Две џиновски фигури стојат на прагот на македонската историја: Климент Охридски и поп Богомил. Првиот – просветител и книжевник, што со своето дело претставува гордост не само за Македонија, туку и за целото словенство, и вториот – идеолог и револуционер, чие еретичко учење стана знаме на угнетените маси од цела Европа во средните векови. Иако овие двајца современици, секој за себе, претставуваат своевидна величина, сепак погледнато објективно на значењето на нивните дела, на зафатот што го сторија тие во однос на Македонија и тогашна Европа, неспорно е дека попот Богомил иако ученик на Климент, е позначајна и попривлечна фигура што ја исфрли македонското општество уште во мугрите на раниот среден век. Се разбира, оваа привлечност не произлегува од некои симпатии кон неговото револуционерно учење, туку што тоа учење како револуционерна опозиција против феудалната експлоатација, далеку ги надмина локалните македонски рамки и стана квасец и искра на цела низа еретички струи кои во текот на неколку века од темел ја тресеа црквено – догматската зграда на феудална Европа. Оттука и рускиот научник А.Н.Веселовскиј можеше да заклучи дека словенските народи дури со богомилството внесоа во општоевропскиот живот свој интелектуален прилог, кој што остави трајни траги врз целокупниот развиток на средновековната култура.

– од Богомилското Движење, Драган Ташковски