалам и да не плачам кога в море може да се удави одејќи на тој пусти аџилак.“

Силјан ги слушал тие зборови од жената си и срцето му се корнеше, од жал што му идеше; арно ама канонот, што бил даден треќата вечер, требало да го трга.

Станала Неда да си семе нешто дома и Силјан слегол од куќа, та и го зел клопчето што везела сосемати игла и го качил на куќа, та го скрил во сламата за ич да не се сеќава. Кога дошла Неда кај ругузината, клопчето не си го нашла. – „Што се срдиш, мори ќерко, толку, и рекла свекрва и, чунки тогај си дошла од работа, што зијан ти се стори? Ја ај кажи ми да чујам јас, да да видам имаш ли право што се срдиш?“ И кажала Неда оти клопчето и загинало дури влегла дома и излегла, и го зел некој. – „Арно сторил тој што ти го зел клопчето, ќерко, и рекла, оти од узур ќе ми везеш црна кошула, сосила ќе ми се правиш ти вдовица; Силјан ни е на аџилак со дуовникот, а пак ти сосила сакаш да умре и да не дојде; гревота е, а ќерко, ова ти што го правиш; моли Бога за Господ да ни го донесе, не туку плачеш и жалиш. Ете некни ѓерданчето на Босилка и загина; не е човечка глава да, човек умира и никому ништо, а ќерко, а не ти оти едно клопче ти загинало и да плачеш.“

По малку време се приготвиле свадба да прават за Босилка, чунки одамна била свршена. При се што нејќеле да ја даваат без Силјана, арно ама откај зетот не чекале и друго чаре не бидувало: или ќе им ја даделе или ќе ја оставеле; на зортот згора, за да не и го расипат касметот, стрексале да им ја дадат и друго ништо. Си каниле некоја куќа сватови кај Божина и чекаат во неделата да им дојдат сватовите со зетот за да ја земат Босилка. Се задале сватовите од под село да идат: нункото напред со ургулицата в рака, по него зетот и сите сватови, свирејќи со гајдата и фрлајќи пиштоли дошле во Божинови дворови.

Застанал зетот пред врата и сите сватови на коњи, наметнати со белите јапанџаци, на главите фесови тунузи преврзани со белите чалми, опкачени сите со пиштоли жолтомедни, а на нозете сите со скорни црвени. Сите млади и зелени, да ти е мило да ги гледаш. Гајдите свират, дури саѓите паѓаат од гредите. Сите млади коњарки беа дошле во дворот од Силјана за да ја гледаат радоста; сите се радувале и се веселеле; само Силјан штркот стоел на таткова си куќа омаудрен со главата в земи, од голема жал што му дошла, дека ја гледал од сестра си свадбата. – „Ах, проклет да е тој саат, си велел сам со себе Силјан, кога им грешив на мајка и на татка, да ме втаса ваква клетва, бев човек сега и да си ги пречекав сватовите, и јас да се веселам како сите што се на свадбава.“

Влегле сватовите дома да ручаат, а Силјаница си го зела детето за рка и се качила на амбар да плаче и да жали дека не и бил тука Силјан. – „Немој, мори мајко, не плачи за Силјана, и велел Велко, оти за Велигден ќе си дојде аџија.“ Од тие зборови што ги слушал Силјан штркот, голема жал му идела, што дури сакал да се сам убие или во бунарот да се удави; арно ама душа е мила, пак се попишманил. Би свадба, доби, и времето беше приближило да си одат штрковите на својот вилает. Младите штрчиња ги учеле да летаат нависоко и Аџијата беше распратил абер по сите страни да се чинат азар сите штркови, за на свети Панделимон да тргнат за на вилает; му стори абер и на Силјана за и тој да се стори азар.

Во тие неколку дни Силјан го испрошетал сето поле Прилепско и извидел секое долче и ритче. Си ги прошетал нивјето негови, си ја прошетал куќата, и најпосле летнал и отишол дури на манастир на Богородица на Трескавец, та застанал на кубето од црквата и многу и се молил на Богородица, за да му поможе да појде на штрков вилает и пак да си дојде и човек да се стори, та три години ќе служел на манастирот. Си летнал од манастирот и си ошол пак на село. На ден Панделејмон си летнале со Аџи Кљак-кљак и со аџиицата, со децата нивни, и си отидоа во штрков вилает здрави и живи како што сакаше Господин Бог.

Целото лето тамошно што им работил по полските работи на Аџиовците и тие многу го честеле и гледале како свој човек. Приближало времето пак за кај нас да идат штрковите и тогај веќе Силјан беше се сторил мукает, та беше нашол едно малечко црпче и си го наполнил со од човечката вода и го врзал на гуша кога дошол денот за да кинисаат за кај нас да идат.

Како што првиот пат што идоа, така и тогај беа си долетале на нашава земја. Поодиле внатре како кај нас и дошле до едно место од кај што започнувале да се делат штрковите по вилаетите. Во тоа место беше се направил еден бој и многу луѓе имало истепани и изоставени по планината, та поради мршите беа се собрале орли да јадат од мршите. Орлите биле тукуречи и тие на број колку штрковите. Близу до таа планина имало и едно поленце што било полно со скакулци од најголемите, – тамам за рана на штрковите. Слегле тука штрковите и се изнајале арно со скакулците. Ами лели им завидоа орлите, оти јадат штрковите скакулци, и од збор на збор се капаштисаа да се бијат едни други. На кавгата згора се примешаа големците, ѓоа да смират некоја работа, да повеќе ја запалија работата (што ти велаат: „ѓаволот ни ора ни копа, само луѓе скарува“) и туку беше се поткачиле сите да се бијат и да се тераат по таа пуста планина. Три дни и три ноќи што се биле и се тепале. Крв до колена беше направиле. Силјан во бојот никако не зел дел, чунки Аџијата го имал покрај себе и бидејќи бил гостин не го внесол во џенгот. Силјан, дека го носел црпчето на гуша, многу му помогнало да се плашат орлите од него, беше нашол една пештера и тамо беше се засолнал дури се свршил џенгот. И така џенгот се свршил и штрковите наттепале, та си отвориле пат и си се упатиле за кај нас. Радосни штрковите си тргнале и си се упатиле секој род и фамилија за својот вилает, а Силјан со Аџиовци си долетале во село Коњари здрави и живи.

Силјан дошол на амварче и си го отнал црпчето, да си се потурил и ете ти го човек како што си бил дома у себеси при татко и мајка, при жена и дете. Слегол од амбарче Силјан долу и тргнал за дома да си влезе, чунки рано било и малку ремето расипано со дожд и лапавица, била уште баба Марта, та домашните си седеле крај огон и си се грееле. Кучката Лиса лежела на врата и веднаш не го познала Силјана, та го слајала: „хам, хам, хам.“ _ „Лисо мори, на мене лаеш?“ и рекол. – „Ду! Мајко, Силјан по трем проговори“, и свикала Неда на мајка му од Силјана. Рипнале сите просто и на врата в куќи го пречекале, сите плачејќи го избакнале и здраво и живо сториле, а Силјан им бакна на татка си и на мајка си десница и проштење им сака за клетвата што го втаса.

Брго-брго мајката го клала ѓумчето со ракија до огнот да се стопли, а Неда го донесла големиот стол, та го клала да седи Силјана; му ги собула опинците и му ги измила нозете и го променила со велигденската руба. Станал од спиење Велко и си го грабна Силјан в раце, та си го измилувал и слатко си го целивал.

Се расчу низ село оти Силјан Божиноски си дошол од аџилак. Секому радост му дошло оти Аџи Силјан си дошол и отрчал да го види и добре дојде да му рече. Се исполнила куќата од селани, повеќе стари, и секој му велел: „Добре дошол, Аџи Силјане, добре дошол Аџи Силјане.“ – „Море не велете ми аџија, бре селани им рекол Силјан, оти не би касмет да одам на аџилак, чунки дуовникот што ме зеде да ме носи се удави в море; оставете, браќа, не е за кажување и за верување тоа што сум патил во овие две-три години, ама ак ми беше тоа што сум патил оти од таткова и мајкина клетва не сум верувал. Вие, како сте, браќа, како поминувате во селово?“ – „ Море ние, Силјане, сполај Богу, си поминуваме, туку ти, ти како помина по туѓина, кажи ни некои унерии, елбете тоа, што си видел ти, ние не сме виделе,“ му рекле селаните.

- „Ами како се удави сиромашкиот дуовник в море, бре чедо?“ му рекол татко му. – „Ете како: откога влеговме в гемија во Солун, кога не забра еден силен ветар, та кога ја спотераа талазите гемијата, една недела што ја носи силно морете и на неделата кога ја удри од едни спили, парче по парче се стори и за касметот мој ме исфрли на една штица морето на суво. Тамо најдов еден извор и дрвја со емиш, та си појадов и тамо ноќта прележав. Утрото тргнав за повнатре да одам. Одејќи си најдов едно чудо јаготки и со нив проживеав. Цел ден што патував и на пладне стасав до едно поле и ево ти двајца луѓе маж и жена кај си косеа една ливада. Арно ама луѓето беа бамбашка: не беа како нас асли; тие беа во нозете долги и во носовите вудве од нашите носови. Ами лели едно ме видоа и на име ми рекоа и ме однесоа дома, та ме нагостија и многу ме честија.“ – „Море, од кај те познаваа, бре Силјане, што те честија,“ – „Тие луѓе се штрковите наши што ни идат овде, браќа, им рекол; тамо во градот кај што бев има два извора: во едниот да се искапеш ќе се сториш штрк, а во другиот да се искапеш, да се сториш човек. Како било и што било, што се прават тамошните луѓе штркови, другаш ќе ви кажам, браќа им рекол Силјан, сега згора-згора ќе ви кажам оти и јас се сторив штрк на двапати и едно цело лето сум ви седел овде на нашава куќа и сум патил триста маки; арно ама не верувам да ми верувате оти сум бил штрк.“ – „Море ами кој е тој будала што ќе ти верува, бре Силјане, му рекле селаните, оти си бил штрк.“ – „Море браќа бре, ами Силјан е шетан човек, им рекол некој стареа, тики видел замја секаква, ти видел море, тики со секакви луѓе се кунуштисал, да од тоа Силјан се научил вакви приказни и сторении да ни кажива.“ – „Ба, братко, клку за тоа така си е, му рекле друзите на стареата, нека е жив Силјан, многу итроштиње научил дури шетал по туѓи земји, да од тоа ќе знае и приказни што чул да ни каже и да не чуди.“

-„Море не ви кажувам, бре браќа, приказни, им рекол Силјан, ами ви кажувам вистинско сторење и патување мое, и преѓе ви кажав и сега ви кажувам оти штрк бев и во штркова земја бев, две лета тамошни сум работил полска работа во куќата од штрковите наши што се на нашава куќа. Јас знам оти чудно ви е ова што ви го кажувам ама не е чаре да ве излажам, чунки најпосле испат ќе ви го сторам и ќе ве уверам. Јас што дојдов овде, штрк, не оти сакав да бидам штрк, ами клетвата од татка и од мајка ме фати, што не ги слушав како врапчињата Сиве и Чуле.“ – „Море колку за нив знаеме оти се сторија од брат и сестра две пилиња, му рекле сите, туку тој век друг бил, кога шетал Господ по земи и светците, да слушале луѓето што зборувале, а пак севишниот век повеќе ѓаволот шета по земјава, да од тоа тебе не те веруваме да си бил штрк.“

Откога видел Силјан оти не веруваат, почнал да им кажува што му правел на татка си, како го поучувал татко му и тој не слушал, како се главил со дуовникот, како влегол во морето, како се нашол на долна земја, како правел муабет првата вечер у Аџи Кљак-кљак, како му прикажувал за старецот што го отепале децата и што колнал, како излегле двата извора од кога им изумреле сите деца од големата сипаница, како се сторил штрк и си врзал шише на гуша и како патувал од штрковата замја преку широкото море, како дошол над Плетвар и го окршил шишето, та си останал штрк и си дошол дома.

Силјан селаните ги видел оти ним им било како приказна, почнал да им кажува што патил дома дури бил штрк и што видел и што сторил. – „А бре татко и ти мајко, што не ме верувате оти бев штрк и ви седев на куќава на другиот крај; имаше летово еден штрк али немаше?“ – „Е, имаше, бре синко, туку што дека имаше?“ – „Ете јас бев, татко, тој штрк, што си седев на куќа; мајко мори, и ти Недо, знаете кога ги молзевте кравите и ме удри Велко со стапчето, оти си ги милував телињата? Лели јас тогај се ошумоглавив и Велко ме фати, та одвај ме пушти?“ – „Боже! Зер си гледал од некаде, ја ти кажал некој, море синко Силјане,“ му рекла мајка му. –„Арно, за тоа ми кажал, ами за Лиса, што ќе ме испердушеше ако не беше Смиле овчарот да ме одбрани, се сврте кај овчарот и му рече: не беше вака, бре Смиле?“ – „Така беше, така Силјане, вистина штркот што беше сам летоска на куќава, ќе го испердушеше Лиса.“ – „Па некој ти ги кажувал овие работи, му рекол татко му, во градот што ни ги гаткаш.“ – „Е лели и ова не ми го веруваш, бре татко, ами кога беше ти на орање во големата нива, лели ти ги тераше Велко воловите и јас си зобав црви во браздите изорани; ами лели Велко ти рече два три пата: дедо, дедо, нашиот штрк ете го зад тебе, ит ти на треќиот пат ме удри со остенот и ми ја окрши писката од ногата, та едно чудо време боледував, одвај дури оздравев. И вечерта ме пожалавте кога Велко ви кажуваше. Не беше вака, татко?“ – „Море вистина така беше, бре синко Силјане, туку ова ти е кажано од некого, ја на сон ти се сонило а инаку не верувам да било“. – „Ами за Сивета и Чулета како веруваш, бре татко, да за мене да не веруваш му рекол Силјан и си го собул објалото од десната нога та му ја покажал ногата кај што му била заварена“. – „Ја види ја, бре татко, ногата, кај што ми ја окрши и ми се завари“. Кога му ја виде Божин ногата, на чудо беше станал тој и сите селани; арно ама пак нејќеле да го поверуваат оти бил штрк. – „Кој знае, бре синко, според нишаниве што ни ги кажуваш, вистина како да си бил штрк“, му рекол татко му. – „Вистина, татко, и вие браќа селани, им рекол Силјан, ама за приказна е мојава работа што бев дури во долна земја или штркова земја кај што човек досега не пошол и не ќе појде, и да ми верувате оти не е чаре да ве лажам јас, чунки не ќе ви земам нешто да си кладам в ќесе, за да не поверувате за здраво. Еве друго што ќе ви кажам: сестра ми Босилка седеше еден ден во двор на ругузината и си шиеше едно ѓерданче и од ругузината и загина; по неколку дни невестата ми Неда седеше и таа во двор на ругузина и си везеше вдовичинска црна кошула, преденото со сета игла везарка и загина. Не беше вака, ти мајко и ти Недо, моја домаќинке?“ – „Така беше, бре синко, за тоа, му рекла, туку кој беше тој човек што ги зеде?“ – „Ете јас бев, мајко, што ги зедов, и рекол, ја качи се, бре Смиле, на куќа кај што стоев јас, побарај во сламата, ќе ги најдеш, земи ги вамо да ги видат за да поверуваат“. Се качил Смиле и ги нашол и ги донесол пред сите селани да ги видат и да поверуваат. Кога ги видоа домашните, на големо чудо беше станале. – „Сполај ти, Господи сполај ти, што не било да биде, човек штрк да биде“, сите беа рекле и поверувале, та затоа до ден денеска се прикажува за штрковите оти се луѓе. – „Ете вака, синко Марко, се сторило со Силјана од Мало Коњари; знам оти тебе ти е како лага; арно ама мене ми е навистина, оти од татка ми е прикажана оваа приказна“, вака ми рече татко ми кога ми ја прикажа со прво.

- од Марко Цепенков

Патот на душата Wednesday, Nov 14 2012 

Трајан Петровски – Каирска Магија

Грабнувањето на Хелена Wednesday, Nov 14 2012 

Убавата Хелена е сведок за вистинската сила на египетската магија и за моќта на скриеното КА – персонификација на човековото битие. Двојник.

КАИРСКА МАГИЈА

Дервишот и измеќарот Wednesday, Nov 14 2012 

Еден цар имал еден дервиш покрај себе, што знаел што прави Господ и друзи работи на веков.
My текнало еднаш на царот да посака еден човек од патрикот, да се борат со дервишот. Кога го чул патрикот тој збор, многу на гајле паднал.
Се кај што одел, замислен одел.
Го пуштил измеќарот да го свика мезли-чот,
да им каже патрикот што човек сака царот, и за час ги собрал.
Им кажал патрикот што човек сака царот;
арно ама никој одговор не можел на тој збор да му даде.
Кога виде измеќарот од патрикот оти не можат крај да најдат за таков човек, му се моли на патрикот и на мезличот, него да го пуштат,
џувап да му даде на дервишот.
Јок бидува, јок не бидува, најпосле го пуштија.
Одење измеќарот кај царот и се ставиле со дервишот за да се лажат.
Co прво дервишот почнал да му прави ишарет со раката,
со растворени прсти наугоре, како да излегува нешто од земи.
А пак измеќарот од патриког и тој така му направи со прстите одозгора наудолу,
мислејќи си оти дервишот сака да каже — вари некое тенџере, и тој му го клавал капакот. „Е, бре каурче, го прашал дервишот, што сакам да ти кажам со раката?”
„Знам јас што сакаш да кажеш, му рекол измеќарот, ама ти кажи си го твоето, јас ќе си го кажам моето.”
„Јас ти кажав оти се што се раѓа од земи од Бога е,” му рекол дервишот.
„Вистина тоа сакаше да кажеш, дервиш баба, му рекол,
а пак јас ти кажав, оти ако Господ не пушти дожд одозгора, нема да порасте бериќетот.”
Кога го чу тоа нешто царот, бравос му рече на измеќарот од патрикот.
Посакал дервишот млеко и леб и му даде на измеќарот да дроби и тој леб во млекото. Дробејќи измеќарот леб, си ги правел мошне мали залазите и си ги броел.
Таман посркале по пет-шест лажици и му вели дервишот на измеќарот:
„Знаеш, каурче, оти Господ сега јаде леб и млеко?”
„Ни јас знам, ни ти знаеш, дервиш баба,” му рекол измеќарот и го удрил со лажицата по рака.
„Зошто маваш, бре каурче, му рекол дервишот, што ти сторив, ја кажи ми да чујам?”
„Како што ми стори, бре дервиш баба, му рекол измеќарот, кога ми ги јадеш залазите мои, и залазите не знаеш кои се твои да си ти јадеш, та ќе знаеш Господ што јаде.”
Кога го чу царот и тој збор од измеќарот, ашколсун му рекол и голем бакшиш му дал,
а пак дервишот го истерал, суруклеме.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ 

Дедо Боже и двете клопчиња Monday, Nov 12 2012 

„Господ имал две клопчиња, едното бело а другото црно; белото било врзано за црното. Кога ќе го одвиткал белото, ќе било ден а кога ќе го одвиткал црното ќе било ноќ. Толку многу долго било преденото, што дури да го соберел белото клопче, ќе почнело да се одмотува црното, и ќе било ноќе. Бидејки врзани биле крајојте на клопчињата, кога го виткал белото во зимно време, Господ виткал и од црното предено на белото клопче и од тоа се малел денот а се големела ноќта. Така и во лете растел денот, и ноќта се малела…“

- од Марко Цепенков

Кулата Вавилонска Thursday, Nov 8 2012 

По потопот после, откоа беа се намножиле луѓе, имало еден цар. Нему му кажуале луѓе оти било некоаш потоп, со вода на земјава и од тој потоп сите луѓе беа се издавиле; само неколцина живи останале и од нив векот се подновил и се размножил. Уверен бидејќим царот на тоа што му кажуале учените, сторил ниет да напраит една висока кула, дури до облаци. И ако да се стори пак потоп, да се качит горе и да не се удаит од потопот.

Ја зафатил да ја праит со голем зулум. Свикал целио народ да работат. Дење, ноќе работеле, шу побрго да се напраит; арно ама народот не можеле само кулата да ја праат, ами требало и домашна работа да си приработуаат за да се ранат; арно ама силнио цар ништо живо луѓето не ‘и припуштал од кулата.

Коа виделе народот оти царот ‘и терат сосила да работат на кулата, еден по еден сите беа се разотишле по дома.

Дума, шеста царот како да праит за да ‘и натера луѓето да му ја напраат кулата. Најпосле му текнало да напраит остри железа и ‘и закачил на дрва, та да му ‘и даит на својте и со тие остри железа (копја биле, се разбира) да ‘и дупат луѓето и да ‘и плашат, та да работа(т) на кулата. Коа видоа сиромаси луѓе тоа дупење со острите железа, тргнале сите да работат гологлаечки само и само да не ‘и дупат и да умираат (можеби дотогај оружје да немало, што не знаеле луѓето од оружје смрт) по патиштата.

Во тоа време, друго нешто беше му текнало на царот да напраит: насекол парчиња од стребро и му удри на парчињата дамка на името негоо; та ‘и давал на аргатите што му носеле зајре за кулата (пресекол пари).

Од тоа што беше го напраил царот: што напраил стребро со дамка (пари), беше се ослободиле малце луѓето што работеле на кулата. Арно ама мака поголема имале, чунки кулата се праела висока до облаци, тики требало да се носи угоре секакво зајре: камење, вар, дрва и друго што требало, та наместо волои се спрегнуале луѓе и носеле наугоре. Му се здодеало веќе на луѓето, и спискале да се молат прво на царот веќе да ‘и прости и да ‘и пушти, арно ама царот ни баре на ум ја клааше молбата од луѓето.

Коа видоа луѓето оти царо ич на ум не им клавал молбата, се свртеле кај Бога да го молат за Господ да му го сврти умот на царо и да ‘и прости да си одаат дома. Милос да му е на Бога, беше ‘и послушал луѓето. И ева што беше му напраил: му го разменил јазико со седумдесет и седум јазици за да не можат еден други да се разберат.

Еднио на другио му сакал к а л по бугарски, а тој ќе станел, чунки знаел по турски к а л к (стани) се вели. Други му сакал по грчки п е т р а (камен), некого кого викале Петре ќе му дојдел пред него. Треќи му сакал на четврти друго, тој му давал уште нешто подруго. И така не можеа да се разберат. Коа видоа така оти не можеле да се разберат, остаиле да ја работат кулата, и самио цар беше ‘и испуштил секој дома да си одаат.

Останала кулата недопраена, и по малку време беше се искривила малку и ден- денеска стоела, велат старите, накривната, да се паметуа. Коа огреват сонцето, сенката од кулата била колку еден ден далеку да одиш по неа, толку што била висока.

Ете, од тој цар што ја напраи кулата, излегле парите (со турата) и оружје да се бијат луѓето и да се колат како јагниња.

- од Марко Цепенков

Ѓаволот и бабата Monday, Nov 5 2012 

Во некое село имало многу цреши по бавчите.
Во празничен ден беа се покачиле селеките деца и девојчиња да збираат цреши и да си јадат, а пак старците и старите си седеле под сенки и чекале да наберат децата цреши и да им симнат, та да им дадат ним да јадат.
При сите селани и селанки имало и една ба6a што била многу дрчна за јадеше цреши,
та на сите деца што беа качени им посакала цреши, да и пуштат пo унечката, чунки со унечката стоела под децата и им сакала.

Арно ама децата гледаат тие прво да се изнајадат, да после на бабата да и фрлат и долу да им симнат на друзите баби и дедови.
„Фрлете ми мене троа им велела, да каснам, бре синковци.”
Децата ни баре на ум ја клавале, тие само си збираа и си јадеа и едно на друго му се смеело и му правело како малите чавчиња, кога да ги ранат со цреши: „каа”, „на”, си велеле едно на друго и си јаделе цреши, a пак стрвната баба туку шета под црешите и туку ја вртела главата, како да им се фалеше на децата.

„Пуштете по некоја цреша, бре ѓаволи, им рекла на високо, оти ако ви се качам, црниот ѓавол ќе ве земе; знаете али не знаете?
Ако ви се качам горе, озгора удолу ќе ве турнам!”
„Ха де, нека те натера едноногиот, да ќе те видиме на плеќи падната”.

Во тоа спречкување со бабата и децата, чул ѓаволот оти него го наумуваат, им дошол близу до нив и се преправил на човек, та седнал до некои старци.
Седнувајќи, ѓаволот почнал да се разговара за бабата и децата, што се дечкала.
„Али гледате, пријатели, им рекол ѓаволот, бабата како прави?
Туку вика по децата и туку им се фали со ѓаволот и туку се токми да им се качи, а ако падне, ич ие есапи.”

„Ако ја натера нешто ѓаволот да се качи, може и да падне”, му рекле старците на ѓаволот. ,Ама и вие, бре старци, неправо зборувате, им рекол ѓаволот, дека велите ќе ја натера ѓаволот: е кај ќе ја натера ѓаволот, кога ѓаволот еве сум јас овде?”
И на часот им се претарави на црн ѓавол за да го гледаат.

Во истото време стрвната баба не дотраја и почнала да се качува на едно црешово дрво. Качувајќи се бабата, почнале децата да се смеат и да го караат ѓаволот:
„А, ѓаволе де, ела бабата да ја туриеш од црешава”.
„Е, сега, пријатели, им рекол ѓаволот на старците, еве јас при вас си седам, да ако падне од црешата бабата и се отепа, ќе имам некој кабает?”

„Немаш ти никаков кабает, пријателе, му рекле старците на ѓаволот, кога бабата си е стрвна за да јаде цреши”.
На тие зборови, туку беше ти се отпуштила од една гранка бабата и „бум” сторила на земи.
„Оф јас сирота се отепав”, рекла пуста баба и премрела.

Се натрчале селани, братенце мило, да ја видат бабата.
Кој вода вика да се донесе, кој ја фаќа и гајрет и дава, а најповеќе ѓаволот го колнеа. „Туф бре гиди, што превара и стори ѓаволот, натемаго, на сирота баба, ја отепа, завали баба: тјуф, тјуф, тјуф, ѓаволот натемаго, види кај ја натера да се качува за да падне!”

Слушајќи го ѓаволот колнењето од старите и децата против него, ами лели мака му падна многу на ѓаволот и им се сврте на старите па им рекол:
„А бре пријатели, не е гревота и срамота да ме колнат мене старците и друзигге, за дека бабата падна и се отепа?
Еве јас со вас кај седам и кога се качуваше бабата на црешата и кога падна пак овдека при вас бев.

Е зошто да ме колнат и да викаат, ве молам, пријатели, кажете им на луѓето да си го земат зборот назад; оти јас за стрвоста од бабата што ја има да јаде цреши и да се качува на цреша, некадарна бидејќи, и си падна на земи, јас кабает и немам; ако имам кабает, вие речете”.

Кога ги чуја тие зборови старците и старите, рипнаа просто и почнаа да викаат по луѓето и по децата:
„Бре луѓе, бре деца, бре, море, не туку колнете го ѓаволот, оти никаков кабает ви нема; бабата ѓаволот не ja натера да се качува на црешата, нито па тој ја турна; чунки во истото време беше при нас и дури досега, еве го на, гледајте го (во истото време им се јави ѓаволот црн, темен, сосемати рогови да гo видат селаните и да се уверат) и да верувате оти со нас беше”.

Кога го чуја и видоа селаните тоа чудо, се зачудија и рекоа:
„Бес бараше, два си најде; што си бара, тоа си најде!
Бетер нека биде, лели е стрвна и невредна”.
На тоа згора ѓаволот се успокоја и си отиде.

Одејќи по патот, си рекол со умот:
„Ај анасана, јас ни абер имам за бабата, светот дадоа вик по мене да ме колнат и да ме ругаат; јади не јади волкот, се “улуду” се вика по него, така и по мене.
Да вака како штo им го направив, арно им го направив, за уште еднаш да можат луѓето да сетат кога грешаваат од невредност, како бабата што невредна беше, се качи на цреша, та падна и се отепа”.
На правина и ѓаволот се лути кога да го гонат.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Баење да траат децата Sunday, Nov 4 2012 

При друзи многу бабиње деветиње што ги прават жените, за да им траат децата, прават и вака:
кога ќе се познае некоја жена оти е тешка,
со прво ќе купи од три дуќани по едно парче железо
и ќе го направи еден обрач,
кај некој ковач али кај некој кантарџија
(некои жени го давале на три дуќани да се направи обрачот).
Обрачот ќе бидел со копци да се закопчува,
и тешката жена ќе го носи опашан обрачот преку половина како колан,
да дури да го роди детето.
Тамам кога ќе се роди детето,
обрачот ќе го сопаше жената
и ќе го земе бабата в рака,
та ќе га држи да падне детето низ обрачот.
Ете од тоа после не умирало санким.
Откога ќе го роди жената детето,
на часот уште не задојано,
требало да се трга со кантарче,
и тоа кантарче ќе го скриела подно,
за никогаш со него да не се тргало,
и од тоа не умирало.

Едни жени,
за уште посалам да им се врзе бајачката,
за да им траат децата,
ќе направеле и едно сребрено синџирче,
та ќе го носат на гуша дури да родат.
Арно ама, види како требало да се направи сребреното синџирче:
да се посака од девет жени,
што да ги викаат сите Марии,
по една стара пара
и од тие девет стари пари испитани
да се направело синџирчето:
ем да се однесат деветте пари
на три дуќани куменџиски,
да се направи.
Секој куменџија по малце да поработи на него и да се направи,
а само еден куменџија не чинело и не било на приет, да го доправи синџирчето.
„Ама што дека ќе го направел еден куменџија синџирчето,
и реков на жената што ми кажуваше за ова и за друго нешто, и што дека тројца?”
„Е што де, што?
Ете тоа непндек било,” ми рече.

За многу работи ја прашав оваа и друзи жени:
оти така прават кога да баат;
ми се одговориле со зборот:
„така е непендек” и толку,
друго потамо не ти знаат од непендекот повеќе:
по некои жени повеќе знаат да прикажуваат.

Венецот од Христа,
направен од трње,
донесен од аџилак,
бил за да трае дете.
Го клаваат во вода
и во таа вода го капат детето три дни на ред.

Венецот,
Богородичина рака,
чесни крвчиња
и друзи работи
се лаоѓаваат у аџиите,
а најповеќе у аџијките.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Next Page »

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.