Сонцето и Ѕвездите Sunday, Dec 9 2012 

Уште кога не бил веков направен, Христос бил роден.
Бидејќи бил малечок, се покрај Бога си одел; и за пола му се држел. 
Кај ќе одел Господ, сполај му, по него одел и Христос.
Дури мака му било на Бога дека се по него одел малечок Христос.
„He туку иди по мене, а чедо, му велел Господ, седни си на земи, поиграј си нешто, како сите деца што си играат”.
Кога го чу тој збор Христос од Бога, веднаш му се иставил од коленото и си седнал на земи да си поигра.
Првата играчка на Христа му била да си копа земја со теслата и да си направи кал,
а од калта си направил едно чудо чудесија топчиња,
како туталиња и си ги клал на герамитчиња да му се сушат.
Одел, шетал Господ и наминал кај што му бил син му Христос, да го види што прави.
Кога го видел извалкан од калта во рацете и во алиштата, се застојал да види што правел, што се извалкал толку од кал.
„Mope што така си се обацал, бре синко? му рекол Господ,
Што е таа кал што си ја направил пред тебе?”
„Топчиња за играње си правам, тате”, му рекол Христос.
„Арно си направил топчиња, бре чедо, му рекол Господ,
ами чуму ти се толку чудо топчиња, што сакаш да ги правиш?”
„Ќе си ги фрлам, тате, наугоре како топки, за да си играм со нив”.
„Е, лели така ќе си играл со нив, му рекол Господ,
ај фрли ја онаа топка поголемана наугоре, да видиме дури кај ќе ја фрлиш”.
Co радост голема Христос беше го послушал татка си, та ја грабнал големата топка и ја метнал наугоре вишно-небо.
По божји блаосов беше отишла топката многу далеку и застанала на едно место,
та се сторило сонце.
На часот беше светнало како некое сонце утрено,
кога да болсне во човечките очи и да не може во него да се опули.
Туку си ги клало Христос обете рачиња на очите, да не му се земе зракот од сонцето.
„Еј синче, видиш големата топка како ти ја направив да свети како сонце?
Ај расфрли ги сите топчиња наугоре, за и тие како неа да се направат”.
„Ќе ги фрлам, тате, му рекол Христос, ама те молам да не ми ги направиш како големата топка, да свети толку многу, за да не можам во неа да се пулам”.
„Мошне арно, чедо, ај ги фрли ги топчињата, та јас знам како ќе ги направам”,
му рекол Господ.
Веднаш ги грабнал Христос сите топчиња со обете раце, ги исфрлил едни надесно,
а други налево, едни угоре, други удолу.
Сите се распрснаа по широкото небо и секое топче и топка се застојала на местото кај што ја благосовил Господ.
Од тие топки и топчиња Господ ги блаосовил за едно да бидат месечина,
други — големи ѕвезди,
и најмалите — помалите ѕвезди.
Кога виде Христос оти сите топчиња му застанаа на високо, и кога виде оти нема со што да се игра, грабна од земјата со раце и се расфрла по ѕвездите со земјата на нив, за да ги турне; арно ама Господ и земјата беше му ја блаосовил, тики му се сторила ѕвезди ситни. Од таа земја била Кумовата слама, ѓоа ми ти.
Ете така се сторил веков.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Дервишот и измеќарот Wednesday, Nov 14 2012 

Еден цар имал еден дервиш покрај себе, што знаел што прави Господ и друзи работи на веков.
My текнало еднаш на царот да посака еден човек од патрикот, да се борат со дервишот. Кога го чул патрикот тој збор, многу на гајле паднал.
Се кај што одел, замислен одел.
Го пуштил измеќарот да го свика мезли-чот,
да им каже патрикот што човек сака царот, и за час ги собрал.
Им кажал патрикот што човек сака царот;
арно ама никој одговор не можел на тој збор да му даде.
Кога виде измеќарот од патрикот оти не можат крај да најдат за таков човек, му се моли на патрикот и на мезличот, него да го пуштат,
џувап да му даде на дервишот.
Јок бидува, јок не бидува, најпосле го пуштија.
Одење измеќарот кај царот и се ставиле со дервишот за да се лажат.
Co прво дервишот почнал да му прави ишарет со раката,
со растворени прсти наугоре, како да излегува нешто од земи.
А пак измеќарот од патриког и тој така му направи со прстите одозгора наудолу,
мислејќи си оти дервишот сака да каже — вари некое тенџере, и тој му го клавал капакот. „Е, бре каурче, го прашал дервишот, што сакам да ти кажам со раката?”
„Знам јас што сакаш да кажеш, му рекол измеќарот, ама ти кажи си го твоето, јас ќе си го кажам моето.”
„Јас ти кажав оти се што се раѓа од земи од Бога е,” му рекол дервишот.
„Вистина тоа сакаше да кажеш, дервиш баба, му рекол,
а пак јас ти кажав, оти ако Господ не пушти дожд одозгора, нема да порасте бериќетот.”
Кога го чу тоа нешто царот, бравос му рече на измеќарот од патрикот.
Посакал дервишот млеко и леб и му даде на измеќарот да дроби и тој леб во млекото. Дробејќи измеќарот леб, си ги правел мошне мали залазите и си ги броел.
Таман посркале по пет-шест лажици и му вели дервишот на измеќарот:
„Знаеш, каурче, оти Господ сега јаде леб и млеко?”
„Ни јас знам, ни ти знаеш, дервиш баба,” му рекол измеќарот и го удрил со лажицата по рака.
„Зошто маваш, бре каурче, му рекол дервишот, што ти сторив, ја кажи ми да чујам?”
„Како што ми стори, бре дервиш баба, му рекол измеќарот, кога ми ги јадеш залазите мои, и залазите не знаеш кои се твои да си ти јадеш, та ќе знаеш Господ што јаде.”
Кога го чу царот и тој збор од измеќарот, ашколсун му рекол и голем бакшиш му дал,
а пак дервишот го истерал, суруклеме.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ 

Ѓаволот и бабата Monday, Nov 5 2012 

Во некое село имало многу цреши по бавчите.
Во празничен ден беа се покачиле селеките деца и девојчиња да збираат цреши и да си јадат, а пак старците и старите си седеле под сенки и чекале да наберат децата цреши и да им симнат, та да им дадат ним да јадат.
При сите селани и селанки имало и една ба6a што била многу дрчна за јадеше цреши,
та на сите деца што беа качени им посакала цреши, да и пуштат пo унечката, чунки со унечката стоела под децата и им сакала.

Арно ама децата гледаат тие прво да се изнајадат, да после на бабата да и фрлат и долу да им симнат на друзите баби и дедови.
„Фрлете ми мене троа им велела, да каснам, бре синковци.”
Децата ни баре на ум ја клавале, тие само си збираа и си јадеа и едно на друго му се смеело и му правело како малите чавчиња, кога да ги ранат со цреши: „каа”, „на”, си велеле едно на друго и си јаделе цреши, a пак стрвната баба туку шета под црешите и туку ја вртела главата, како да им се фалеше на децата.

„Пуштете по некоја цреша, бре ѓаволи, им рекла на високо, оти ако ви се качам, црниот ѓавол ќе ве земе; знаете али не знаете?
Ако ви се качам горе, озгора удолу ќе ве турнам!”
„Ха де, нека те натера едноногиот, да ќе те видиме на плеќи падната”.

Во тоа спречкување со бабата и децата, чул ѓаволот оти него го наумуваат, им дошол близу до нив и се преправил на човек, та седнал до некои старци.
Седнувајќи, ѓаволот почнал да се разговара за бабата и децата, што се дечкала.
„Али гледате, пријатели, им рекол ѓаволот, бабата како прави?
Туку вика по децата и туку им се фали со ѓаволот и туку се токми да им се качи, а ако падне, ич ие есапи.”

„Ако ја натера нешто ѓаволот да се качи, може и да падне”, му рекле старците на ѓаволот. ,Ама и вие, бре старци, неправо зборувате, им рекол ѓаволот, дека велите ќе ја натера ѓаволот: е кај ќе ја натера ѓаволот, кога ѓаволот еве сум јас овде?”
И на часот им се претарави на црн ѓавол за да го гледаат.

Во истото време стрвната баба не дотраја и почнала да се качува на едно црешово дрво. Качувајќи се бабата, почнале децата да се смеат и да го караат ѓаволот:
„А, ѓаволе де, ела бабата да ја туриеш од црешава”.
„Е, сега, пријатели, им рекол ѓаволот на старците, еве јас при вас си седам, да ако падне од црешата бабата и се отепа, ќе имам некој кабает?”

„Немаш ти никаков кабает, пријателе, му рекле старците на ѓаволот, кога бабата си е стрвна за да јаде цреши”.
На тие зборови, туку беше ти се отпуштила од една гранка бабата и „бум” сторила на земи.
„Оф јас сирота се отепав”, рекла пуста баба и премрела.

Се натрчале селани, братенце мило, да ја видат бабата.
Кој вода вика да се донесе, кој ја фаќа и гајрет и дава, а најповеќе ѓаволот го колнеа. „Туф бре гиди, што превара и стори ѓаволот, натемаго, на сирота баба, ја отепа, завали баба: тјуф, тјуф, тјуф, ѓаволот натемаго, види кај ја натера да се качува за да падне!”

Слушајќи го ѓаволот колнењето од старите и децата против него, ами лели мака му падна многу на ѓаволот и им се сврте на старите па им рекол:
„А бре пријатели, не е гревота и срамота да ме колнат мене старците и друзигге, за дека бабата падна и се отепа?
Еве јас со вас кај седам и кога се качуваше бабата на црешата и кога падна пак овдека при вас бев.

Е зошто да ме колнат и да викаат, ве молам, пријатели, кажете им на луѓето да си го земат зборот назад; оти јас за стрвоста од бабата што ја има да јаде цреши и да се качува на цреша, некадарна бидејќи, и си падна на земи, јас кабает и немам; ако имам кабает, вие речете”.

Кога ги чуја тие зборови старците и старите, рипнаа просто и почнаа да викаат по луѓето и по децата:
„Бре луѓе, бре деца, бре, море, не туку колнете го ѓаволот, оти никаков кабает ви нема; бабата ѓаволот не ja натера да се качува на црешата, нито па тој ја турна; чунки во истото време беше при нас и дури досега, еве го на, гледајте го (во истото време им се јави ѓаволот црн, темен, сосемати рогови да гo видат селаните и да се уверат) и да верувате оти со нас беше”.

Кога го чуја и видоа селаните тоа чудо, се зачудија и рекоа:
„Бес бараше, два си најде; што си бара, тоа си најде!
Бетер нека биде, лели е стрвна и невредна”.
На тоа згора ѓаволот се успокоја и си отиде.

Одејќи по патот, си рекол со умот:
„Ај анасана, јас ни абер имам за бабата, светот дадоа вик по мене да ме колнат и да ме ругаат; јади не јади волкот, се “улуду” се вика по него, така и по мене.
Да вака како штo им го направив, арно им го направив, за уште еднаш да можат луѓето да сетат кога грешаваат од невредност, како бабата што невредна беше, се качи на цреша, та падна и се отепа”.
На правина и ѓаволот се лути кога да го гонат.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Лоша мисла, цела болест Saturday, Nov 3 2012 

Eдна царска ќерка боледуала од некоа мисла што имала. Сите царски екими ја ватиле да ја лекуаат и никој лек не беше нашол. Од ден на ден сe полошо се чинела и на лице гинела. Чул еден стар еким што бил забораен од светот поради староста што ја имал, никој не беше го викал.

– Ја чекај – рекол сам со себе – да појдам кај царската ќерка, да ја видам што болес имат и да ја оздравам.

Пошол и се преставил пред царската ќерка. Откога ја испрашал заради болеста од секаде што је и што ја боли, го нашол лекот.

– Мнозина екими – му рекол старио еким – те лекуале и билки ти давале и пак не те оздравеле, ќерко; јас без билки ќе те оздравам, да ме паметуаш и да велиш Бог да го прости старио еким што ме оздраве без билка.

– Оф, бре дедо – му рекла нажалено царската ќерка – ако можиш да ме оздравеиш, јас ќе му речам на татка тебе да те клаит прв еким на столнината и голем бакшиш ќе ти даам.

Откоа чул екимо тие зборои, отишол при куменџијата и напраил еден позлатен прстен со муур озгора. На мууро беше пишал вака: „Се што било – поминало, и се што ќе биди – ќе поминит“. И го донесол екимо прстено и је клал на прсто.

– Еве ти го леко, царска девојко – је рекол екимот – секој саат и секој ден, кога ќе ти дојдит лошата мисла што ти го мачит срцето, ќе го пеиш муурот и ќе го поразмислиш тоа што ќе го пеиш. Така ако го пеиш и размислиш, до четириесет дни ќе оздравеиш, бездруго те уверуам и со глава моја ти се таксуам: ако не оздравеиш, да ми ја пресечите.

За вистина, царската ќерка беше оздравеала, побрго од четириесетте дни, од болеста што ја имала во мислата. Таа оздравела и екимо на голема чес беа го клале.

Чудесните раѓања во волшебните приказни Monday, Sep 3 2012 


МОТИВОТ НА ЧУДЕСНОТО РАЃАЊЕ ВО МАКЕДОНСКИТЕ

ВОЛШЕБНИ ПРИКАЗНИ

Софија Тренчовска

Во македонските волшебни приказни се среќаваат најразлични примери во кои е застапен мотивот на чудесното раѓање. Најбогат извор на примери со овој мотив среќаваме во волшебните приказни на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и Стефан Верковиќ.

Мотивот за чудесното раѓање е еден од најархаичните мотиви широко распространети во светот. Потекнува од најстарите верувања, од најраните религиозни облици – анимизмот (оживување на природата) и тотемизмот.1 Многубројни проучувачи го доведуваат потеклото на  сказната во врска со митот. Леви Строс митот го сфаќа како дијахроно (историско раскажување на минатото) и синхроно (средство за објаснување на сегашноста), па дури и на иднината.2 Според Танас Вражиновски митот е многу значаен фактор во проучувањето на генезата на приказната.3

Сказната како жанр, води потекло од некогашните митови. Според морфолошките испитувања  на Проп “волшебната бајка, во своите морфолошки основи претставува мит“.4 Во обидот да се толкува митологијата, многу научници митологијата ја одвојувале од религијата. С. А. Токарев смета дека  прво настанал ритуалот па митот, и дека митологијата не се совпаѓа со религијата. Според други научници, митот настанал пред религијата, а со самото тоа и пред обредот. Џејмс Фрејзер му дава предност на ритуалот над митот, сметајќи дека  “насекаде постоело некогаш време на магија.5 Ритуалноста на митот, според мислењето на истражувачите го одвојува митот од народната приказна. За односот на митот и ритуалот Роберт Гревс вели: „Вистинскиот мит може да се дефинира како прераскажување на ритуалната мимика која се изведувала јавно на народните празнувања“.6

Митот како посебен вид усно творештво, и претходи  на приказната. Но, митскиот јунак и јунакот во приказната се одликуваат со различни особености. Јунакот во приказната веќе не е полубог, а неговата необичност и сила, почесто е резултат на чудното раѓање.7  Во рамките на својата природа митскиот јунак поседува магиска сила и ја користи за општа благосостојба, додека јунакот во приказната се стекнува со магиската моќ со помош на некој волшебен предмет, со цел да надмине некој проблем. Јунакот ја стекнува силата со помош на  своите помошници. Како помошници можат да се јават некои натприродни митолошки суштества, змејот, ламјата, но и старецот, старицата, еќимот и др.  Основната тематска целина на народната приказна или митот, според мислењето на Гремас е поделена на негативна и позитивна серија која се однесува на иницијалниот и финалниот дел. Секоја функција Гремас ја прикажува во два раскажувачки модалитети вистина и лага. Структуралниот модел на ликовите кој прв го востановил Гремас го чини системот од давател-примач-субјекти објект при што во самиот тек на раскажувањето се забележува и  анализира динамиката на извесна распределба на улогите, очовечување на боговите, обоготворување на јунаците и сродството со животните и билките. Притоа, се следи следнава шема: се започнува со заминувањето на јунакот од дома, преку стекнување на натприродната моќ, иницијациска проверка, владеење  со магиската сила и завршува со враќање.8 Во сказната речиси секогаш необичното станува вообичаено и нормално, па дури и тогаш кога се случуваат бизарни, страшни и недозволени дејствија. Чудесното од приказната се прифаќа како нешто обично и секојдневно, тоа никого не го изненадува ниту го исполнува со ужас.9 Народниот раскажувач се свртел кон чудесното за да ги задоволи во фантазијата своите желби, за кои знае дека се неостварливи. Така во сказната создал еден свет во  кој владее некоја посебна логика, каде што вистинитоста воопшто не е битна, каде што суровоста и несреќите постојат, но тие се надминуваат и сè има еден посебен „бајковен“ тон.10

Чудесното како термин е мошне блиско, речиси идентично до волшебното. Волшебната приказна се случува во еден свет каде што маѓепсаноста се подразбира сама по себе и каде што магијата е правило.11

Со помош на магискиот обред дамнешниот човек верувал дека може да го потчини на својата волја однесувањето на луѓето спрема него и да ја насочи во своја корист неизмерната моќ на натприродните суштества и сили, во чие постоење бил уверен. Затоа магијата, како мотив, е приближно застапена во сижетиката на сказните.12 Неможноста да се добие рожба често ги терало луѓето да одат по разни жени-бајачки кои вешто се служеле со тајните на магијата. Во книгата Фолклорни и етнографски материјали од Порече од Ј. Обрембски, навистина интересно се опишани разни баења кои се применувале во случај на немање пород. Постоело верување дека во лечењето на неплодноста помагале жили извадени од волк, семе од видра, или доколку некоја бездетна жена облече кошула на леунка. Исто така неплодната жена ако се напие од вода во која е накиснат папокот од новородено теле, ќе збремени. Неплодноста можела да биде предизвикана и поради фрлена магија, која требала да биде растурена. Во облеката на младенците не требало да има никакви јазли и врвки.13

Се препорачува обичајот, врзување на рацете на младенците да не се применува оти може да се случи тие да се врзат и да немаат пород. И кај Цепенков е опишано едно баење според кое  трудните жени за да го сочуваат плодот требало да носат појас направен од метален обрач.14  Честопати, во приказните со мотивот за чудесното  раѓање, бременоста е предизвикана од некакви магиски зборови. Магијата е мошне важна и има суштинско значење за приказните со овој мотив, одразена е во нив, бидејќи јунакот се раѓа на магиски начин.15

Во една од сказните кај Цепенков 72/II, магиската  постапка при збременувањето е двојна: маѓепсникот забодува билки чемерики во царските снаи и им дава да каснат од тревките. Обожувањето на растенијата, посебно дрвјата, било раширено кај старите Словени.16 И денес сè уште се почитува обичајот на невестите да им се ставаат гранчиња од чемерика, со желба за плодност и многудетност.

Чудесното раѓање секогаш е поврзано со чудесниот изглед, силата и необичната судбина на јунакот. Во македонските волшебни приказни најчести чудотворни предмети кои придонесуваат за збременување се: плодовите од растенијата, јаболкото, тиквата, сливата, семката,  прстенот, водата, чешелот, сапунот, каменот, појасот. Детето родено со помош на некоја магиска сила, со помош на некој магичен предмет или збор, никогаш не е обично човечко суштество. Понекогаш се раѓа дете со необичен изглед, дете-штрк, дете-мечка, дете-змија, половина дете, половина животно, при што се гледа влијанието на митологијата. Детето-јунак има митолошки изглед и поседува натприродна сила, да исполнува невозможни задачи. Овие јунаци, поседуваат и други чудесни особини. Тие можат да се преобразуваат, да исчезнуваат, да оживуваат, да се борат и да ги победуваат натприродните суштества. Главниот јунак во сказната  во многу работи заличува на митскиот јунак. Во сказната како и во митот јунаците имаат свои помошници. Помошници на митолошките ликови се боговите, додека помошници на јунакот во приказната се најчесто животните. Јунакот го добива името според својот надворешен изглед, понекогаш е безименко, а  понекогаш името е според белегот што го носи, као што е случајот со Фрушчи-бег бидејќи имал белег фрушче на ногата, Половинмецан, затоа што е полу човек, полу мечка итн. Во приказната насловена  Половинмецан (Верковиќ, бр. 35), попот упатува молба до Бога да му даде дете. Се раѓа дете половина човек, половина мечка, од татко човек и мајка мечка. Преку знакот на распознавање, секирата, Половинмецан го открива својот татко. Ваквото полусуштество се одликува со голема сила да исполнува невозможни работи.  Во приказната Попски син – Магарешка глава (Верковиќ, бр. 26) среќаваме пример на дете магарешка глава. Откога ќе се постигне иницијациската зрелост, или кога јунакот ќе наполни 18 години се поставува  прашањето за неговата женидба. Бракот со суштество со необичен изглед во  приказните никогаш не се јавува како проблем. Недостатокот во изгледот не е  причина јунакот да ја добие раката на царската ќерка. Скоро секогаш јунакот за  да ја добие царевата ќерка треба да исполни неколку задачи. При тоа се случуваат неверојатни трансформациии и промени во изгледот на јунакот. На првата брачна ноќ, магарешката глава се распукнува и се појавува убаво момче. Прекршувањето на правилото на магијата резултира со повторно метаморфозирање на јунакот во животно, змеј или птица. Царската ќерка за да го пронајде момчето треба да обуе железни обувки и мора да помине далечен пат. Во страшната гора среќава двајца просјаци едниот слеп, другиот крив кои &  откриваат каде е момчето. Можностите за трансформирање на јунакот во приказните се неисцрпни. На крајот кога ќе го пронајде момчето, се случува повеќекратна преобразба. Рамнотежата во приказната е воспоставена со тоа што момчето повторно метаморфозира од птица  во човек.

Јунакот во исполнувањето на тешки задачи, секогаш со верба во магичноста на зборот се обраќа на некоја голема сила, во повеќето случаи Господ, од чија волја зависи исполнувањето на желбата.  Во приказната  Змија чедо,  (Шапкарев бр. 191), жената добива дете змија. Детето змија сака да се ожени со царската ќерка. Пред неа си ја вади змиската кожа и се престорува во јунак. Но, свекрвата ја зема змиската кожа, ја фрла во огнот и момчето умира. Оваа приказна под ист наслов Змија чедо (под бр. 17) и со речиси идентична содржина, само во поскратена верзија, се среќава и во зборникот на К. Пенушлиски  Народната култура на Егејска Македонија. Уште еден пример на дете-смок среќаваме кај Петко Домазетовски, Народни сказни од Долни Дримкол, пр. бр. 16, под наслов Мажот и жената на коишто Господ им дал смок.17 Жената раѓа дете–смок. Кога ќе наполни 19 години го ставаат во кошница и одат да му бараат невеста. И овде ја имаме преобразбата од смок во личен јунак. Јунакот и ја открива тајната на своето постоење на девојката, но ако таа каже тој ќе исчезне. Со откривањето на тајната, магичноста исчезнува. Невестата не останува доследна на својата заклетва за верност, ја открива тајната на мајка му и тој исчезнува. За да се воспостави повторно магискиот ред на работите, девојката мора да се искупи поради својата грешка и притоа превзема далечно патување кај Сонцето, Месечината и Громотевицата. Повторно во знакот на исполнувањето на некаков ритуал, девојката треба да му го стави прстенот на  раката на момчето и кога громотевицата ќе светне да го поведе со себе.  Во приказната Деветте браќа и ламјата сестра (собрана од Дебарско бр.1, Шапкарев), мајката која имала девет сина, му се моли на Господ да добие една ќерка па макар и ламја да е. И навистина се раѓа ќерка-ламја, која ги јаде своите браќа, при што само последниот брат успева да побегне. Таткото му дава три волшебни сливи со чија помош тој може да помине од  едно место на друго. На патот ги среќава своите  помошници кучето и мечето  кои ја изедуваат сестрата-ламја и му го спасуваат животот.

Во недовршената приказната  Бездетната жена што родила штрк (Верковиќ, кн. 4, бр. 98),  жената добива дете-штрк, кое кога ќе наполни 18 години одлетува од дома со другите штркови. И секогаш по добро познатата формула јунакот за да ја добие за жена царевата ќерка, треба да исполни три задачи.  Времето во приказната тече линеарно, нанапред, по еден логичен редослед на нештата. Скоро сите сказни имаат ист формулиран почеток. Уште во почетокот се поставува проблемот, чие решавање зависи од некоја магична сила. Магичната моќ на зборот има голема функција при добивањето на дете. Претходно постои силната желба да се добие дете и молба упатена до севишниот, со заклетва дека ако се исполни таа желба, ќе биде принесена соодветна жртва. Најчест лик на помошник во исполнувањето на желбата да се добие рожба е ликот на старецот со бела брада, претставен како олицетворение на Господ. Старецот, според Јунг претставува авторитет кој недостасува во приказната и се јавува кога имаме безизлезна ситуација. Старецот секогаш го знае патот до целта и дава корисни совети.18

Во многу случаи јунакот се раѓа од јаболко. Бременоста или зачнувањето може да биде предизвикана само ако жената касне од волшебниот плод, најчесто јаболко. Во сказната бр. 52 кај Цепенков дервишот му го дава јаболкото на царот и на царицата. Ако царицата го изеде целото јаболко ќе добие машко дете. Но таа пред да го изеде ќе го излупи и затоа добива ќерка. Отстапување од правилото на магијата имаме и во приказната Чудесното зачнување од јаболко (Верковиќ, кн. 4, пр. бр. 33). Старецот или лекарот, им дава на трите сестри да голтнат по едно јаболко. Но третата жена отстапува од правилото, ја изедува само половината од јаболкото и раѓа дете Половинко. Двете сестри раѓаат девојчиња кои растат заедно со Половинко. Но иако детето е со недостаток, поседува голема јуначка сила, ја убива ламјата, и ги спасува двете девојчиња.  Во приказната Маш и жена и тиквата, (Шапкарев бр. 10) имаме пример на раѓање деца од тиква. Кога жената ќе ја пресече тиквата од неа излегуваат многу деца, и таа почнува да ги убива едно по едно, оставајќи си само едно дете. Во оваа приказна не е наполно јасно дали се тоа навистина деца или не, штом таа ги убива како да се некакви инсекти, а претходно очајно посакувала дете.  Детето кое ќе дојде на свет со помош на некоја магична сила и самото поседува магична моќ, да се соочува со разни натприродни суштества, да се бори со самовилите, ламјата и змејот и да ги победува. Кај Половинмецан, детето-змија, детето-црпче енормните способности се поврзани со чудесниот изглед, што ја покажува неговата поголема блискост до митскиот јунак.19 Во некои случаи јунакот уште при раѓањето поседува необични склоности, додека во друг случај силата се стекнува со помош на чудесните помошници, кои го упатуваат јунакот или му даваат некој волшебен предмет.  Во приказната  Дете јуначе со чудесна сила (Верковиќ, бр. 84) детето ја ослободува царската ќерка од самовилите. На патот ги сретнува  животните мечката и змијата кои поради тоа што не ги убива му стануваат помошници. Јунакот самовил се бори со детето јунак, му ја пресекува главата и му ја зема момата. Следи процесот на оживување, мајката ги собира деловите од нејзиниот син и ги мачка со тревката која ја видела кај змиите, и синот оживува. Во приказната за  Фрушчи-бег старецот и дава на царицата јаболко за да забремени. Tаа раѓа дете кое до 10 години е безименко. Во раскажувачкото дејство веднаш се воведува степенот на иницијација, јунакот преминува од една фаза во друга и брзо го достигнува своето созревање. Фрушчи – бег на едната нога има белег и ако некој друг му го извади фрушчето од ногата тој ќе умре. Задачата е поставена – кој ќе го прескокне огнот ќе ја земе царската ќерка. Јунакот  се побратимува со уште двајца јунаци со слична сила како неговата, се бори со ламјите и ја добива царската ќерка.  Покрај наведените примери на зачнување од растение или животно, во македонските волшебни приказни се среќаваат и примери на раѓање дете-предмет (Цепенков, бр. 53, попадијата наместо да роди дете  раѓа дете-црпче), потоа се јавуваат зачнувања од камен,  од риба, од некаква волшебна вода итн. Во митологијата се често присутни метаморфозите на луѓето во камења, во билки и во животни. Во Метаморфозите на Овидиј, човекот се престорува во билка, Нарцис, се пробразува во цвеќе, Афродита се раѓа од морската пена, Ниоба поради смртта на децата се престорува во камен итн.20

Влијанието на митот во приказната е очигледно, но веројатно, со текот на времето, неговото влијание ослабувало и се изменувало, оттаму структурата и изгледот на низата митолошки ликови и суштества кои се среќаваат во приказните се со изменет облик, моделирани според фантазијата и инвенцијата на народниот запишувач.

 

1

Виолета Пирузе –Тасевска, Мит-приказна, Просветно дело, Скопје, 2004, стр. 60

2

Цитирано според Мелетински, Поетика на митот, стр. 83

3

Танас Вражиновски, Социјално-класните односи во македонските народни приказни, Македонска

книга – Институт за фолклор, Скопје, 1982, стр. 10

4

Владимир Проп, Морфологија бајке, Просвета, Београд.

5

Џејмс Фрејзер, Златна гранка, Београд: БИГЗ, 1977, стр. 7

6

Robert Grevs, Grčki mitovi, Beograd, Nolit, 1969, str.13

7

Виолета Пирузе, навед. дело, стр. 38

8

Цитирано според Мелетински, Поетика на митот, стр. 71, 97

9

Ѓурчинова Анастасија, Калвино и сказната, Институт за македонска литература/Култура, Скопје,

2000, стр. 20

10

Исто, стр. 21

11

Влада Урошевиќ, Демони и галаксии (Фантастиката и чудесното), Македонска книга, Скопје,

1988, стр. 42

12

Томе Саздов, Усната книжевност кај Македонците, Матица Македонска, 1992, стр. 106

13

Јозеф Обрембски, Фолклорни и етнографски материјали од Порече, Матица Македонска, Скопје,

2001, стр. 166-168

14

Марко Цепенков,  Сказни и сторенија, (избор и редакција: Блаже Конески) Култура, Мисла,

Македонска книга, Наша книга, Скопје, 1986, стр.72-73

15

Александра Попвасилева,  Раѓањето на јунакот во народните приказни на јужнословенските

народи, Скопје, 1975, стр. 23

16

Александар Прокопиев, Патување на сказната, Магор, Скопјe, стр. 51

17

Петко Домазетовски, Народни сказни од Долни Дримкол, пр. бр. 16, стр. 126

18

А. Прокопиев, наведено дело, стр. 54

19

А. Прокопиев,  навед. дело, стр. 50

20

Исто, стр.  24-25

КОНСУЛТИРАНА ЛИТЕРАТУРА:

• Верковиќ И. Стефан, Јужномакедонски народни приказни, кн.IV, Македонска книга, Скопје,

1985, (подготвил: Кирил Пенушлиски); и Верковиќ И. Стефан, Јужномакедонски народни

приказни, том I, (приредувач: Томе Саздов), Мисла, Скопје, 1977

• Grevs Robert, Grčki mitovi, Beograd, Nolit, 1969, str.13

• Домазетовски Петко:  Народни сказни од Долни Дримкол, ДНКУ „Браќа Миладиновци“,

Струга, 2000, стр. 126

• Ѓучинова Анастасија, Калвино и сказната, Институт за македонска литература/ Култура,

Скопје, 2000, стр. 20-21

• Мелетински,  Поетика на митот

• Обрембски Јозеф, Фолклорни и етнографски материјали од Порече, Матица Македонска,

Скопје, 2001.

• Прокопиев Александар, Патување на сказната, Магор, Скопје

• Проп Владимир, Морфологија бајке, Просвета, Београд.

• Саздов Томе, Усната книжевност кај Македонците, Матица Македонска, 1992, стр. 106

• Тасевска-Пирузе Виолета, Мит-приказна, Просветно дело, Скопје, 2004

• Урошевиќ Влада,  Демони и галаксии (Фантастиката и чудесното), Македонска книга,

Скопје, 1988, стр. 42.

• Фрејзер Џејмс, Златна гранка, Београд: БИГЗ, 1977, стр. 7

• Цепенков Марко, Сказни и сторенија, (избор и редакција: Блаже Конески), Култура, Мисла,

Македонска книга, Наша книга, Скопје, 1986

• Шапкарев А. Кузман, Приказни, том V, (приредил: Томе Саздов), Мисла, Скопје, 1976.

превземено од Растко

Змејот од Пелистер Thursday, Jun 28 2012 

Во старо време родила една жена едно дете со крилја во Нижоополе и го дојала до четириесет дни; при се што го доеше, арно ама дека со крилца било детето, на сите жени, родои и пријателки беше му го кажала, чунки ја било шубе и се бојала да не је некој нишан да је се запусти куќата. И тамам на четириесетте’ дни си летнало, коа го развила од пелените и си останала жената само со пелените, и отишло на врв планината Пелистер, та си влегло во сараите што биле под езерото и тамо си живеало кај друзите стари змејои. Многу пати го гледале овчари крај езерото коа си седело змевчето. Коа дошло змевчето на годиње да се женит, отишло во с. Оптичари (околу два саата до Битола) и си бендисало една убаа чупа, што го тргало орото, чунки Велигден било и чупите оро играле настред село и се завиле едни виулици, та ја грабнале и ја кренале угоре, во облаци, пред очите на сите селани.
Дедо Јоан од истото село, стогодишен старец, видел тоа нешто и тој му го кажуал на Слира берберо, дури со клетва оти видел.
Чупата имала деветмина браќа, сите кој од кој јунаци, тргнале да бараат од планина по планина, само да может да ја најдат милата сестра, али жива, али умрена, барем гробнина да и знаат.
Баеги време шетаа и прашаа, арно ама не могле нигде трагата да и ја најдат и дошле до езерото што било на планината Пелистер и седнале да се починат на тревата. Седејќи, се опулија оспротија на езерото и видоа една железна врата под брегот од езерото; појдоа тамо да видат што је и што не је и узнаа оти тамо треба да има нешто, арно ама ако можи чоек да лета, можел да појди кај вратата, чунки пред вратата било езерото. Мислија, есапија и дојдоа во еден збор да копаат езерото откај битолцката страна, и чунки местото је наудолно, ќе истечит езерото и ќе се приберат до вратата, та можи да влезат и да видат што има и што нема, и можи да си ја најдат тамо сестра си. Отрчал еден в село, донесол мотики и лопати и му легнаа да копаат.
Копале, копале неколку дни и почнало да течи потроа, арно ама змео ‘и пожалал шуреите и целата Битола, та ја натерал сестрата да излези на железната врата, да му викни на браќа си да не го дупат езерото:
— Слушајте, браќа, немојте, не копајте го езерово, оти ќе пробие водата, та ќе ве однеси вас и целата Битола! Елате, спроти видејне — му рекла — и ич гајлето да не ми го берите; си живејам при змејо као некоја царица. Овде има едни сараи поарни од сарајо битолцки.
Коа чуја деветте браќа гласот од сестра си, многу се израдуаа оти ја видоа и на часо остаиле да не копаат и донесле од село не знам колку арари волна и со триста маки ја затнаа дупката што беа ја ископале; арно ама, при се што ја затнале дупката, пак си течело вода, од истото место и ден-денеска. Сите битолчани, граѓани и селани, веруаат оти ќе дојдело некој ден што да се пушти езерото и да го удаи и Битолцкото, градо и сите села што се во полето.

ПРЕДАНИЈА, Книга седма

Институт за фолклор Марко Цепенков 

Вештици Friday, Jun 22 2012 

Си седел татко една вечер под еден трем од една воденица во време кај пет и пол саатот и си пиел тутун.
Времето било в мај месец и месечината била зајдена тогај пред пет декики.
Како што си се мислел нешто и се пулел удолу в поле, видел еден огон од едно село колку три саати скраја, што беше се задал да оди по еден пат што идел право кај воденицата.
Co прво огнот то видел колку една силна ѕвезда, и колку приближувал кај него толку се ширел и најпосле се сторил колку една месечина кога да е полна.
Отвори се, чинело, на тркало како големата месечина и пак се затворало пак на тркало, ама се правело мало колку една педа и тогај одело како да лета ветар и право идело на татка.
„Де море ал де, беше си рекол сам со себе, што ќе чини ал сега, кај ќе се бега од оваа вештица ѓаволска.”
Беше чул татко ми оти во тоа село сите баби, што беа умреле, беше се извештичавиле, та од тоа беше се уплашил, сторил ниет да бега некаде.
Веднаш не му се вдало, ами беше го извадил пиштолот и беше го навртил во вештицата цраво како што идела во него, уште за колку десет чекори да му дојде кај татка.
Имало јаз што течело вода, до јазот имало една топола и туку беше кршнала вештицата од правиот пат и во тополата се удрил огнот, та беше се изронил сиот како искри од некој ковачки оџак, кога да се креваат наугоре и да паѓаат долу.
Така искрите фр, фр, фр, и попаднале на коренот и толку, беше си загинала вештицата и татко куртулисал.
„Зер биле собрани ѓаволите на тополата што ја повасале вештицата и ја парчелисаа, ми велеше татко и се изрона”.
Чекал саноќ да излезе или да мрдне, ништо немало, и така не заспал саноќ, дури се раздени сосе пиштолот в рака гледал кај коренот од тополата.
„Ете вакви стравови сум видел, бре синко, јас ми рече, да ти пак неверуј оти има вештици и вапири.”

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Мртвиот маѓосник Friday, Jun 22 2012 

Еден еким бил многу учен и сам себе се фалел оти кога ќе умре,
со билките што ги знаел ќе можел да оживи.
Така мислејќи си,
направил три шишиња со билки
и им нарачал на жената си и на синовите си,
кога ќе умре
да го потурат со едното од врв глава до нозете,
со другото — од десното рамо право удолу,
a со треќото — од левото рамо до петици,
и до четириесетте дни еден човек да го држи просто на градите си,
на земи ич да не го легне на плеќи,
и така преслагал оти ќе оживи
и после ич да не умре.
Дојде саатот и умре.
Жената му зеде трите шишиња и го потури,
спроти како што беше и нарачал:
првин со едното од врв глава
и после со другото од рамото наудолу.
Co првото и второто потурање фати човекот да оживува,
ги отвори малку очите, промемоли со устата.
Виде, сполај му на Бога,
оти сака екимот со марифетот свој да оживи
и да не умре уште еднаш,
и и заповеда на една чавка да летне и со крилото да го турне и да го скшри треќото шише за да не може да се потури и да оживи.
И вистина така биде.
Го крена еден човек на гради и фати да го носи,
за да се разоди со нозете.
Екимот сеќаваше оти уште едно шише требаше за да му се тури,
и туку велеше со збор недоречен:
„уштеее” (уште едното шише турете го).
Арно ама, уште едното го окрши чавката што ја прати Господ
и немаше друго за да го потурат.
Човекот му кажуваше оти една чавка го окрши шишето;
арно ама тој не можеше да му ги докаже билките за да направат друго.
Така го држеа откупениот човек на гради просто
и го разодуваше до триесет дни.
My се смачи дури и на Бога,
та прати еден ангел да пере со сапун
еден црн мутав
на една река
што течеше покрај куќата од екимот.
My се пули човекот,
со екимот носејки покрај река,
на ангелот,
оти црн мутав го пере,
за да го прави бел.
„Mope момче бре,
ке те прашам, му рече човекот, нешто,
ама право да ми кажеш:
зошто се мачиш со тој мутав да го переш со сапун?”
„За да го направам бел, пријателе, се мачам,” му рекол ангелот.
„Ејди момче еј,
ни дедо ти ни предедо ти
не белиле црн мутав со сапун,
нито ти пак ќе го обелиш;
туку ај оди ми си,
оти уште триста дни да переш
и пак не ќе го обелиш.”
„Вистина, стрико,
уште триста дни да перам и не ќе го обелам,
ама и ти што го држиш на гради полуумрениот човек триесет дни
и ќе го носиш до четириесет,
уште четиристотини да го носиш,
и не ќе го оживиш;
кога ќе го обелам мутавов јас
и ти ќе го оживиш екимов.
Ја клај го троа на земја
и ќе видиш оти ќе подзине,
ќе се руши и ќе умре,” му рече ангелот и вистина,
едно го остави на земи
и веднаш подзина и се руши.
Од смрдеа не се траеше до него,
и брго го турна в река,
за гробнина да нe му се знае.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Џив, џив Thursday, Jun 21 2012 

Една време беше се собрале врапците на еден висок трн и секое велело:
„Јас сум цар, бре, јас сум цар”.
Секое врапче цар се правело и викало што то грло течело.
Секое што било на поголемо гранче се туркало од тоа што било на подолното панче,
и откога ќе го турнело, ќе се наречело цар.
Сите викале. „цареви сме’.
Викале, врескале, ѓурултиа правеле,
како во авра Евреите, кога да ги пеат псалтирите.
Кој што ги видел и чул, се се смеел на нивнио будалштилак, дека се правеле на високиот трн цареви.
На тоа згора беше ги чуло врашкото сокле и беше втасало со голема сила, та беше ги нападало да ги јаде.
Грабнало едно — испердушило, грабнало друго искинало и го изело, грабнало треќо и cи го однесло на седело да си ги нарани соклињата мали.
Во тоа време, страшно за врапците, од кај што се правеа сите цареви,
фатија да му се прават на соколот чифчли, велејќи кога бегаа од трнот и се криеја, вака: „Чив, чив, чив, чив сум” (чифчија сум, кажувале).
Секој се откажувал од цар да биде пред соколот и ce правел чифчија,
страха ради соколова.
Откога си се најало соклето и си отишло, фатиле да си излегуваат врапците од кај што беа се искриле низ дупките и фатиле да се прашаат едно со друго,
„Џив, џив, џив” (море, али си жив бре?) едно со друго се прашаат.
И оттогај им осганало на врапците да се прашаат едно со друго:
„Џив, џив”.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Вода да те однесе Thursday, Jun 21 2012 

Пред многу годиње ми прикажуваше за еден сон што беше го видела Марија Мрмејца, жената му на Костадина Мрмета.
Еве каков сон беше видела сирота Марија.
Како да си спиела на амбарче со Костадина и со двете и машки деца и со едно девојче. Двете и деца му лежеле на рацете од Костадина, едното на десната рака, другото на левата.
Така беше си ги зел уште на легнување и така беше си заспал;
а пак девојчето си го зела Марија при себе и си легнала до едното дете.
Спиејќи си сите тивко и мирно, Марија видела еден сон како да беше стекла реката Ореовечка и им влегла во двор в куќи и дури на амбарче, та ги дигнала сосемати постела и ги занесла од куќи во двор.
Гледајќи го тој сон Марија, рипнала од сонот (ама па во сонот рипнала) и дала вик по Костадина да го разбудува.
Се разбудил Костадин али не се разбудил, веќе и таа не знае, и тој и ги фрлил в раце децата.
Арно ама Марија не можела да ги докрепи в раце кога и ги фрлил Костадин, и и паднале во матната вода.
Се пуштила да ги вади и, уште не излезени од порта надвор, ги фатила и ги кренала на рамо двете, а девојчето го носела за рака и дошла до крајот, та ти паднала во една тиња сосе деца, а пак мажот и Костадин беше го занесла реката од порта надвор и и се изгубил од пред очи, и се затварила порта со силно удрување и тропнување, брам сторила.
Од тропнувањето на портата беше се разбудила и посигнала преку деца да го побара Костадина дали е тука, чунки на сон го виде оти го однесе реката;
посигнувајќи со раката, и се натопила како од топла вода.
Го буцнала со рака да го разбуди, да види: и тој што е таа топла вода околу главата негова.
Буцкала, викала по Костадина, тој нибаре од кај си.
„Стани, Костадине, стани да видиш што е оваа топла вода околу глава; стани оти пусти лош сон сум видела.”
Ни од тоа викање, брате, слушал Костадин, нити од што го буцкала со рака.
Најпосле како да беше се налутила малце Марија и го грабнала со рака за темето од главата.
Кога гледа, раката и се пикнала во главата, и сетила оти му е мозокот, и отаде крвта била што течела, a не топла вода.
Тогај сетила оти е отепан од некои душмани Костадин.
Брго – брго ја запалила свеќата.
Кога да види, парчиња сторена главата од куршумот што беше го удрил.
Спискала сирота Марија, сврескала до што и грло тече.
Ама што фајде, лоши душмани, Турци беа го отепале; и остана вдовица со три деца.
Ги гледа сама, и дури ги изгледа, триста маки виде сиротата, откога ги исправи на нога и се зафатија на работа, оборчеа, и најпосле во голема мака и сиромаштија умре Марија, и поголемиот и син, што и беше женет, побегна во Филибе и тамо умре.
„Ете вака, нунко и ти нунке, ми се сврши сонот мене, им велеше на татка и на мајка Марија, кога ќе се отвореше збор за сонови:
во истата вечер да видам сон, и во истото време да ми го отепаат домаќинот и да ми се сврши сонот на часот.
Сонот од Марија Мрмејца нејќе никакво расправување (толкување), чунки ашиќаре си е, при се тоа, Марија еве како го толкуваше:
реката што и влезе дома и го занесе домаќинот сосе челад,
беше душманите што и влегоа в куќа;
Костадина што го занесе од порта надвор,
тоа било душманите што ќе и го отепаат и ќе и го извадат од куќа надвор (на гробишта); а пак децата што и ги даде,
сираци ќе и останат, таа да ги гледа,
и најпосле,
што и паднаа децата на крајот во калта,
тоа покажувало оти до најпосле со мака ќе и доживеат децата и таа со нив.
(И за вистина така биде).
За вистина така и се стори на сирота Марија во крајот на нејзиниот живот,
заборчија обајцата и синови,
и борчлиите ја истераа од куќата надвор и им ги зедоа куќите,
најпосле осиромаше и умре во туѓите куќи;
и синовите и по туѓина умреа.
Сонот од Марија сум го слушал многупати од самата неа, кога седевме со кирија во куќата нејзина околу пет – шеснаесет години, дури ни даде Господ наши куќи.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Next Page »