Митската прародителка Monday, Dec 10 2012 

Светот како таинствено, шифрирано место за живеење, отсекогаш “комуницирал” со древниот човек преку јазикот на митовите и симболите. Симболите во текот на милениумите станале фактори во кои се препознавала боженствената пројава или присуство (како змија, птица, месечина, земја или жена) и соодветно на тоа, овие симболи се транспонирале во адекватна слика/ претстава.

Древните Европјани своето восхитување кон боженствената Митска Прародителка го изразувале преку медиумот на идолите / фигурините, како и преку графичките претстави и сликовити декорации на грнчарските садоци, вазните и ѕидовите на олтарите и живеалишта, маските, и сл. Неолитскиот уметник се обидувал што посликовито да ја долови семантиката заложена во праисториските антропоморфни изрази, а најдобра парадигма за суштината на Природата – мајка била жената и нејзиното тело. Преку нејзините облини, функции и карактеристики на женската природа се канализирала таа визуелна експресија на неговите митски концепти и натприродни експликации.

Големата Мајка буквално живеела меѓу луѓето, и било сосема нормално да се чувствува нејзината сила, допир и дух во секој облик, птица или камен, земја или змија. Таа во полно светло се разоткрива преку спиритуализацијата на материјалните форми и облици, преку ритуализацијата на природното и телесното, преку славењето на живиот свет од кој зависел човекот.

Култот на Големата Мајка

(аспекти на женскиот креативен принцип)

М-р Нешка Николова

Сончева сила, душа и мајка Saturday, Nov 17 2012 

Сонце го викаја, оти имало душа, и сега ја има. Оно јади секоја вечер три казани чорба и девет вурни леб. А мајка му се крији зад врата, кога ќе си иди Сонце од работа да не ја изеди. Толко било гладно! Се нешто што работи ќе јади, оти без јадење не бидува работа. А сè нешто што јади јадење, питомо, диво, сето има душа. Сонце има голема сила: греје цел свет, многу си има работа, ќе оди секој ден од една до друга крајина Земја. За тоа сака јадење. Се нешто животно што си има душа, што ќе јади и ќе работи, си има и мајка. И Сонце си има Мајка, оти ништо живо не е без мајка. Сè живо и сам Господ си има мајка.

Македонски народни умотворби

книга деветта

Преданија и легенди

Д-р Марко Китевски

Камелеон 2011