Во оваа книга за прв пат се прави обид да се предодредува историјата. Станува збор за тоа, судбината на една култура да се следи во оние нејзини состојби кои се уште не поминале – и тоа една единствена култура, онаа која денеска на оваа планета е во својот залез – западноевропско-американската култура.

Очигледно, до денеска, не привлекла внимание можноста да се реши задача од вакво огромно значење; а кога тоа и се случувало, средствата да се обработи оваа задача не биле познати, или со нив се ракувало на несоодветен начин.

Дали историјата има логика? Постои ли некоја, да речеме, метафизичка структура на историското човештво, која е вон се случајна и непредвидлива во поединечни настани, некоја структура која е битно независна од надалеку видливите, популарни, духовно-политички творби што се на површината? Некоја структура која, можеби само ја предизвикува оваа стварност од понизок ред? Дали можеби големите моменти на историјата на светот – пред окото кое ги разбира – секогаш се појавуваат во форма која дозволува да се донесе заклучок? И ако е така – каде се границите на таквите заклучоци? Дали е можно во самиот живот да се пронајдат степени кои мораат да се поминат и тоа по определен редослед, кој не знае за исклучок, оти историјата на луѓето е групен поим за огромните животни текови за кои и самата јазична практика, мисловна и пишана, несакајќи ги персонифицира како индивидуи од повисок ред, како: “антика”, “кинеска култура” “современа цивилизација” – во некои “јас” или личности, кои мислат и дејствуваат? Дали можеби оние поими – кои се основани за се органско, поимите на раѓањето, смртта, младоста, староста, траењето на животот – имаат во овој круг некоја строга смисла која никој се уште ја нема откриено? Накусо, не лежат ли во основата на се историско, сеопшти биографски праформи?

Залезот на Западот, пред сè е една појава која е просторно и временски ограничена, како и нејзе соодветниот залез на антиката, што, како што може да се види, е филозофска тема која, пак, сфатена со сета нејзина тежина, ги опфаќа во себеси сите големи прашања на битието.

Ако сакаме да дознаеме во која форма се исполнува судбината на западната култура, мораме претходно да осознаеме што е тоа култура, во каков однос се наоѓа таа спрема видливата историја, животот, душата, природата, духот, во какви форми се појавува и дали тие форми се симболи па како такви можат да се толкуваат, а тие форми се: народи, јазици и епохи, битки и идеи, држави и богови, уметноста и нејзините дела, науката, правото, стопанските форми и погледите на светот, големите луѓе и големите настани.

од Залезот на Западот, издадена од Кродо