Патот на душата Wednesday, Nov 14 2012 

Трајан Петровски – Каирска Магија

Грабнувањето на Хелена Wednesday, Nov 14 2012 

Убавата Хелена е сведок за вистинската сила на египетската магија и за моќта на скриеното КА – персонификација на човековото битие. Двојник.

КАИРСКА МАГИЈА

Вечниот оган на Македонската поезија Thursday, Nov 1 2012 

Македонската поезија се чита во храмовите на древната египетска цивилизација.

Се чита во светилиштата на Рамзес Втори, од Ел Кахира, до Мемфис, Теба и Абу Симбел. Се чита меѓу колосите во Карнак и на терасестата палата на кралицата Хачепсут. Се чита во изложбените салони на галеријата што го носи името на поетот фараон Ахнатон, кој го опеал во величествена химна богот на Сонцето – Атон.

Македонската поезија се чита и во пустината, на отворено. Стихот ѕвони разлеан по непрегледните ширини. Стихот гори потпален од силата на пустинското сонце, а гори и под зракот на сјајната пустинска месечина. Многу силни светлини се мешаат во една и создаваат спектар на бои од кои поштукнува умот.

Ја набљудувам таа појава заробен од љубопитните погледи на моите египетски пријатели поети и литерати, сликари и филозофи. Тие се посилно возбудени од мене. И посилно рецитираат стихови. Од секој изговорен стих се пали по една грмушка во далечината. Гори како факел. Колку стихови толку факли.

– Не е тоа фатаморгана, туку вистински, жив оган, ме уверува поетот Салах Сабур.

– Ова се часови на небесно блаженство, извикува рецитаторката на моите стихови Алија Ел Гајар.

– Глеј, распламтените грмушки ќе се претворат во крилја на птици, слични како птицата Бен што била душа на Озирис и симбол на планетата Венера, клика со својот ораторски глас поетот Ахмед Сувелам.

Од далечината слушам хор од девојки, пеат псалми за вечноста, а Хејкал ми говори во занес за Воденските водопади.

Паѓа водата од височини, паѓа и грми, а огновите вишат ли вишат во небесата. Стихот ја облагородува звучноста на просторот меѓу светските чуда.

кликни на сликата за повеќе

Tака говори легендата Monday, Oct 29 2012 

Света Елена, мајката на императорот Константин, ја посетила Синајската Гора и заповедала да се изгради малечка црква на местото каде што Израелците со Мојсие го слушнале божјиот глас. Во 530та година Јустинијан Први, познатиот градител на Света Софија во Истамбул, го основал манастирот Света Катерина, кој го добил името по едно христијанско девојче кое умрело со маченичка смрт во Александрија. Неговите мошти биле пренесени во манастирот во саркофаг и уште се чуваат.

Живее манастирот во Синајската Гора. Отстојува под наездата на вековите. Секојдневно кон него јурат десетици ходочесници. Меѓу нив има и лишки со испоганети души, незаситни душегрижници.

Во конаците на манастирот, под ладот, можат да се сретнат и балкански дипломати кои се гостат со манастирско вино. За душа на Македонија!

Можат да се сретнат и балкански попови, староседелци мисионери, межаљупци, кои со поганство и се оддолжуваат на православната вера.

Од саркофагот на христијанското девојче им се кикоти црн ѓавол!

Ова е жива вистина што и ја придодавам на легендата.

 

Каирска Магија – Данте и Мухамед Wednesday, Oct 17 2012 

Глава за глава, и око за око, и нос за нос, и уво за уво, и заб за заб…Раните треба да се возвратат!

читај повеќе од Каирска Магија

Александриската библиотека Sunday, Oct 7 2012 

Напишав песна на папирус и посакав да ја оставам во камарчињата на древната Александриска библиотека. Посакав да ја завештам зашто му ја посветив на Александар Македонски, на неговата слава и моќта да создава градови.

Ако не ја создадел Александрија немало да постои и Александриската библиотека. Ниту Александрискиот светилник, ниту владетелството на Клеопатра, ниту походите на владетелите од други царства и печалбари од Македонија.

Сега Александриската библиотека е мртва. Што ќе значеше ако суштеството – човек успееше да ја сочува, ако пламењата на злото не ги проголтаа нејзините папируси, манускрипти, записи…

Чуварот што е задолжен денес за празните ходници на Александриската библиотека љубоморно го стега клучот од нејзината влезна врата. Тој натрапливо ми се нуди да ми ја толкува историјата на библиотеката. Со тоа си придава значење на својата функција на протектор на празен простор. Зад заклучената врата со решетки мртвее подземна тишина.

Слегуваме надолу по ходниците а тој пред мене ги пали малите кандилца потпрени во камарите во кои некогаш стоеле книги. Чиниш те воведува во некој напуштен рај.

Токму на средината на библиотеката чуварот запира и со подзасилен глас објаснува покажувајќи со прстот нагоре, дека тука над земја, се издигаат Помпеевите столбови. Уште мермерот бие битка со зраците на александриското сонце. Него освојувачите го поштедиле.

Мачно ми станува од застојаниот воздух, од гробната тишина во опустените одаи на библиотеката. Излегуваме.

Го молам чуварот да ја прими мојата песна, да го стави папирусот во една од камарите. Тоа е посвета на Александар Македонски, му објаснувам.

Јас сум задолжен да чувам воздух, драги пријатели, не сум задолжен да чувам папируси со песни, ми вели чуварот. Песните треба да се рецитираат, да се пеат, не да се држат под клуч.

Се поздравувам, а чуварот ме потсетува дека не сум му се оддолжил со бакшиш. Влезницата си е посебна работа. На заминување посакувам да се фотографирам пред Помпеевите столбови, за спомен дека сум ја посетил Александриската библиотека. Сфингата отспротива ми се кикоти како хиена.

 

Каирска магија – Скарабеј Saturday, Oct 6 2012 

Зар требаше да помине толку многу време за да сфатам дека скарабејот е двигателот на животот. Тој обичен, едноставен инсект, бумбар со тврди крилја, со кој сум го поминал детството. На почетокот, кога босоногите дечиња растурени околу сфингите и пирамидите на Гиза, Мемфис и Сакара, како разроени улишта, ме опсипуваа со објаснувања за магијата и силата на скарабејот и ме премолуваа да купам скарабеи во разни бои, наивно мислев дека тоа е само нивна лажна игра за да соберат малку пари. Подоцна се осведочив дека токму тие дечиња се растурени ангели по земјата Нубиска и Гесемска, со дарба да го преточуваат говорот на времињата и да оживуваат мртви соѕвездија. Со нивна помош полесно открив како скарабејот го крева сончевиот диск и го овозможува раѓањето на денот. Открив дека неговата сила е во сопственото пресоздавање, во напорот неопходен да се извала топчето од обична кал што го создава валкајќи го пред себе.

Децата имале посилна дарба од возрасните да оживуваат мртви предмети.  Во секој скарабеј заживеало по едно срце од дете. Топчето што го валка тврдокорниот инсект се раздробува на честички и пак почнува да се пресоздава одново. За да се стигне до раскошните трезори на уметноста треба да се мине низ пределите на нечие босоного детство. Такво е завештанието на првите уметници на светов.

Каирска магија – Проклетство Thursday, Oct 4 2012 

Александар Македонски не ја изгради лесно Александрија. Кога ги постави темелите и кога ѕидовите почнаа да се креваат, диви животински суштества излегуваа секоја ноќ од морето и растураа сè што беше изградено во текот на денот. Кога ја откри уништувачката сила Александар во темелите ја заѕида сенката на Македонија и градбата ја заштити со талисмани.

А јас пак заробен во крепостите на Монтаза, во зданието наречено Палестина, морав да мислам како се страда и како се умира за Македонија. Не беше доволно што го издржував ревот на брановите од морето и клетвите на вечно раштрканите по светов.

Ме пристегнала некаква кобна мисла. Тоа што се изживеало ќе мора пак да се изживее. Со межниците од нашите напуштени ниви го обрабувам патот кон македонскиот дел од пеколот. Монструми пливнале од сите страни, ги запоседнале и водите. Тие никогаш и не исчезнале!

Не верувам во теории и законитости.

На мојот народ проклетство му било морето!


Светот почнува со Сонце и со змија Monday, Sep 24 2012 

.

Папирусот покажува дека светот почнува со сонце и со змија. Во силата на сонцето има нешто слично со силата на змијата. Отровот и светлината вечно се пресоздаваат. И патувањето на сонцето на запад е поврзано со змиска придружба.

Змијата е посестрима на човековата судбина. Без змија не се седнува на трпеза, не се прави гозба и крунисување, не се оди во војна, не се прочистува душата, не се совладуваат злите духови.

Змија во крвта, змија во сонот, змија во пазувите. Змиско осило во срцето и змиски отров како лек за срцето!

Змијата отровница е заштитница на премудрите богови и кралеви. Се носи како симбол на главата на великодостојниците. Тој симбол го носеле Александар Македонски и цезарионите. Клеопатра умрела усмртена од змија.

Кобрата е кралска змија, Уреус – заштитница.

Алеп змијата е аждер, ламја со немерлива сила. Царува во темнината, во задгробниот живот. За да се стигне до судот на Озирис и да се доживее воскреснување треба да се победи Апеп змијата.

Ако му е судбина на богот РА постојано да се докажува во борба со Апеп змијата, зошто да не му биде судено и на човекот!


Одбрана на идеалот Monday, Sep 24 2012 

Сите мои пријатели ме убедуваат деја за да се спаси идеалот во кој веруваме, кој нè влече напред, треба да се знае како да се одбрани. Современиот свет бара современи средства за одбрана на идеалот. Треба да се биде мудар над мудрите за да се преживее. Светот е во голема криза и секој народ смислува начини како да се одбрани.

За да го успијат светското јавно мислење политичарите севезден апелираат за некакво трпение и меѓусебно почитување, за кревок мир со компромиси, со лигавења, додворувања. А моите пријатели ме укоруваат дека лидам како занесеник по идеалот и дека идеалот со текот на времето се излитува, ветвее, испарува, го губи вистинското значење. Некои други и се толку разочарани што се обидуваат да потврдат дека идеалот е мислена именка, а се насладувале на овој земски живот, ги вкусиле сите негови плодови. Морам да признаам дека тоа нивно секојдневно брборење почнува да ме колеба.

И јас станувам побунтовен, похрабар, порешителен. Веќе не прифаќам никакви компромиси, макар и да бидам распнат на некоја Голгота. Мислејќи така станувам фанатик, тврдоглав. Се убедувам себеси дека идеалот не е уништен и велам: доста е со компромиси.

И тргнувам во света војна против сеништата што сенат над мојот расплоден ден. Во одбрана на сонот! Има периоди во животот кога навистина треба да се биде тврдоглав.

Next Page »