Интервју со Ристо Вртев и Горазд Чаповски Wednesday, Aug 29 2012 

Некаде во првата половина на 1998, гости на Игор Исаковски во радијската емисија „The Blues Brothers“ беа Ристо Вртев и Горазд Чаповски. Текстот пред вас е првиот дел од тоа заедничко интервју, кое што е преуредено за потребите на БЛЕСОК Звук.

 

 „Години на љубов ил’ смрт“

И.И.: „Години на љубов ил’ смрт“, стихови од насловната нумера од најновиот албум на Архангел „Heartcore“. Ристо, мора ли работите секогаш да бидат спротивставени на овој начин?

Р.В.: Не мора, тоа е…Знаеш, меѓу тие две работи постојат милион компромиси, и животот што го живееме обично нè принудува на компромиси. Меѓутоа, во крајна инстанца, човек е секогаш горд кога ќе ги дотера работите до крај. Барем сум јас таков човек, и затоа размислувам за крајни инстанци. Затоа што љубов, зборувам за љубов како општа категорија, тоа е за мене конструктивно, а смртта деструктивна работа, ако ја принудуваш да дојде. Смрт на било што, политички систем итн. Кога ќе срушиш добар политички систем, тоа е смрт. Ајде да ги замислиме овие што отпаднаа во транзицијата, да ги замислиме оние во Босна кои на 60-70 г. Останаа без имотот кој го стекнувале цел живот, имаат ли тие време за уште еден живот? Во тој смисол. Во таа смрт припаѓа и ова, не мора толку општо и филозофски воопшто животот да го сфаќаме.

И.И.: Во контекстот на љубовта, на смртта, на уривањето, на создавањето на некои нови вредности и потврдувањето на старите. „Нова библија, нова вера“, како би ја искоментирал оваа песна?

Р.В.: Оваа песна по форма е направена за она што сум го ценел, значи се потпира врз еден rock’n’roll, балканска провенциенција, хармониската прогресија му е таква, и зборува за еден комунист кој се транзицира, практично се пресликал од таква судбина и гледајќи со тие очи го доведов тој прелом. Место срце имав ѕвезда, немав Исус, Алах, знаеш како беше порано, и сега сето тоа исчезна и се наоѓаш на ветрометина каде е срушено сето она кое што ти било некоја потпора, психичка, морална, не-знам-каква. Во животот се наоѓаш на еден чист терен каде што е сè тоа срушено, кралот е голем, и единствена вредност, (а дали е вредност?), стануваат парите.

Ги имаш само парите како покритие на стравот, исто ти се фаќа, затоа и ја имаме оваа состојба во транзиционите земји, секаде луѓето живеат во страв, што ќе биде утре, и за денар повеќе. Тие стануваат полоши родители, синовите стануваат полоши синови, директорите стануваат полоши директори, работниците полоши работници итн. …Имаш општ хаос.

Транзиции и срцевина – поезија

И.И.: Што е она што станува, ако воопшто нешто станува подобро во такви некои времиња?

Р.В.: Подобро е, од сето тоа најдобро е, за оној кој што од вистински причини се зафатил со уметност, само што уметниците ни избегаа. И тоа е добра транзиција, да се почестат сите комунистички мандарини, кои направија кариери во комунизмот, а сега први плукаат по него, и влегоа во политика, бизнис…Затоа што на политика ги направија своите кариери. И тоа е добро време, значи – дали таа транзиција ќе стане нешто полезно, јас гледам на тоа како на нешто полезно. Тие нека си преминат во политичари, уметниците, посебно овие младиве генерации кои доаѓаат, кои се разликуваат од мојава генерација, со многу повеќе стил, со многу повеќе разбирање за глобални нешта, малку повеќе нестрпливи, меѓутоа младите се такви, сакаат веднаш да им се случи сè, ама некои од нив, мислам дека, ако ништо друго, – ќе бидат многу подобри од своите претходници.

И.И.: Албумот се вика Heartcore. Колку помалку срце, колку повеќе срце?

Р.В.: Целото е во срце. Heartcore, тоа практично би било срцевина на срцето. Значи одиме од микро, микро космосот, човечкиот – поетскиот, иако ако тоа ако го земеш хемиски тоа се молекули. Но, поетите не гледаат така на тоа и го нарекуваат срце, изворот на чувствата и во таа смисла и насловот е така употребен.

И.И.: Младите сега сакаат сè набрзина да им се случи. Ти беше многу помлад отколку сега, кога ја започна rock and roll авантурата. Она што ти се случи досега – колку те прави среќен, задоволен, гладен за нови предизвици?

Р.В.: Јас сум многу задоволен со својот живот. Мислам дека поинаков не би имал смисла. Не се каам за ништо што сум го правел порано, освен можеби за неколку глупости каде што сум згрешил. Мислам дека така морало да биде. Јас уште од почеток бев многу трпелив затоа што јас многу сакам да си ги гланцам работите, да ми дојдат до оние висини кои јас сметам дека можат да одат во јавност и да си имаат сопствен живот. Јас не мислам дека уметникот треба да го сфаќаат, така нè учеа во школо, нели. Еден ваков па тој сакал нешто да каже, па темата, идејата… Мислам дека врската помеѓу авторот и делото е една, а помеѓу делото и публиката е сосема друга и независна и воопшто, кој „купи“, како „купи“ од сето тоа дело, тоа е негов дури и креативен чин. Можеби авторот и не мислел така, но испаднало нешто друго, нешто за кое тој не бил свесен итн.

И.И.: Се случува некоја интеракција на создавање на некое ново дело при прочитување, преслушување, при прегледување, при друго гледање…?
На вториот албум на Архангел, песна од Пастернак – „Зборови Волшебни“, на Харт Кор  – „Владимир“, по Владимир Мајаковски… Ристо Вртев и руската поезија, руската поезија на симболизмот, руската модерна поезија…?

Р.В.: Види вака, јас сум Словен, работам една музичка форма која е дојдена од Запад. И фудбалот е дојден од Запад, но е одомаќен. Македонците играат фудбал на еден начин, Германците на друг начин, така? Никогаш не сум мислел дека ако земеш rock and roll е нешто туѓо…Не, тоа е универзален речник и зависи што ќе направиш ти со него. Жанр е жанр, во секој жанр ти можеш да бидеш ти. Ако ти се допаѓа формата ќе си кажеш што имаш во нејзините рамки, почитувајќи ја, секако. Во rock and roll-от, барем кога јас почнав и кога слушав, тој беше доста онака фалусоиден, она со електрична гитара, она како продолжен пенис, што не одговараше на некои мои уметнички пориви, не сакав тоа да го правам во принцип, а ми се допаѓаше многу како форма, го сметав за совршена форма, што на некој начин ме оттргна од мојот театарски background, моите цел живот работеа во театар. Така од најраното детство во мојата куќа имаше многу писатели, режисери, глумци, сликари… Прво сакав сликар да бидам, потоа поет… Дури, во осмо одделение бев клониран Кочо Рацин. И тогаш приметив дека сум усвоил нешто од тие уметниците. А што усвоив… Видов дека тоа е едно интересно лудило, каде што човекот сака бог да биде, над народот, над судбината на луѓето, и затоа писателите обично земаат, оние кои што претендираат татковци на нацијата да бидат, замисли, писател татко на нацијата па одма, корените, мајката… Тоа ме ужаснуваше. Знаеш, тој пат во диктатурата што го видовме, оној српскиот меморандум, Ќосиќ со братијата, тоа го произведе Милошевиќ, толку е тоа страшно. Јас мислам дека од раното детство, од некои тинејџерски години го сфатив тоа, и затоа го избрав rock and roll-от.

Таму не траеш, ако почнеш нешто да зезаш, отиде, чао стари. Тоа е многу чесна форма, таму ако почнеш да зафркаваш, ќе дојде нова генерација и толку. Поп културата е многу чесна, затоа што никогаш нема да бидеш во Академија, нема да имаш бела брада…Никогаш не можеш да завршиш така. Меѓутоа сепак тоа оставило трага во тие литературни големи цели, црти, особено онаа хуманистичка црта на литературата ме возбудувала многу. За доброто на луѓето, но не како човек кој ќе каже како ќе им биде добро.
Пастернак е извлечен случајно, јас имав готова песна, музички, и не знаев како да направам текст што ми го завршува албумот, кога работиш текст, ти треба нешто од страна, но како што го најдов тој брилијантен превод од Гане Тордоровски, се вклопи фантастично, како да беа една за друга, помислив дека е тоа она што ми треба, просто ме трогна колку беше убаво тоа. Има точност во тоа дека јас припаѓам на некој источен сензибилитет, од Дрина надолу, што велат, тоа е сигурно. Не припаѓам на Запад. Не се „имам“ со тие луѓе. Тие го наметнаа речникот на поп, и се разбираме, сме слушале иста музика; сепак некаде длабоко во срцето сме многу различни. Овие ги знаеш какви се, сепак е поинаку, ќе се искараш, ќе се истепаш, ќе се смириш, ќе се избациш, ќе се прегрнеш…Мене ми се допаѓа тоа, тоа е здраво за мене, она таму, не ми е здраво многу-многу.

И.И.: А Владимир?

Р.В.: Е Владимир, јас бев доста потрошен и немав некоја амбиција да снимам албум, после двојкана, си се чувствував остварен, па некако интимните работи, приватниот живот почнав да си го решавам во меѓувреме, и кога дојде на ред тоа да се прави, (бидејќи бендот сè уште постоеше, треба албум), јас си седнав барајќи нешто да ме инспирира, си земав да си читам. И, налетав на Мајковски кој го закачив негде во живот малку поинаку отколку во школо и бидејќи имав собрани дела, го исчитав тоа од почеток до крај и се воодушевив од него, после од Цветаева, некои нејзини размислувања, баш за Пастернак и Мајаковски, каде што таа кажува дека ретко е во еден век и во една земја да има два големи поети, а таа ги смета нив двајца за најголеми и меѓу редови може да се прочита дека му е посклона на Пастернак, овој ѝ е прегруб, а мене пак подраг, затоа што неговата поезија е говор, а не метафора, јас се ежам од метафори, мислам дека е тоа залудна поезија каде што метафората е пред нештата, тоа ја прави и ја тера на маргините, и јас мислам дека поезијата мора да биде говор и во таа смисла Мајаковски го сметам за цар помеѓу поетите – Мајаковски, празнина, па останатите. Тој зборува, тој човек зборува, тоа можеш да го кажеш, не мора да излезе некој рецитатор, па да му дадеш значење, едноставно ќе го кажеш и тоа стои, тоа е моќно и просто се стресувам, кај Брик, „Облак во панталони“, кога вели: ходникот позади него, се потпрел на вратата… И почна… И сите во собата ничкум паднале, во тој момент сите имале чувство дека нешто екстраординарно се случило, и со самата негова појава, два метра мажиште бил. Едноставно многу го сакам. Тие негови промислувања за Америка. Во 20тите тој бил во Америка, и ја има опишано вака: овде сè е изградено за кратко да трае, овде сè е за пари, нема „како си?“, туку „колку пари направи?“, нема „види го оној убав и паметен“, туку „овој тежи, милијардер е“. Си има Америка некоја константа која врти врти, ја прегази и Европа, а посебно овие транзиционите земји, значи доживуваме американизација, што не е баш најубаво. Но како и секој кој сакал да стане владетел на светот, секогаш има контра. Со тоа мислам дека ќе се балансираат работите со време, тоа беше идејата. Тој ме инспирира, напишав една песна и употребив два негови стиха, „јас моето на земја не го живеев, јас моето на земја не го возљубив“, и тргнав наназад да пишувам песна посветена нему, како проекција на еден мој можен живот и мислам дека неговата судбина е судбина која во некој друг живот зборува за себе, неговата животна приказна. Значи кога револуцијата бидува оставена од сите, тој доследно верува во тоа, „нема да ми ја земете“, останал практично сам, верник на тоа. Тоа е прекрасно. Тој е голем човек.

И.И.: Се враќаме со самото ова на „Нова вера, нова библија“, на луѓето во транзиција, на тоа како уметникот може да го доживее сето тоа, на тоа како некој на крајот на краиштата зборувајќи за себе, ќе зборува и за целата идеја што во себе ја носи, бидејќи луѓето се на некој начин носители на идеи, инаку без тоа можеби би биле и попразни, или би биле потполно празни.

Р.В.: Сите имаат некакви идеи, дали големи или мали, дали може да се реализираат или не. Има луѓе кои се сведени на она: машина за правење на гомна, влез-излез и тоа, и цело време… Што ми треба… Аха, тоа… Си го вртат кругот и така, има такви луѓе, нормално. А има луѓе кои гонат ѓаволи, дека во овој живот мора да има нешто повеќе, мораат да имаат нешто повеќе за да биде оправдан, дека му е даден животот за нешто друго, дека не е ова сè. Е, тие се уметници, јас мислам.

Над-Македонец

И.И.: Кажи ми за што размислуваш овие денови?

Р.В.: За што? Да се наспијам пред сè, а после да се фатам на работа. Имам работа за еден филм.

И.И.: За филмот “Wake Up Dead Man”?

Р.В.: Да. Тоа е филм од Дарко Митревски и Ацо Поповски. Сега е во фаза на монтажа и после јас на готова монтажа треба да се наддадам. Тоа е крупна задача, бидејќи има недостаток од дијалози кои што треба да ги пополни музиката. Јас првпат работам на филм, па ќе видиме што ќе излезе.

И.И.: Значи на некој начин и сценариото го доправуваш?

Р.В.: Работиме заедно, ние сме пријателите на уметноста, секогаш спремни, секогаш во дослух, на заедничка задача, просветување…?

И.И.: Зборуваше за просветлувањето, за мисијата, за новите вредности што треба да дојдат и да се потврдат веќе востановените, стари вредности. Über Makedonicshe и Wake Up Dead Man се поврзани на некој начин, токму преку тоа?

Р.В.: Па, да, тие се поврзани. Ние сме дружба со Ацо и Дарко веќе неколку години и многу разговаравме и тоа се луѓе со кои најмногу комуницирам, производство на идеи, размислувања за некои ставови. И така дојде полека, со Дарко заедно работевме, потоа Ацо ја правеше „М.М.Е. Кој прв почна“– еден ден ми падна на памет Über Makedonische, и тоа изнервиран од тоа „А бре, Македонче“ – тотална контра на тоа, сè ни е во деминутив, знаеш, девојченце, аутенце… Сè ни е мало. И си реков, ајде да го проектираме тоа, контра на тоа, да видиме како ќе излезе, и се јавив, Дарко беше во канцеларијата. Кога му кажав, молчење едно 30 сек, и после тоа слушаш, Да, Да, доаѓај одма… И почнавме да лупаме околу тоа. И јас го направив текстот како што го направив. Во првиот дел е напишан во стил на битова драма, како Ристо Крле, што обично не правам, затоа што сакав да нагазам на провинцијализмот, потоа доаѓа состојбата со младите, оние што би можеле таа состојба да ја покренат, и она што, да кажеме, би следело, истрел кој ќе пресуди, кој ќе разбуди. Што е тоа? Војна? Поток? Не знам, ќе видиме. Меѓутоа после тоа мораме да бидеме над, да се оствариме конечно, да не бидеме мали, фрустрирани… Тоа е целата идеја, и мислам дека ни е време за тоа, а не да се ебаваме… Ја имаме следнава состојба: нешто од страна е секогаш подобро… Туѓото гомно подобро смрди од домашното. Таков народ сме, не успеавме ниедна традиција да задржиме, да ја сочуваме, да ја цениме и да ја почитуваме. Не успеваме, секогаш некој наш мора да се потврди таму некаде, за да би бил… Тој провинцијален рефлекс. Мислам дека на ова тло постојат многу работи. Ние не можевме ни Климентовата традиција да ја одбраниме од околните ѓаволи, знаеш какви сме како народ, да бевме некои подиви, никој немаше да може да ни го земе тоа, да не се утепувавме. Имаме некаква матна историја, ВМРОвска, ајде востанија, ама гледаш дека тука Македонец со Македонец се убивал, не гледам јас дека некој друг ги убивал, и тоа за дукат повеќе. Е па, во таа смисла е просветителско тоа што се убедуваме со Дарко и Ацо. Еве Дарко го напишал манифестот на Македонска стрељба, каде што има добра доза, позната за нив, на зафрканции, но треба да се види тоа, дали е толку добро. И така ќе ни продолжи дружбата. Тоа беше тоа, во времето кога се дружевме, тоа беше… Види го ова, во времето на Климент ние бевме големо тло, големи луѓе имаше овде, зашто ги нема сега, тоа е прашањето? Сепак, тоа што тие од таа архиепископија и продолжувајќи по Кирил и Методиј, направиле ученици, тие ученици учеле, ги учеле сите, и тоа пред Србите, па и пред Русите. Русите во 10. век го имаат Владимир, и како што Ленин им го утера комунизмот, така овој, зел стап, ги натепал, и им рекол: од сега постои еден Исус во кој ќе верувате, инаку мамето мамино… Ние го имавме тоа пред нив, во 9. век. И мислам дека тоа е единствената наша снага. Не можеме ние да ставиме потпис на светската мапа, вака ќе се обезличиме. Еве на пример, барем ние тројца нема да му се предадеме на тоа, барем заради нас самите.

И.И.: Има уште некој, не сте вие сами!

Р.В.: Добро, не ги знаеме, дај боже! Ние не сме некаква вооружена терористичка група, која е со членство, па ќе менуваме системи сега, тоа се лоши филмови. Сиѓи Курто, да зајаше Мурто – така изгледа работава.

Делови од македонската rock and roll историја – Мизар, прво откровение

 (Горазд Чаповски влегува во интервјуто)

И.И.: Некаде во ’81 се роди идејата да го правите Мизар, заедно со Ристо Вртев. Што имавте на ум со првиот Мизар, што сакавте да направите во тој момент?

Г.Ч.: Морам да кажам дека тука имаше огромно влијание од Ристо, тој беше идеен водител, лидер на бендот, ги пишуваше всушност сите песни, така што мислам дека тоа ми е еден од најдрагите периоди, и мислам дека имав среќа како мал да запознаам еден таков човек, да научам некои работи во врска со уметноста. Едноставно Мизар – првото откровение такво какво што беше, ги постави темелите на тој урбан звук, на еден нов стил. Дарк, мрачен стил.

И.И.: Она што е поврзано со „Мизар“, а е актуелно од пред неколку месеци „Најдоброто од Мизар“, на еден CD што се појави на продажба. Што мислите вие двајца за тоа?

Г.Ч.: Јас мислам дека се работи тука заштита на авторски права, тоа е пиратски албум, ништо друго не би додал тука. Лошо сниман, лошо спакуван, и едноставно мислам дека никој нема право да објави песни што не се негови.

И.И.: Како ќе го решите тоа?

Г.Ч.: Да работеше правосудството овде добро… На Запад за вакви работи се лежи 20 години во затвор и после кога ќе излезеш нема да ти текне да се занимаваш со музика. Но, колку што гледам јас тука не функционира судството и сите тие легални системи… Јас ќе ги судам, ама има време за тоа.

И.И.: Ве собрав вас двајцата заедно, како продолжение на една приказна од ’81, поранешните членови на „Мизар“ од ’81. ..

Р.В.: Да. Така беше тоа, тоа беше историја. Сега сме историски личности, хахаха! Тоа беше прекрасно време, барем од мој аспект гледано. Имавме чувство дека правиме нешто што е поголемо од нашите животи. Имаше некоја магија. Имаше дружба, околу нас имаше прекрасни луѓе, правевме музика, во тоа подрумчето на Горазд во Козле, која не воодушевуваше, излегувавме среќни од проба, идевме во парк, таму ќе се начукавме… Беше многу весело, романтично и убаво време. И така, децата не беа доволно зрели да продолжат, и сето тоа исчезна, но во тоа е магијата.
Но, кога сега ќе се присетам, да продолжевме во тоа истото… Ќе беше малку, што знам, не нè докачи бизнисот и затоа остана така чисто и убаво. Ретко ти остануваат такви работи во сеќавањата, ретко било што, што си го буткал до крај да излезе, може да остане така чисто, ќе го чепне нешто и ќе го зезне на некој начин. Ова остана така чисто и убаво и јас сум многу среќен што имам такво нешто во животот.

И.И.: Добро, сега имате нешто што е друго, нешто што е влезено во комерцијала, Архангел го очекуваат концерти, Горазд има албум кој што се продава во Америка и ширум светот. Како се чувствувате двајцата, на некоја дистанца ’81 – наваму?

Р.В.: Па, добро. Сè уште сме здрави и живи, работиме. Имаме синови, што повеќе од нас да се очекува, дури и премногу е, хахаха. Камо среќа секој Македонец да избуткаше колку нас, ќе беше подобра државава.

И.И.: Пропатувавте многу со Мизар, на многу концерти, настапи. Што е она што научивте од тие настапи?

Р.В.: Отидовме веднаш кога почнавме (година дена траевме), ги пројдовме сите тие југословенски селекции и сегде оставивме длабока трага. Ние свиревме пред сè (како што кажав), за тоа. Барем јас така го чувствував тоа. Повеќе пропатував со Архангел, ако е до тоа. Натаму – наваму, и по западниве и по источниве земји, не претерано, но доволно. Не одевме – еден настап и врати се, туку одевме, на пример, две недели во Данска, па во Чешка, и така ќе си направиш турнеја во една земја, концерти во повеќе градови. Не само – ќе отсвириш и ќе се вратиш… Интересно е.

И.И.: Ве гледам вака двајцата, колку време се немате видено?

Р.В.: Од скоро, од лани. Стално се гледаме. Не можеме да се промашиме, хахаха!

И.И.: Има еден концерт што ќе се одржи во сабота по повод списанието Град, и двата бенда ќе свират таму. Како гледа Горазд на сето на тоа?

Г.Ч.: Мислам дека е одлично и време е да излезе списание од тој вид. Мене ми е мерак да свирам на тој концерт.

И.И.: Друго ми беше прашањето, кога ве гледам вака седнати, дали би свиреле пак заедно?

Р.В.: З’ш да не. Дали е можно? Животот ќе покаже. Ние не дека немаме волја, туку сме зафатени. Еве Горазд има други планови, таму со американскиот пазар итн. Кај нас се тркала, ќе видиме што можеме со тоа. Иако ние не се бавиме со тоа, имаме менаџер кој се бави со тоа… А дали ќе свириме заедно, ќе свириме, зошто да не свириме?

извор

Блесок бр. 05, октомври-ноември, 1998


H A I L
ÜBER MAKEDONISCHE!

Од Исток Сонце и Вистина Monday, Aug 13 2012 


Kонцептот беше јасен, создавање на своја сопствена
уметност, автентична,базирана на својата сопствена
традиција и корени, без копирање на PAX/АМЕРИ-
КАНА концептот кој доминираше во минатиот век.
А како другачије уметноста би имала смисла да постои ако
нема своја автентика, тогаш е само бледа копија и плагијат и
ја губи комплетно смислата на своето постоење. Не за џабе
Ристиќ ја одбрал Суботица за центар на своето делување,
еден прекрасен град, мултикултурен во Централна Европа во
кој живеат Унгарци, Хрвати и Срби.
Првиот впечаток за идентитетот на овој град е дека тој нема
допирни точки со Балканот, меѓутоа како и сите мали народи
така и жителите на овој прекрасен град се во голема дилема
како да го сочуваат и развијат својот културен идентитет од аг-
ресивниот наплив на АНГЛО/САКСОН TRASH КУЛТУРАТА, која е
бескрајно агресивна и оперирана комплетно од некави креа-
тивни вредности, со една крајна цел: СОЗДАВАЊЕ ПРОФИТ.
На мое големо изненадување комуникацијата со повеќе
луѓе кои имаат унгарско потекло се одвиваше на Англиски
јазик, очигледно младите Унгарци воопшто не го говорат
Српскиот јазик, кој е официјален јазик на државата во која
тие живеат. Овој момент ме потсети на податокот што го про-
читав во нашите весници дека 38% од младите Албанци го
зборуваат Англискиот јазик исто така добро како својот мај-
чин јазик, истото важи и за Македонската млада популација,
38% од младите Македонци го говорат Англискиот јазик, како
својот мајчин јазик. Така што изгледа не е далеку денот кога
Македонците и Албанците ќе комуницираат во својата соп-
ствена држава на Англиски јазик. Човек не може, а да не се
запраша дали се создава една нова нација: АМЕРИКАНСКИ
МАКЕДОНЦИ. Јачината на Американските медиуми во ова
време на технолошки, информативен и комуникациски нап-
редок е огромен.
На крајот на краевите едно од главните оружја на Западот
во рушењето на Варшавскиот Пакт беше популарната култура
(музика,филм,забава,мода). Малкумина знаат дека бизнисот
со популарната култура во В.Британија е на четврто место,
во своите економски успеси и е пред бизнисот со челик кој
е на петто место. Англиската кралица редовно ги наградува
своите уметници, за нивниот допринос во јакнење на еконо-
мијата на Англија.

Што да се Прави?

Ништо друго, освен јакнење на својата сопствена култура
и традиција, морам да напоменам во текстов дека и моето
бавење со музика беше и тоа: создавање на еден автентичен
музички израз, базиран на својата сопствена култура и тради-
ција. Кога цариникот на македонско/српската граница ме пра-
ша каков стил на музика свирите, јас му одговорив: ПРАВОС-
ЛАВЕН РОК. Цариникот задоволно се насмеа, комуникацијата
беше потполна, не пуштија преку граница за две минути.
Источните народи мора да разберат дека само со вложу-
вање во својата сопствена култура, можат да ги придвижат
работите од мртва точка, така што и те како ќе помогнат да
се обликуваат разни политички и сложени процеси како што
на пример е проектот Евро/Азија.
На пример Александар Македонски е првиот глобалиста
што го споил Истокот и Западот, неговиот концепт е ултра
модерен до ден денешен. Кога Турците го освоиле Кон-
стантинопол настанува првата музичка глобалистичка евро/
азиска фузија. Византиците пееле добро, а Турците свиреле
одлично. Комбинација која ја промени музиката воопшто.
Што беше Византија ако не спој на Европа и Азија, Што беше
Отоманското царство, и тоа така спој на Европа и Азија.
Младите музичари од Македонија мора да разберат
дека не вреди на таква сопствена традиција и култура, да се
копира на пример некој Американски бенд од Тексас, или
пак глупо е и смешно бенд од Битола да свири каубојска му-
зика. Мизар му парираше на Мерилин Мансон и Лаибах на
Фестивалот во Белградска Арена бидејќи има свој сопствен
израз и идентитет.
Проблемот со нашата земја е дека во моментов преовла-
дуваат два крајно радикално спротиставени концепти. Ед-
ниот концепт вика дека тука ништо не чини, дека сме крајно
несвесни и необразовани, така што се што доаѓа од ЗАПАД Е
СУПЕРИОРНО. Овој концепт го форсираат група квази/инте-
лектуалци кои се срамат од своите сопствени корени: ЖИВА
БЕДА.
Другиот паралелен концепт е концептот на турбо/фолкот
кој што пак оди во друга крајност, пропагирајќи дека се што
доаѓа од Западот е катастрофа, концепт на квази/сељачко
делување од Горно Чицево до Танушевци.
Текстот ке го завршам со извадок од текстот на песната
на Мизар-Константинопол:

НА ЗАПАД МАСИВНО СИВИ ОБЛАЦИ

ОД ИСТОК СОНЦЕ И ВИСТИНА.

 

Почесна Стрелба нишани во небо Friday, Jul 6 2012 

 

„До гледање, без бакнежи и солзи…“ 

„Почесна стрелба“ на „Мизар“ е една од песните која сигурно ќе се запамети, најмалку во период од една декада, како една од највлијателните во сферата на македонскиот рокенрол. Музиката, ако слободно ја толкуваме, и од лична перспектива, е непрегледен хоризонт на воспримање. Во нашата клаустрофобична атмосфера, се чини, како што напишав и во дел од рецензијата за албумот „Кобна убавина“ од „Мизар“ во 2004 година, личниот продукт повеќе претставува фантазмагорична состојба на духот каде што консументот во своето сеќавање го втиснал единствено фрејмот на илузијата на ’изведувачот‘. Но, кога човек живо се сеќава и го препознава минатото во сегашноста со облагороден континуитет, тогаш, секако, ќе се изроди издржан збор и силен звук со пораки што истекуваат од најблагите извори на сето она што некогаш беше рокенрол…

Денес, повторно ја слушам прекрасната „Почесна стрелба“. Нејзината оригинална верзија која, за жал, не се најде на „Кобна убавина“ од причини најмногу познати на нејзините автори, но живееше заедно со излегувањето на ова издание кое после една деценија повторно на сцената го исфрли „Мизар“ како еден од најдобрите рокенрол бендови на македонското небо. „Почесна стрелба“ потоа доживеа уште три нови верзии, од кои две на германски јазик.

(Најпрвин ја испеаја Горан Трајковски и Ристо Вртев, чии автори, покрај Трајковски, се и Влатко Каевски и Горазд Чаповски, потоа на германски ја слушнавме од вокалот Горан Таневски, сите членови на тогаш новото откровение на „Мизар“, која се најде на новиот албум на „Мизар“ со романтичен наслов „Поглед кон цветната градина“. По трет пат се смести на албумот „Порта Macedonia“, заедничката колаборација меѓу Горан Трајковски и германско-македонскиот вокалист Александар Вељанов, повторно на германски со наслов „Mein Weg“. На крајот и македонската поп-пејачка Ребека ја препеа…)

Се прашувам, што е тоа што оваа песна ја прави толку интересна, толку возбудлива за слушање, но и за нејзино препејување? Секако, некои од причините се токму издржаниот збор кој носи моќни пораки, силниот звук, софистицираната тонска боја…Но, се чини, најсилната причина се самите автори. Станува збор за спој на сосема различни карактери (што ја прави и големината на еден бенд, на едно цело идеолошко движење), за склоп на повеќе енергии, за соединение на луѓе кои се основоположници на македонскиот рокенрол, за главните ликови кои ја креираа македонската модерна музичка сцена. Затоа, воопшто не е ни чудно зошто повторно, по пауза од една деценија, се роди уште едно ремек-дело кое сите и веднаш го запаметија со неговото воскликнување во етерот, какви што создаваа овие творци и со претходните свои уметнички пориви. Нашата клаустрофобична средина, нашите заплеткани односи, нашата политичка и социолошка реалност, можеби беа причина „Почесна стрелба“ да не се најде на албумот „Кобна убавина“ во својата првобитна форма. За среќа, таа формалност не и наштети на популарноста и слушаноста на песната. Напротив, „Почесна стрелба“ го продолжи својот живот со полн здив.

„Почесна стрелба“ е искрена песна која доаѓа кај некои автори не одеднаш, туку за цела една декада и претставува врв на нивната креативна моќ, ќе се надоврзе и музичкиот новинар Љупчо Јолевски. „На едно место се најдоа Чаповски, Вртев, Трајковски, луѓе кои години наназад во разните откровенија на ’Мизар‘ го давале својот максимум. Таквата интеракција меѓу нив кога се зафатија да го реобноват ’Мизар‘ не можеше, а да не резултира со песна која ако ништо друго ќе биде рамна на сите оние херојски песни што истите луѓе ги потпишуваат во претходните откровенија. ’Почесна стрелба‘, во сите нејзини верзии, не е само дел од македонскиот, балканскиот, регионалниот, туку воопшто, од рокенролот како процес, како бунт, како начин живеење на модерниот човек“.

Се чини, нема некоја посебна мистика за нејзината привлечност. Можеби одговорот е во нашата минливост, а во нејзината постојаност. Како со секое добро уметничко дело. Седум години по нејзиното создавање, со секое ново слушање, „Почесна стрелба“ е ново читање, поинакво доживување, но ги буди емоциите исто така силно, како и на почетокот. Тишината, сигурно го знае тоа.

„И замолкни во тишина!“

 

извор: ДНЕВНИК