Ако исчезне еден тип на куќа, згаснала една раса Wednesday, Dec 19 2012 

Две можности за човекот да го образува светот Sunday, Nov 25 2012 

Природата е форма во која човекот од развиените култури дава единство и значење на непосредните впечатоци на своите сетила. Историјата е форма од која неговата замисла се обидува да го сфати живото битие на светот во однос на сопствениот живот и да се обиде да му даде продлабочена стварност. Дали човекот е способен за такви вообличувања и кое од нив преовладува со неговата будна свест: тоа е прашањето на целокупната човечка егзистенција.

Тука има две можности за човекот да го образува светот. Со тоа веќе е кажано дека тие не се нужно и стварност. Значи, ако понатаму се запрашаме за смислата на историјата, мораме прво да го решиме прашањето кое до сега никогаш не било поставувано. За кого постои историјата? Парадоксално прашање, како што се чини.

Несомнено историјата постои за секого, доколку секој човек е член на историјата со своето целосно постоење и со своето будно битие. Но голема е разликата дали некој живее под постојаниот впечаток дека неговиот живот е елемент во еден далеку поширок животен тек кој се протега на столетија и илјадалетија, или пак го чувствува својот живот како нешто во себеси заокружено и затворено. Сигурно е дека за тој вид будно битие не постои светска историја, светот како историја. Но што ако самосвеста на цела една нација, ако една цела култура почива на ваков а-историски дух? Како во неа би морала да се појави стварноста? Светот? Животот? Да се сетиме дека кај луѓето кои живееле пред нашата ера, во нивната свест за светот, сè доживеано, не само сопственото лично туку и општото минато, веднаш се претворало во мит, вонвременска, неподвижна, митски обликувана заднина на секоја моментална сегашност. И тоа на таков начин што, на пример, историјата на Александар Македонски уште пред неговата смрт за античката свест почнала да се стопува со легендата за Дионис; и што Цезар не го чувствувал своето потекло од Венера за бесмислено. Значи, мораме да признаеме дека нам, на луѓето од Западот, кои имаме силно чувство за временски растојанија, на луѓето за кои секојдневното пресметување на броевите на годините пред и по Христовото раѓање им станало нешто само по себе разбирливо, таквото проживување на тие душевни состојби е речиси невозможно; но, ние немаме право просто да се апстрахираме од тој факт во врска со проблемот на историјата.

 

Залезот на Западот Thursday, Nov 8 2012 

Во просторот веќе сè задушува. Ниедно племе не живее без постојан допир на сите страни и без недоверлива готовност за отпор. Народите одвнатре израснуваат до нова величина дури врз другите народи и против нив. Се наоѓаме пред еден омилен поим на модерното историско мислење. Ако денес историчарот наиде на некаков народ кој нешто постигнал, тогаш тој на некој начин станува должник на прашањето: Од каде дошол тој народ?! Дел од достоинството е за еден народ да се знае од каде дошол и дека тој има некоја прататковина.

Поимот народ ја означува онаа заедница кон која човекот внатрешно е најблизок – а тој им припаѓа на множество такви. Тој сосема личен поим кој потекнува од личното доживување понатаму е склон да се применува за најразлични сојузи.

За Цезар Авењанците биле civitas, за нас Кинезите се нација. Затоа Грците не биле народ, туку Атињани, а само понекои од нив – како Изократ, се чувствувале пред сè како Елини. Затоа од двајца браќа со исто право едниот може да се нарече Швајцарец, а другиот Германец. Ова не се научни поими, туку историски факти.

Народ е сојуз на луѓе кои се чувствуваат како целина. Ако згасне тоа чувство – може името, па и секое поединечно семејство, и понатаму да постои, но народот престанал да постои.

Спартанците во таа смисла се чувствувале како народ, Дорците околу 1100тата пне, а околу 400тата година пред нашата ера сигурно не. Крстоносците станале вистински народ по заклетвата во Клермон, мормоните кога ги протерале од Мисури, мамертинците, отпуштените Агатоклови наемници, како последица од потребата за себеси да си најдат засолниште. Дали од ова се разликувал принципот на создавање на народот кај јакобинците и Хиксите?

Колку ли народи настанале поради следењето на некаков поглавар или чета одметници?

Еден таков сојуз може да ја менува расата, како Османлиите, кои во Мала Азија се појавиле како Монголи; таквиот сојуз може да го менува и јазикот, како сицилиските Нормани; или името, како Ахајците и Данајците. Сè додека постои чувството на заедница, постои и народот како таков.

Треба да ја разликуваме судбината на народот од судбината на имињата на народите. Тие често се единственото нешто за што останале податоци; но може ли од едно име да се заклучи нешто за историјата, јазикот, потеклото или барем за идентитетот на неговите носители? И тоа е една грешка на истражувачите што односот го сфатиле не теориски – туку практично, исто така просто како односот на денешните лични имиња. Со името на човечка група самосвесно се издвојува како величина низ еден сакрален начин…

Никогаш нема да дознаеме во каков меѓусебен однос стоеле имињата Пелазги, Ахајци, Данајци, ниту пак кои факти биле основата за таквите односи.

Името на Елините настанало околу 650тата година. Со него не е сврзано никакво движење на населението…

Нема подобар пример (за заблудите кои се неминовна последица на бројните научни претстави за  народот, јазикот и расата) од Персијците…а кога Македонците го растуриле нивното владеење, дали воопшто имало Персијци од таков облик?

Залезот на Западот од Освалд Шпенглер

издадена од КРОДО

достапна во Табернакул

Народи, раси, јазици Monday, Nov 5 2012 

Народи, раси, јазици
од Залезот на Западот
Освалд Шпенглер