Херодот – татко на историјата или на лагите Wednesday, Dec 19 2012 

Како се случило Египќани да пристигнат на Пелопонез и што сториле за да се направат себеси кралеви во тој дел од Грција, беше забележано од други писатели; затоа, јас нема да додадам ништо, туку ќе продолжам да споменувам други мигови кои никој досега не ги допрел.

(Херодот, Историја, 6.55)

Поголемиот дел од нас бил подучуван да го смета Херодот за „таткото на историјата“, но дури и оние кои се следбеници на Плутарх и го ословуваат како „таткото на лагите“ тешко може да докажат дека Херодот лажел за постоењето на таквите хроники. Неговата хроника не била некаква недокажлива изјава за некои далечни луѓе, туку хроника која читателите можеле лесно да ја проверат, доколку веќе не знаеле за неа. Извесно време оставајќи го настрана проблемот околу тоа што навистина се случило над еден милениум пред Херодот да ја напише својата Историја, неговиот исказ цврсто сугерира дека во 5 век пр. н.е. постоело општо уверување дека Грција била колонизирана од Египет на почетокот од херојската епоха. Во ова поглавје, јас се надевам дека ќе покажам оти гледиштата на Херодот за египетските и за феникиските населби, иако биле третирани со удостојување и презир од најголемиот дел од современите класицисти и историчари на древноста, биле конвенционални не само во неговото време, туку и во текот на архајската, класичната и подоцнежната антика.

Пелазги

Пред да почнеме да ги истражуваме гледиштата на Грците од класичниот период за овие и за други хипотетички инвазии, би било полезно да ги земеме предвид нивните идеи за најраното население во Грција. Причината за ова е фактот што тоа е основата врз која тие го гледале дејствувањето на блискоисточните влијанија. Тука наидуваме на трнливиот проблем со најпрочуеното домородно население, Пелазгоите или Пелазгите, име употребувано различно од различни грчки автори. Според Хомер, постоеле Пелазги на двете страни во Тројанската војна. Некои од силите на Ахилеј, Хелени и Ахајци, наводно го имале населено „пелазгискиот Арг“, кој очигледно се наоѓал во Тесалија. Борејќи се на страната на Троја, од друга страна, биле воините на Хипот Пелазгот, кој пристигнал од Лариса. Можното изведување на топонимот Ларис(с)а произлегува од египетскиот топоним Р-3хт, „Влез во плодните земји“, кој веројатно бил употребуван за престолнината на Хиксите, Аварис, во богатите почви на источната делта од реката Нил. Семантичкото усогласување меѓу Ларис(с)а и Р-3хт е извонредно. Понатаму, Хомеровиот епитет за две различни Лариси бил ериболаџ (со длабока почва). Како што укажал Страбон, географот од 1. век пр. н.е. и од 1. век од новата ера, сите грчки Лариси биле на алувијални (наносни) почви.

Величественото и древно пророчиште на Ѕевс во Додона Хомер го нарекувал „пелазгиско“, епитет кој го употребувале и подоцнежни писатели. Пелазги се појавуваат и на други места во неговото набројување на луѓе од Крит, во кои биле вклучени и Ахајци, Етеокриќани, Кидонијци и Дорци. Хесиод, или евентуално Кекроп од Милет, изјавил дека „три хеленски племиња се населиле на Крит, Пелазгои, Ахајци и Дорци.“ Многу подоцна, Диодор Сицилиски тврдел дека Пелазги се населиле на Крит по Етеокриќаните, но пред Дорците.

Дури и доколку претходниот цитат не датира од времето на Хесиод кој, според античкиот модел, живеел во 10. век пр. н.е., тој добро се поклопува со набројувањето на Хомер. Кај Хомер, Пелазгите се одвоени од Етео или „вистинските“ Криќани, за кои се претпоставува дека биле нехелени, можеби анадолски народ, но далеку поверојатно е дека биле луѓе кои говореле на семитски јазик. Освен тоа, Хомер не споменал Данајци или Арѓани на Крит. Овие факти, заедно со општата конотација „домородни“ поврзана со името, се причина за веродостојниот предлог дека Пелазгите биле најраните жители на островот кои говореле хеленски или грчки. Значи, се чини дека редоследот на Хесиод е хронолошки: Пелазгите пристигнале на островот пред ахајската инвазија во 19 век пр. н.е., и пред инвазијата на Дорците од 12. век пр. н.е. Поради тоа, тие и во двете набројувања изгледа дека се еквивалент на Данајците.

Понатамошна индикација дека критските Пелазги биле Хелени доаѓа од врската, предложена од неколку научници, меѓу Пелазгите и Филистејците кои се населиле во Палестина во 12. век пр. н.е. Според една прилично голема библиска традиција, се претпоставувало дека Филистејците пристигнале од Крит. Равенката меѓу „Пелазг“ и „Пеласт“ вообичаено беше објаснувана со постулирање на една оригинална „претхеленска“ експлозивна согласка, која била слушана како „г“ од Грците, и како „т“ кај луѓето кои говореле египетски и семитски јазици. Освен моите сомнежи за постоењето на претхелените, мошне тешко е да се конструира согласка некаде меѓу „г“ и „т“.

Доколку, како што сметам на други места, грчкиот алфабет бил во употреба од 15. век пр. н.е., таква грешка може да ги објасни не само овие текстуални варијанти, туку и самото име Пелазгои. Ова би можело да биде произлезено од „Пеласт“, вокализацијата реконструирана за ханаанската форма. Иако природата на филистејскиот јазик или јазици е сè уште мошне неизвесна, најверојатните кандидати се западноанадолските јазици како лидискиот или грчкиот. Според мене, далеку поверојатно е дека станува збор за грчкиот јазик. Значи, доколку тука постои некакво равенство меѓу Пелазги и Филистејци, што е возможно, и доколку Филистејците говореле на грчки јазик, што е веројатно, тоа уште повеќе би ја зголемило веројатноста дека критските Пелазги говореле на хеленски јазик.

Аристотел и Египет Monday, Dec 17 2012 

Аристотел не само што бил ученик на Платон, туку учел и во Академијата под раководство на Евдокс од Кинд, величенствениот математичар и астроном, за кого постоеле искази дека поминал 16 месеци бричејќи си ја главата во Египет, со цел да учи со тамошни свештеници. Аристотел бил под огромно влијание и од тврдењата на Херодот за Египет, и очигледно бил фасциниран од таа земја. Иако повремено ја нагласувал големата древност на месопотамиската и на иранската цивилизација, неговиот став изгледа велел дека Еѓипјаните биле најдревните луѓе. Аристотел бил подеднакво контрадикторен и по прашањето на дифузионизмот. Повремено го искажувал своето уверување во независната инвентивност кај различни култури, но затоа Египет бил колевката на математиката, бидејќи на кастата на свештениците и било дадено големо слободно време, schole. Според Аристотел, свештениците ги измислиле mathematikai technai (математичките вештини), во кои биле вклучени геометрија, аритметика и астрономија. Всушност, неговото одушевување од Египет го надминало воодушевувањето на Херодот во една поединост. Таму каде што Херодот верувал дека Еѓипјаните ја развиле геометријата, клучната наука, поради практични причини, за мерење на земјата откако ориентирите биле однесувани од поплавите на реката Нил, Аристотел верувал дека геометријата биле теориски развиена од свештениците.

"Вие Грците секогаш сте деца" Monday, Dec 17 2012 

Современиците на Платон го исмевале, велејќи дека тој не бил изумителот на својата држава, туку дека копирал египетски институции. Тој им придавал толку големо значење на исмевачите, така што на Египет му ја припишал приказната  за Атина и направил Атињаните да велат дека навистина живееле под овој режим во определен момент од минатото.

Во своите дијалози Тимај и Критија, Платон говорел за чудесата на изгубената цивилизација Атлантида и за нејзиниот страотен колапс. Постоела широко распространета, но само доцна потврдена традиција, дека Атина била основана од Кекроп од Египет, кој дошол од градот Саис од западната делта. Постоело и признавање дека Нуит, божицата на тој град, била иста како и Атена.

Во прочуениот пасус за митот на Атлантида, Платон му ја припишал на Критија следнава приказна:

Кога големиот атински законодавец Солон пристигнал во Саис во раниот 6ти век пне, кога Саис бил престолнина на Египет, кон него се однесувале како со роднина поради посебниот однос кој жителите на Саис го чувствувале кон оние од Атина. Дури му бил дозволен и разговор со египетски свештеници од повисок ранг. Еден од нив, откако го укорил Солон со прочуените зборови ‘Ох Солон, Солон, вие Грците секогаш сте деца’, продолжил да му кажува на Соолон дека божицата ја основала Атина пред Саис, а не спротивно. Тој му објаснил дека ваквото незнаење на Атињаните, како и општото грчко непознавање на сопственото минато, се должело на периодичното уништување на грчката култура од огнени и водени катастрофи, кои го избришале споменот за поранешната слава на Атина. Меѓутоа, во Египет, благодарејќи му на неговата поволна позиција, институциите биле зачувани.

Значи, според Платон, доколку некој сакал да им се врати на древните атински институции, тогаш тој морал да се сврти кон Египет. Колку подлабоко се оди кон вистинските хеленски корени, толку поблиску се стига до Египет. Платон, како и Сократ, бил уверен во колонизациите на Пелоп, Кадмо, Ајгипт и Данај, и изгледа го прифатиле ставот на Херодот дека варварите со себе донеле значаен културен багаж.

Валканите Грци и Дорците Thursday, Nov 8 2012 

Филхелените повеќе се интересирале за класичните Грци одошто за нивните херојски, но празноверни христијански и валкани „потомци“, а некои од нив дури и се обидувале да ги отпишат овие како „византизирани Словени“. Филхелените ја барале чистата суштина на Грција, пред таа да се извалка со расипаноста на Ориентот, а со нивната апотеоза дури и самите Антички Грци не успевале да ги достигнат новите високи стандарди. Тие стандарди сè повеќе почнале да бараат културна, јазичка и, конечно, „расна“ чистота и Фридрих Шлегел открил такви нови примери веќе во последната деценија од18 век, во Спартанците или во пошироките племенски групирања на кои тие им припаѓале, т.е. Дорците. Еве како Елизабет Росон, современ историчар за претставувањето на Спарта, ги опишува писанијата на Шлегел за Спартанците:

Од самиот почеток, Шлегел ги опишува Дорците со јазик што нè потсетува на јазикот што Винкелман го употребувал за општо опишување на Грците; слушаме за нивната милде Гроссхеит, „спокојна големина“, и вистина, за разлика од Јонците, кои полесно може да се поврзат со Ориентот, Дорците се постарата, почиста и поавтентична хеленска гранка, на која се должат двете суштински постапки на грчкиот дух, музиката и гимнастиката.

Забележете дека Шлегел и голем број подоцнежни автори ги изделуваат токму како суштински овие два невербални, ирационални и, ќе се дрзнам да кажам, „германски“ аспекти на грчката култура. Делото на Ниче под наслов „Раѓањето на трагедијата“, објавено во 1872 година, во кое музиката и дионисиската трагична страст се нагласуваат над аполонскиот разум, честопати се смета за радикално раскрстување со гледиштето на Винкелман за „спокојната големина“ на Грците. Тоа, всушност, и припаѓа на една германска традиција, која се навраќа преку поемите на Хајне во четириесеттите години од 19 век, до Хејне и до драмскиот писател Виланд во 18 век.

Во текот на 19 и 20 век германскиот култ кон Дорците и кон Лаконците, како и поистоветувањето со нив, и понатаму растело и го достигнало својот врв во Третиот рајх. Кон крајот на 19 век некои „фолкише“ (популистички, националистички) писатели сметале дека Дорците биле чистокрвни Аријци од север, можеби дури и од Германија, а секако биле гледани како многу блиски до Германците според својата ариевска крв и ариевски карактер.

Интересно е да се забележи дека голем број од водечките британски класичари од крајот на 19 век, вклучувајќи ги и Џон Пентланд Мејхафи и Вилијам Риџвеј, потекнувале од протестантска лоза од Ирска. Сите тројца со воодушевување гледале кон чистата северна, можеби и германска, крв на Дорците. Па така, настрана од учеството во општиот расизам својствен на времето, јасно е дека тие гледале аналогија меѓу односот на тевтонските Англичани со Ирците, кои ги сметале за „гранични Европејци“, и односот меѓу Дорците и народите што им биле подредени, домородните Пелазги и Хелотите. Риџвеј бил сосема доследен расист, кој, и покрај тоа што неговото семејство живеело во Ирска веќе 200 години, се фалел дека немал „ниту капка келтска крв во неговите вени“. Па така, до 1900, Спартанците, „вистинските“ Грци, се сметале за чисти во расна смисла и прилично северни. Состојбата не била толку екстремна на почетокот од 19 век, но притисоците се зголемувале.

Првиот непосреден напад врз античкиот авторитет и античкиот модел дошол од Карл Отфрид Милер. Милер е припадник на едно од првите поколенија кои учеле според образовниот систем на Хумболт. Тезата на Милер била локална историја на островот Егина. Иако делумно вдахновен од мермерните парчиња што неодамна пред тоа биле донесени од Егина во Германија, проектот бил совршен пример за романтичарски позитивизам. Како прво, како што посочува Гуч, првата локална историја на античка Грција личела на првата германска историја: таа на Оснабрик, напишана од страна на романтичарскиот конзервативец Јустус Мезер. Како второ, Егина е остров ‡ совршен ограничен простор згоден за исцрпно истражување. Уште поважен е фактот што на него живееле Дорци и што гледал кон Атина, главниот град на „расипаните“ Јонци.

Занимавајќи се со античкиот модел, Милер честопати упатува на комбинации и врски меѓу Грците и варварските свештенства. Тие, сметал Милер, говореле за некакви темелни односи меѓу различните религиозни системи и митови. Токму овие „подоцнежни“ контакти го создале погрешниот впечаток според кој Грција ја презела својата религија, своите митови и својата цивилизација како целина од Блискиот Исток; неговата главна техника за отстранување на овие доцнежни сраснувања бил „аргументот од тишина“. Тој во начело признавал дека автентично древни традиции понекогаш се јавувале само во „доцнежни“ извори ‡ впрочем, и самиот понекогаш се потпирал врз такви извори. Оттука, за одрекување на автентичноста на одредена легенда, му бил потребен некаков дополнителен критериум: мора да постоела некаква силна причина од самото време за измислување на легендата. Меѓутоа, во практика, самото непостоење на сведоштво се сметало за обвинувачко, особено кога Милер го напаѓал античкиот модел. Впрочем, тој и неговите следбеници ги користеле Хомер и Хесиод, но не како поети со широк спектар, туку како енциклопедии.

За нас, највпечатливото обележје на делото на Милер е фактот дека тоа во целост се базира врз традиционални материјали, кои отсекогаш им биле на располагање на учените луѓе. Во него ги нема доградбите на знаењето од 19 век. Античкиот модел паднал не поради нови откритија во самата област, туку затоа што тој не одговарал на доминантниот светоглед. Да бидам попрецизен, тој бил несомерлив со парадигмите на раса и напредок од почетокот на 19 век.

Мартин Бернал – Црна Атена Monday, Oct 15 2012 

„Црна Атена“ првпат е објавена во 1987 година и тоа е книга, која како ретко која друга, последните дваесетина години предизвика толку многу научни дискусии, дебати, полемики и која ја разбранува научната јавност како во САД, така и во Западна Европа. Всушност, мегапроектот „Црна Атена“, предвиден да биде тетралогија (досега се објавени три тома, четвртиот се очекува да се појави наскоро), привлече неверојатен интерес и предизвика објавување на редица други томови.

Еминентниот научник Мартин Бернал, како што вели самиот, втората половина на својот живот ја посветил на проектот „Црна Атена“ во кој со научни факти и аргументи дава одговор на прашањето за потеклото на античка Елада, нејзината историографија и историја. Бернал поставува две објаснувања за потеклото, што ги нарекува антички и ариевски модели. Токму затоа многу научници и критичари, уште во средината на осумдесеттите години на минатиот век, појавувањето на „Црна Атена“ го ставија во контекст на академската борба меѓу таканаречените афроцентристи и евроцентристи. На изјавите на критичарите дека Мартин Бернал со неговата „Црна Атена“, всушност, се ставил на страната на афроцентристите, тој го спротиставува тврдењето дека културните и цивилизациските достигнувања не доаѓаат од само еден центар во светот или од еден континент, туку од повеќе страни.

Треба ли во ваква ситуација да се поставува прашањето зошто грчкото издаваштво и култура воопшто, до денес не најдоа сила и доблест да ја објават оваа книга на својот јазик. Одговорот бездруго се содржи во студијата на Мартин Бернал според која и во античко време елинската цивилизација била мултикултурна, како што и денес целиот Балкански Полуостров е мултикултурен. Со други зборови тоа значи дека народите на овие простори отсекогаш се мешале и дека никој нема ексклузивно право на антиката, или поинаку кажано, тоа право го имаат сите подеднакво!

Значи, доколку и во античко време Балканот бил мултикултурен, а според неоспорните факти објавени во „Црна Атена“ се потврдува дека бил, природно се наметнува и прашањето: кој и зошто би имал право на ексклузивитет врз цел еден период, исклучувајќи ги сите други племиња и народи?! Или: зарем може, туку така без трага, да исчезнат Венетите, Пелазгите, Етрурците, Сарматите, Скитите и Аварите, како и ред други племиња што постоеле, владееле и создавале, со апсолутни докази од материјалната, духовната и општествената култура, а притоа да останат само тие што ни се познати како Елини, денес Грци?! Така, произлегува дека конструкцијата елинска или грчка култура и цивилизација е чиста фабрикација на германско-виенската школа, којашто Мартин Бернал успешно ја демистифицира и деконструира.

Благодарение на „Табернакул“ една вака значајна книга се објавува и на македонски јазик и може да биде достапна на сите што се во потрага по вистината и суштината на тезата за мултикултурноста на балканските простори од антиката до денес, наспроти наметната имагинација за чиста и цивилизирана Грција. Досега постојат девет преводи на првиот том на „Црна Атена“: пет на европски и четири преводи на азиски јазици. Македонскиот превод е десетти, но прв на словенски јазик и прв на некој од источноевропските јазици воопшто. 

Вовед

“Цивилизацијата” настанала во Месопотамија

Херодот – татко на историјата или на лагите

Валканите Грци и Дорците

 

 

Црна Атена – Колонизација Sunday, Oct 14 2012 

Црна Атена – Јонци Saturday, Oct 13 2012 

Античкиот модел во антиката – Пелазги Friday, Oct 12 2012 

"Цивилизацијата" настанала во Месопотамија Tuesday, Oct 9 2012 

Можеби е корисно да понудам општ впечаток околу моите гледишта за историската заднина на темите во оваа книга, особено таму каде што се разликуваат од конвенционалната мудрост. Како и најголем дел од учените луѓе, јас верувам дека е невозможно да се понуди суд меѓу теориите за моногенеза и полигенеза на човековиот јазик, иако сум наклонет кон моногенезата. Од друга страна, неодамнешни дела од мал, но сè поголем број научници, ме убеди дека постои генетска поврзаност меѓу индоевропските јазици и јазиците од афроазиското јазично „натсемејство“. Јас уште повеќе го прифаќам конвенционалното, иако спорно гледиште, дека некое семејство од јазици произлегува од еден единствен дијалект.

Затоа, јас верувам дека со сигурност некогаш постоеле луѓе кои говореле прото-афроазиски-индоевропски јазик. Такви јазик и култура со сигурност се раздвоиле пред мошне долго време. Најновата веројатност би бил мустерискиот период, 50000-30000 години пр. с. (пред сегашноста), но постои голема можност тоа да се случило многу порано. „Терминус анте љуем“ е определен според далеку поголемите разлики меѓу индоевропскиот и афроазискиот јазик, одошто според разликите во нивните рамки, и јас верувам дека раздвојувањето на афроазискиот може да биде временски лоцирано во 9 милениум пред н.е.

Ширењето на афроазискиот јазик јас го гледам како експанзија на културата – одамна воспоставена во источноафриканската Долина на раседот – на крајот од последната ледена епоха во 10 и во 9 милениум пр.н.е. Во текот на ледените епохи, водата била складирана во поларните ледени капи, а врнежите од дожд биле значително помали отколку денес. Сахара и Арабиската Пустина биле уште поголеми и понепристапни отколку сега. Со зголемувањето на топлината и врнежите во столетијата кои уследиле, голем дел од овие региони станале савани во кои се собрале луѓето од оближните области. Најуспешните од овие луѓе, јас верувам, биле луѓето од Долината на раседот кои говореле протоафроазиски. Овие луѓе не само што имале ефективна техника за ловење нилски коњи со помош на харпуни, туку поседувале и припитомени животни и земјоделски посеви. Одејќи низ саваната, луѓето кои говореле чадски пристигнале до езерото Чад; Берберите дошле до Магреб; а Протоегипќаните во Горен Египет. Луѓето кои говореле протосемитски ја населиле Етиопија и продолжиле кон арабиската савана.

Заедно со долготрајното сушење на Сахара во текот на VII и VI милениум пр. н.е., се одвивале движења кон долината на Нил во Египет, од правец на запад и исток, како и од Судан. Јас сметам и дека – но овде сум малцинство – слична миграција се одвивала од арабиските савани кон Долна Месопотамија. Најголем дел од научниците веруваат дека оваа област најпрво била населена од Сумерците или Протосумерците, како и дека Семитите од пустината се инфилтрирале дури во III милениум пр. н.е. Јас тврдам дека во текот на VI милениум пр. н.е., семитскиот јазик се ширел со таканареченото убаидско грнчарство во Асирија и во Сирија, со што повеќе или помалку го зазел регионот на Југозападна Азија, каде денес се говори семитски. Јас ги замислувам Сумерците како дојденци во Месопотамија од североисток, на почетокот од IVмилениум пр. н.е. Во секој случај, од најраните текстови кои биле напишани, текстовите од Урук од приближно 3000 г. пр. н.е., ние сега знаеме дека постоела прилично забележителна двојазичност во семитско-сумерскиот јазик.

Малку научници ќе ја оспорат идејата дека Месопотамија била сцената каде најпрвин било создадено она што го нарекуваме „цивилизација“. Со можен исклучок на пишувањето, сите елементи од кои била составена цивилизацијата – градови, земјоделско наводнување, обработување метали, архитектура од камен и тркала, како за возила, така и за изработување грнчарски производи – постоеле претходно и на други места. Но овој збир, кога бил крунисан со пишувањето, овозможил голема економска и политичка акумулација, која со право можеме да ја согледаме како почетокот на цивилизацијата.

Општата шема на експанзијата од Централна Азија или од степите, беше развиена пред дешифрирањето на хетитскиот јазик, откритието дека бил „примитивен“ индоевропски јазик, како и понатамошното признавање дека постоело анадолско јазично семејство. Во „анадолски“ јазици не се вклучени јазиците како фригискиот и ерменскиот кои, иако се зборувале во Анадолија,
современа Турција, очигледно се индоевропски. Вистинските анадолски јазици, хетитскиот, палајскиот, лувискиот, ликискиот, лидискиот, лемнискиот, веројатно етрурскиот и можеби карискиот ‡ поттикнуваат многу проблеми во конвенционалното гледиште за индоевропското потекло. Во основа постои согласност дека протоанадолскиот се раздвоил од протоиндоевропскиот пред расчленувањето на протоиндоевропскиот. Сепак, невозможно е да се определи временската должина меѓу двата настани, кои би можеле да се протегаат од 500 години, па сè до 10.000 години. Во секој случај, постои значителна разлика поради која многу лингвисти прават дистинкција меѓу индоевропскиот, во кој не се вклучени анадолските јазици, и индохетитскиот, во кој се вклучени и двете семејства. Доколку, како што претпоставува најголемиот дел од историските лингвисти, не само индоевропскиот, туку и индохетитскиот јазик започнал да суштествува на
северот од Црното Море, тогаш како и кога луѓето кои говореле анадолски јазици навлегле во Анадолија? Некои авторитети тврдат дека ова се случило во текот на доцниот дел од 3. милениум пр. н.е. кога, како што посочуваат месопотамски извори, таму се случиле инвазии на варвари. Далеку поверојатно е дека овие инвазии биле изведени од луѓе кои говореле фригиски и протоерменски. Речиси е неверојатно дека период од неколку стотини години, пред првото сведоштво за хетитскиот и за палајскиот јазик, би овозможил мошне забележително диференцирање меѓу индоевропскиот и анадолскиот, како и во рамките на самото анадолско семејство. Археолошките сведоштва за 3. милениум пр. н.е. се крајно слаби и недоследни, но тука не постои очигледно раздвојување во материјална култура кое би се вклопило во толку големо лингвистичко поместување. Освен тоа, не би требало премногу да се потпираме на аргументот од тишината и не можеме да го исклучиме напливот од анадолска култура во 5. и во 4. милениум пр. н.е.

претходно: Црна Атена – вовед

Црна Атена – вовед Sunday, Oct 7 2012 

Речиси секогаш, луѓето, кои се заслужни за овие темелни откритија на некоја нова парадигма, или биле мошне млади, или мошне нови во областа чија парадигма ја менуваат.

(Томас Кун, Структурата на научните револуции)

 

Употребувањето на цитатот од Томас Кун е мој обид, како човек кој се здобивал со знаење од кинеската историја, за оправдување на мојата претпоставка за пишувањето на теми што се многу оддалечени од мојата првобитна област. Бидејќи јас ќе го тврдам следново: иако промените кои ги предлагам во однос на гледиштето не се парадигматски според стриктното значење на зборот, тие не се ништо помалку фундаментални.

Овие томови им посветуваат внимание на два модела од грчката историја: еден модел кој ја гледа Грција како суштински европска или ариевска, а другиот кој ја согледува како левантска, на периферијата од египетската и семитската културна област. Јас ги нарекувам „ариевски“ и „антички“ модели. „Античкиот модел“ бил конвенционално гледиште меѓу Грците во класичниот и во хеленистичкиот период. Според него, грчката култура се појавила како резултат од колонизацијата, околу 1500 г. пр. н.е., изведена од Египќани и Феничани кои ги цивилизирале домородните жители. Освен тоа, Грците во голема мера продолжиле да позајмуваат од културите на Блискиот Исток.

Најголемиот дел од луѓето се изненадени кога дознаваат дека ариевскиот модел, во кој многумина од нас се наведени да веруваат, се развил дури во текот на првата половина од 19 век. Во својата најрана или „широка“ форма, новиот модел ја негирал вистината за египетското населување и се сомневал во населувањето на Феничаните. Тоа што јас го нарекувам „екстремен“ ариевски модел, кој цутел во текот на двете кулминации на антисемитизмот во деведесеттите години на 19 век и повторно во дваесеттите и во триесеттите години на 20 век, го негира дури и културното влијание од Феничаните. Според ариевскиот модел, постоела некаква инвазија од северот, која не била евидентирана во античката традиција, која остварила превласт врз локалната „егејска“ или „претхеленска“ култура. Грчката цивилизација се гледа како резултат од мешавината меѓу Хелени кои говореле индоевропски јазик и нивните домородни поданици. Токму поради конструирањето на овој ариевски модел, овој том го нарекувам Фабрикувањето на античка Грција 1785 ‡ 1985.

Јас верувам дека треба да му се вратиме на античкиот модел, но со извесни ревизии; значи, во вториот том од Црна Атена го застапувам она што го нарекувам „ревидиран антички модел“. Овој модел го прифаќа тврдењето дека постои реална основа во приказните за египетската и феникиската колонизација на Грција, присутни во античкиот модел. Меѓутоа, во моделот се смета дека тие започнале порано, во првата половина од 2 милениум пр. н.е. Тој се согласува со античкиот модел дека грчката цивилизација е резултат од мешањата на културите предизвикани од овие колонизации и од подоцнежните позајмувања во Источниот Медитеран. Од друга страна, тој привремено ја прифаќа хипотезата на ариевскиот модел за инвазии ‡ или инфилтрации ‡ од северот, изведени од луѓе што зборувале на индоевропски јазик, некаде во текот на 4 или 3 милениум пред новата ера. Сепак, ревидираниот антички модел смета дека претходното население зборувало на сроден индохетитски јазик, кој оставил малку траги во грчкиот јазик. Во секој случај, тој не може да биде употребен за објаснување на многуте неиндоевропски елементи во подоцнежниот јазик.

Доколку сум во право во моите настојувања за уривањето на ариевскиот модел и за неговото заменување со ревидираниот антички модел, ќе биде неопходно не само повторно обмислување на темелните основи на „западната цивилизација“, туку и свесност за продирањето на расизмот и „континенталниот шовинизам“ во целата наша историографија, или во филозофијата на пишаната историја. Античкиот модел нема големи „внатрешни“ недостатоци, или слабости во моќта на објаснувањето. Тој бил урнат поради надворешни причини. За романтичари и расисти од 18 и од 19 век, едноставно било незамисливо дека Грција, која била гледана не само како олицетворение на Европа, туку и како нејзиното чисто детство, била резултат од мешавината меѓу домородни Европејци и колонизаторски Африканци и Семити. Затоа, античкиот модел требало да биде урнат и да биде заменет со нешто поприфатливо.

Античкиот, ариевскиот и ревидираниот антички модел споделуваат една парадигма ‡ парадигмата за можноста за ширење јазик или култура по пат на освојување. Интересно, ова е спротивно на доминантниот тренд во денешната археологија, кој го нагласува домородниот развој. Ваквиот развој наоѓа свој одраз во грчката праисторија, според неодамна предложениот модел за автохтоно потекло. Меѓутоа, Црна Атена се фокусира на натпреварот меѓу античкиот и ариевскиот модел.