Нациите и национализмот Wednesday, Dec 19 2012 

Нациите и Национализмот

прва глава: Дефиниции

 

Kултурен континуитет од десет илјади години Wednesday, Nov 7 2012 

Како да не треба да постои таа уметност, како да се работи за некоја болест која треба да се искорени. Но, факт е дека оваа култура не е изгубена, секогаш има светли примери, колку и да се малку секогаш има херои. Има нови генерации на кои не им недостига ентузијазам. Андерграундот не бара, не плаче по медиуми за шака долари, загризува силно и дава свој прилог во целокупната македонска историја на уметност, што нè прави можеби не горди, но помирени со нашето постоење.

Според ликовниот уметник, андерграундот е најзрелото и најздраво ткиво во македонската култура

Александар Станковски:

Македонија има културен континуитет од десет илјади години.

 

Сунчица Уневска

интервју со Станковски

Утрински весник

30ти декември

2007
Александар Станковски неодамна го промовираше својот нов филм, долгометражниот документарец Magical Mistery Cure кој е посветен на македонскиот рокенрол бенд ДНО. Ова е трет филм кој вечниот алтернативец, Ацо Станковски, го прави без пари. Но, како што вели самиот „донкихотштината останува“ иако тој и сите кои се дел од андерграунд културата во Македонија се подолго време протерани од одредени области. Со Станковски, кој покрај својата вокација сликарството се занимава и со видеото, филмот, стрипот, перформансите односно, со еден збор, со тоталната уметност, разговорот го започнавме токму околу столбовите и вистинските вредности кои го одредуваат идентитетот на една култура. А меѓу нив, секако, е и негувањето на брендираните имиња на уметниците.

Се чувствувате ли како бренд?

– Не, тоа би било крај за мене како слободен уметник. Слободен во смисла на слободен човек кој мисли и кој не е лимитиран од било каков тип на авторитет на аура. Затоа опстојувам во андерграундот, тука сум веќе забележан и едноставно сум девијантен поради што и ме заобиколуваат сите институции. Во ликовната сфера не сум заобиколен, во последните години има извесно внимание. Но, што се однесува до другите аспекти, до стрипот, литературата, филмот, видеото, на сето тоа се гледа како на манифестација на волунтаризам, на една маргинална струја која постои и која животари хранејќи се од трошките на големите. Но јас не мислам така, андерграундот е знак дека постои урбана култура. А таа култура е отворена и космоплитска, бидејќи андреграундот е космополитски феномен, тоа е ресурсот од кој излегуваат културните производи кои подоцна ќе бидат акцентирани како авангардни.

Жестока критика за политичарите

Деновиве излезе Вашиот нов филм за творештвото на андерграунд-бендот ДНО, кој повторно го работевте без буџет. Како стојат работите денеска во поглед на андерграунд- културата?

– Андерграундот опстојува, тоа е најзрелото и најздравото ткиво во македонската култура, и тоа од повеќе причини. А најважната, секако, е дека во него сите делуваат ентузијастички. Некој ќе рече дека тоа е аматеризам, но зборот аматеризам потекнува од амато, а тоа значи љубов. Аматерот секогаш ќе го засрами професионалецот со тоа што ќе покаже волја, мотивираност и желба, додека професионализмот често знае да биде рутиниран. Но, сето тоа не се гледа бидејќи нашите механизми за презентација не се доволно изградени. Тој е скриен, не се рекламира бидејќи нема средства и секогаш делува по алтернативни простори.

Што е со механизмите за презентација, колку постоечките институции можат тоа да го компензираат? И колку воопшто имаме свест за една таква презентација, кога станува збор за андерграунд уметноста, но и воопшто за класичните вредности?

– Нашите институционални елити заслужуваат жестока критика. Прво, политичката елита која не е доволно образована. Тие луѓе немаат никаква сила да се спротивстават со своите идеи на оние кои заговараат жесток прагматизам, кои заговараат некаква економија по цена на некултура.

Втор момент кој е евидентен е недостатокот на културни институции кај нас, кои би можеле да ги заштитат, зачуваат и претстават не само андерграунд, туку и класичните вредности. Ние немаме национален музеј. Како е можно една култура, која има име и знаме, да нема национален музеј? А имаме страшно богатство уште од неолитот, од праисторијата, преку стариот, преку средниот век. Можеби немаме нов век бидејќи немаме ренесанса, барок, класицизам, романтизам, реализам и едвај имаме некаков импресионизам. Но, имаме модерна во која се вклучуваме релативно рано и имаме една оригинална и голема постмодерна со многу значајни уметници, во која, што е многу важно, сме се вклучиле синхрониски, тогаш кога почнала постмодерната во светот почнува и кај нас. Тоа се векови, тоа е огромно богатство на артефакти и вредни експонати кои никој не може да ги види, затоа ние делуваме празно како култура.

Собранието да стане национален музеј

Вие имавте еден концептуален проект за тоа како Собранието да стане национален музеј.

– Да, точно, сметам дека Собранието треба да стане национален музеј, да го наполниме со уметност, да го реставрираме и да го направиме такво какво што треба да биде. Првенствено од чисто практични причини, нема да го блокира градот со тие бројни делегации и демонстрации. Мојата идеја беше да го дислоцираме Собранието на некоја голема ледина каде што би се направило и плато за демонстрирање. Дури и да нема потреба од национален музеј мислам дека е потребно да се дислоцира Собранието.

Но, бидејќи немаме музеј, а тоа е единствена зачувана класична зграда со доволно голем габарит, тоа би било совршено место на кое би можеле да се пласираме. Од една страна, објектот е во центар и би имало многу посета, а од друга страна, тука би можеле да го изложиме целото национално богатство. Тогаш светот ќе може да види дека имаме културен континуитет од пред 10.000 години и тоа конечно ќе ги замолкне сите злобници околу нашиот идентитет. Бидејќи, идентитетот се гради со претставување, а не со кукање, со попустливост и откажување од националните интереси во име на филозофијата да не се бранува или поради сервилност кон западниот фактор.

Доста работи се криво поставени во нашата култура, но ќе се исправат, потребна е само критична маса.

Немаме столбови во културата

И покрај целото богатство на артефакти и експонати се чини како да ги немаме вистинските столбови на кои ќе се потпреме?

– Затоа и зборувам за националниот музеј, недостига капитален културен објект кој е многу битен за нашиот идентитет и за отстранување на политичките импликации. Покрај музејот, ние немаме ни Филхармонија, ниту театар, немаме ни други културни институции кои се поминорни, но капиталните три кои се столбови на една култура ние ги немаме. Треба да се сконцентрираме на создавање на тие столбови кои ќе ја гарантираат нашата вредност. Културата е главата, а вие ја укинувате главата и земјата функционира на ниво на тело во меѓународните констелации. Политичарите не го гледаат сето тоа, тие безглаво ги следат востановените парадигми, некакви стандарди.

Но, колку ние самите сме свесни за тоа, колку го знаеме нашето место? Во ова време на извртени вредности се потешко допира општествената критика, а уште потешко е создавањето на критична маса за која говорите?

– Мислам дека народот го знае своето место, политичките елити не го знаат. На пример, сите продукти од луѓето кои се инволвирани во андерграундот се доста критички настроени. Има една сериозна општествена критика која е доведена до гротеска, која удира по тие квази вредности. Не можеме со сила да ги искорениме тие вредности, но кога ќе дојде до една позитивна критична маса веројатно ќе се акцентираат вредности кои се поверодостојни, поавтентични и со самото тоа дел од таа квази култура, која е прилично лукративно акцентирана од страна на елитите, ќе биде отстранета.

Тогаш повторно ќе се занимаваме со една културна археологија обидувајќи се да извлечеме нешто од она што било затрпано, да отстраниме нешто што било промовирано на највисоки нивоа а всушност по пет или десет години ќе изгледа вулгарно и глупаво, какви што има многу примери во изминативе 50 години во кои постоиме како некоја култура. До тоа ќе дојде еволуциски, нема шанси за револуција бидејќи сме разочарани од револуциите. Мора да одиме на еволуциски дискурс исполнет со критичност и градење добри вредности, но и негирање на вредностите кои ни се натурени.

Интересно е дека имате голем ентузијазам, а на сите Ваши филмови работевте без пари, стрипот во кој сте многу активни одамна не добива поддршка. Во земјава нема голема поддршка за културата, нема стратегија, а особено нема слух за алтернативниот израз, па како да воспоставиме парадигми?

– Филмот за ДНО го направивме небуџетен што е легитимно за развиени култури, но кај нас се ретки примерите на правење долгометражен филм без буџет. Тоа ми е судбина, и филмовите „Маклабас“ и „Самит на шаманите“ беа работени без буџет, но некој тоа мора да го прави. Да ги нема тие неколку продукти оваа култура би била пинокио култура, која нема виталност. Јас имам четири стрипа од по 700 страници кои никако не можам да ги издадам. Оваа година конкурирав преку „Магор“ и ме одбија. Замислете, одбиваат стрип-албум кој во нашата земја 20 години не е издаден. Како да не треба да постои таа уметност, како да се работи за некоја болест која треба да се искорени. Но, факт е дека оваа култура не е изгубена, секогаш има светли примери, колку и да се малку секогаш има херои. Има нови генерации на кои не им недостига ентузијазам. Андерграундот не бара, не плаче по медиуми за шака долари, загризува силно и дава свој прилог во целокупната македонска историја на уметност, што нè прави можеби не горди, но помирени со нашето постоење.

Македонски напори Wednesday, Oct 24 2012 

За Macedonia Risorta се вели дека едновремено била и масонска ложа, и еврејска синагога, и дервишко теќе, и револуционерен штаб!

Главно врталиште на Македонските револуционери во тоа време бил Солун. Нивните идеали за слобода, братство и еднаквост, до милиметар се поклопуваат со познатите масонски пароли. Солун е местото во кое заради оддалеченоста од Цариград, можеле послободно да ја развиваат конспиративната дејност, често под заштита на европската дипломатија. Солун е местото каде што македонските револуционери се состануваат, го основаат ТМОРО, каде што Гемиџиите вршат атентати, град во чии зандани гнијат македонските патриоти.

Претставниците на Македонскиот научен институт, на Илинденската организација и на Националниот комитет на македонските братства (меѓу кои има многу масони), сите од Софија, успеваат да се наметнат кај бугарскиот суверен, царот Борис 3ти. Бугарскиот цар во една ситуација го помилува гемиџијата Павел Шатев, а по интервенција на масонот Симеон Радев.

Македонската емиграција во соседните држави и во земјите на Западна Европа, издава бројни весници што се занимаваат со македонското прашање. Меѓу издавачите е и ресенчанецот Симеон Радев, кој, заедно со група македонски студенти, во 1900та го издаваат весникот L’effort (Напори). Откако Радев се преселува во Париз, во 1902ра започнува со издавање на весникот Le Mouvement Macedonien (Македонско движење). Како главен уредник на весникот, Радев – роден  во Ресен во 1878та, со диплома на Францускиот лицеј во Цариград, како деец на македонското револуционерно движење, многупати за Гоце Делчев, Борис Сарафов и другите ќе каже дека се големи борци за слободата на Македонија. Тоа е само мала илустрација за нивните контакти и блискост.

Парите за парискиот весник на Радев ги обезбедил Борис Сарафов и тоа преку некој “непознат англиски пријател”.

“Борис Сарафов, кој како што е познато бил висок функционер на ВМРО и учесник во Илинденското востание, а веројатно и масон – иако нема конкретни докази за тоа, бил задолжен за одржување политички и дипломатски контакти, како и за обезбедување финансиски средства за македонското ослободително дело. Македонскиот весник L’Effort престанува со излегување, па Сарафов отишол во Париз, каде што со посредство на Симеон Радев се запознал со француските интелектуалци Пресансе, Клеменсо, Берар и др. Кои ја поддржувале македонската ослободителна организација…Во средината на март 1902 дошол во Женева, за да го сретне својот ‘англиски пријател’. Тој пријател всушност бил член на едно лондонска масонска ложа…”

Блаже Миневски – Прличев и Протогеров, најпознати масони во ВМРО, в. Фокус

Сето тоа влијае Македонија да се подготвува за востание. Врие во Солун, во Битола.

Симпатиите на италијанските масони кон Илинденското востание ни се потврдуваат преку реакциите на “старите гарибалдинци во Венеција” кои, како што извести весникот Реформи од 16 август 1903тата, имале собрание во врска со настаните во Македонија на кое ја прифатиле следната резолуција:

Восхитени од јунаштвото на македонските браќа кои силно се борат против тиранијата на една влада која е негација на справедливоста и цивилизацијата, ние старите венецијански гарибалдници, од името на сите италијански гарибалдници, им го праќаат својот братски поздрав на македонските борци, изразувајќи желба цивилизираната Европа да го отфрли егоизмот што ја срамоти и да се замеша во нерамната јуначка борба и во Македонија да воспостави влада што ќе даде гаранција за мир, за правда и за прогрес.

Илинденски факел, МНД Битола, општински одбор на сојузот на борците на Битола, 2003та

Илинденското востание нема да успее. За разлика од него, пет години подоцна ќе успее Младотурската револуција. Младотурското движење е формирано по примерот на други слични револуционерни движења, Млада Италија, Млада Полска, Млада Швајцарија, Млада Босна…и редица други со предзнак МЛАДА, а по урнек на пармасонското италијанско движење Карбонари…

 

Те колнам оти ќе бидеш послушен и нема да издадеш ништо, ни со збор, ни со дело, од тајната што сега ти се доверува. Во спротивен случај, ќе бидеш убиен со камава и со револверов што ги целиваш…

Масоните во Југославија Monday, Oct 22 2012 

Бревијар за Древното Братство

Јован Бригиски, Култура

Беше ли Тито масон? Sunday, Oct 21 2012 

Јован Бригиски – Бревијар за древното братство – Масони /Г

извадок, сите права на изданието ги има Култура

кликни на сликата за повеќе од истата книга

Ерик Хобсбаум – Популарниот прото-национализам Monday, Oct 1 2012 

Нацијата како новитет: од револуција до либерализам Sunday, Sep 23 2012 

од Нациите и национализмот по 1780 – програма, мит, стварност – издадена од Култура

клик за pdf

Ден Браун и "Кодот на Да Винчи" за Масоните Monday, May 14 2012 

Ден Браун извонредно вешто и со многу знаење не води на возбудливо патување каде се испреплетуваат легендите, симболите, кодираните пораки и знаци кои им се припишуваат на Редот на Витезите Темплари и Масонеријата. Една од централните “градби” кои се мистичен и непресушен трезор на многу “скриени тајни” е познатата “The Rosslyn Chapel” во Шкотска. Легендата вели дека “Светиот Грал” и многу други “Христијански блага” кои биле во посед и доверени на Витезите Темплари, се скриени во подрумите, тајните комори, ѕидови и сводови на црквата
И мега популарниот Ден Браун во неколку од неговите бестселер-романи (“Кодот на Да Винчи”, “Изгубениот Симбол”…) извонредно вешто и со многу знаење не води на возбудливо патување каде се испреплетуваат легендите, симболите, кодираните пораки и знаци кои им се припишуваат на Редот на Витезите Темплари и Масонеријата. Една од централните “градби” кои се мистичен и непресушен трезор на многу “скриени тајни” е познатата “The Rosslyn Chapel” во Шкотска чии темели биле поставени од фамилијата St Clair во 1446 год. со извонредна архитектура и веројатно најимпресивна градителска изработка во камен. Легендата вели дека “Светиот Грал” и многу други “Христијански блага” кои биле во посед и доверени на Витезите Темплари, се скриени во подрумите, тајните комори, ѕидови и сводови на црквата. Иако црквата е градена цели 150 години по распуштањето на Темпларскиот Ред, во нејзината гравирана камена орнаментика јасно се дефинираат многу темпларски симболи, како и многу масонски. На пример прикажаниот начин на поставеност на рацете-дланките кај многу фигури, или гравиран лик на човек со превез преку очите, поднаведнат и со јамка од јаже околу вратот – многу слично на начинот на кој е подготвен кандидатот во церемонијата на Иницијација во Масонеријата. Забележано е дека “Sir William St Clair” еден од наследниците на благородничката Сенклер фамилија со потекло од Нормандиските Витези, многу подоцна во 1736 год. бил избран и назначен за Голем Мајстор на Големата Ложа на Шкотска.

ДЕН БРАУН И ИЗГУБЕНИОТ СИМБОЛ
Како што би рекол главниот лик (проф. Лангдон) во еден од романите на Ден Браун – The Lost Symbol”,…на насликаниот приказ од историскиот момент на 18-ти септември 1793 година, симболичното полагање на камен-темелникот на “Capitol Building” (во време на денот помеѓу 11.15 и 12.30 часот, маркантно се портретирани “татковците” на САД, тројцата славни Слободни Масони – George Washington (облечен во масонска регалија), Benjamin Franklin и Pierre L’Enfant кој бил и главен архитект на планот за Washington D.C. “Теоријата вели дека ниту датумот, ниту пак времето на церемонијата не биле случајно одбрани, туку со длабоко масонско” значење поврзано со астролошката симболика. Ова се темели на фактот што голем дел од креаторите на Уставот” на САД биле Слободни Масони, односно луѓе кои длабоко верувале во значењето и редот на астролошките знаци, во поврзаноста на ѕвездите на небото и верата, луѓе кои се воделе од беспрекорната поставеност на вселенскиот ред кога го проектирале нивниот нов свет”. Така проф. Лангдон во дејствието на книгата забележува и се прашува “дали е само импресивна коинциденција фактот дека поставеноста на камен-темелниците на трите зданија – зградата на Конгресот, Белата куќа и “Washington Monument”, формираат правилен триаголник, изградени во различни години но со внимателно избран датум и време за да се совпаднат идентични астролошки услови…” Всушност приврзаниците на оваа теорија посочуваат голем број евидентни” масонски симболи (како шестарот и аголникот) и знаци кои се целосно инкорпорирани во архитектонското планирање и поставување на градот. Но истовремено постојат и многу издржани објасненија на други теоретичари кои укажуваат дека и покрај некои совпаѓања, сепак претходната теорија е повеќе плод на фантазија, имагинација, непрецизности и грешки. Тие велат дури дека и не постои цврста евиденција дека главниот архитект L’Enfant воопшто бил Слободен Масон, а дека видливите геометриски принципи во проектирањето на градот биле применети само за да се вклопат во локалните топографски услови.

МАСОН = ЅИДАР
Сепак, веројатно можеме да се согласиме дека веќе неколку стотини години, речиси кај сите оние кои покажувале и покажуваат интерес за откривање на потеклото на Масонеријата и масонскиот Ред; кај Масоните, анти-Масоните и јавното мислење, преовладува широко прифаќање на теоријата која сугерира нивно потекло од средновековните еснафски здруженија, гилди на градителите каменоресци. Всушност преводот и значењето на самиот збор “масон” е “ѕидар” или “слободен ѕидар”, а Масонеријата – “Слободно Ѕидарство”. И во Енциклопедијата Британика е наведено дека “Масонството се развило од еснафите на каменоресци и градителите на катедрали во Средниот век.” Вештината на градење била издигната над сите останати вештини, таа ги раководела услугите на сите генијални Мајстори архитекти и извонредни уметници при што стариот симболизам бил отелотворен и вграден во маестралните градби на црквите, катедралите и замоците. Улогата на Мајсторите-градители, архитектите, била извонредно престижна и респектирана. Требало многу знаење, градителска вештина и добри препораки за да се стане дел од нивните еснафски здруженија. Средновековните градители работеле на конкретни проекти на различни локации и затоа многу патувале. Така се објаснува потребата за развивање на нивен таен систем на тајно ракување, кодирани лозинки и сигнали, како би се препознавале и прифаќале да работат заедно, одбивајќи ги така случајните намерници.

СТАРИ ПРАВИЛА
Организираните градители ги поврзувала и нивната заедничка посветеност и филозофија вградена во неколку стари документи кои тие ги нарекувале “Стари Правила” од кои најстариот документ пронајден, потекнува од четиринаесетиот век. Тие документи ги воспоставувале правилата на однесување и одговорностите кои одговарале за функционирањето на средновековниот еснаф на каменоресците.

Едно од тие правила велело дека ниеден член не смее да открие ниедна тајна во врска со Братот-градител, тајна која може да го чини живот или губење имот. Единствен исклучок во правилото за оваа обврска бил доколку Братот-градител е виновен за велепредавство или ерес!
Второто правило барало да кога некој Брат-градител доаѓал во посета на некој град, морал да биде придружуван од локален Брат којшто бил подготвен да “сведочи” или да гарантира за него како би можел да биде “законски” ангажиран на изградба од локалниот
лорд, бискуп или овластен претприемач на еснафот. “Старите Правила” јасно ја изразувале Херметистичката потрага по старите изгубени мудрости. Тие ја нагласувале и величеле моралноста и посветеното изучување на геометријата. Ги славеле мајсторските
вештини на старите египетски градители и покажувале највисок респект кон мајсторското дизајнирање и изградба на “Изгубениот Храм на библискиот Крал Соломон”. Главниот Мајстор кој ја водел оваа изградба – Хирам бил нивна голема градителска инспирација и во нивните документи било прикажано дека пред крај на градбата “Хирам бил кукавички убиен затоа што придржувајќи се на своите Мајсторски обврски одбил да ги открие масонските-градителски тајни на, за тоа, недостојните.”

Со тек на време учењето и практицирањето на моралните принципи и мистичното “знаење” во Братството на Масони-Градители, привлекло и многу други учени луѓе од повисоките класи и други професии. Со внимателна селекција, на некои од нив им бил одобрен прием и биле наречени “прифатени” за да се разликуваат од работните или оперативните Масони.

ВЕЧЕР пренесува дел од книгата на Живко Груевски, првиот современ македонски Масон кој јавно се произнесе дека е она што е. Издавач на делото е “Култура”

Соломон, Александар, Исус, слободно ѕидарство… Monday, May 14 2012 

Веројатно најконтроверзен е ставот дека и Исус Христос бил Масон. Алберт Пике го нарекува Исус “Голем Архитект на Религијата”, а Господ како “Голем Архитект на Универзумот.” Тука Исус е прикажан како “супериорен лидер и учител на моралот, етичноста и изгубените човекови вредности.” Според Алберт Пике (“Morals and Dogma”) Исус е “Мајстор Градител”

Некои теории велат дека и Александар Велики (“Alexander The Great” легендарниот син на “Phillip of Macedon”) бил Масон. Веројатно и многу видни Масони денес, не се информирани дека постои еден многу посебен масонски Ред кој се однесува само на Мајсторите Масони, церемонијално посветен на Александар Велики и е наречен “Ancient and heroic Order of the Gordian Knot”, чиј ритуал е напишан од Масонот Varik Steele (активен во масонскиот “York Rite”) за време додека престојувал и работел во Германија, за радиото “Слободна Европа”.

Возбудливо интригантни се поврзувањата на Масонеријата и со Питагора, “математичарот” кој живеел во периодот помеѓу 580 и 500 пр. Хр. Тој бил инициран и ги изучувал “старите мистерии” посветувајќи големо внимание на посебните мистични и свети значења на бројките и геометриските фигури (едни од централните симболизми на Масонеријата). Животот во школата на Питагора се одликувал со голема дисциплина, тивкост, тајност и беспоговорна посветеност. Но тоа никако не значело дека постоел недостаток од човечка топлина и другарување меѓу неговите ученици. Питагора ги учел дека пријателството (“philadelphia”) е највистинскиот и приближно најсовршениот “однос помеѓу луѓето.”

Тој верувал дека интелектуалната, ментална поврзаност помеѓу луѓето или братската љубов е највисоко ниво на пријателство. Така неговите ученици станале “Братство” во кое сите членови на Братството се грижеле еден за друг. Негови најпознати ученици и следбеници биле Сократ, Демокрит, Хипократ, Платон, Аристотел…

Оттука некои теоретичари заклучуваат дека “филозофската насоченост” на Масонеријата произлегува од прифаќањето на принципите и ставовите на школата на Питагора. Во таа смисла Алберт Пике констатира дека “историјата на Масонеријата е всушност историја на филозофијата.”

ИСУС – “МАЈСТОР ГРАДИТЕЛ”

Веројатно најконтроверзен е ставот дека и Исус Христос бил Масон правејќи алузија и нарекувајќи го Исус како “Голем Архитект на Религијата”, а Господ како “Голем Архитект на Универзумот.” Тука Исус е прикажан како “супериорен лидер и учител на моралот, етичноста и изгубените човекови вредности.” Според Алберт Пике (“Morals and Dogma”) Исус е “Мајстор Градител”!

Некои теоретичари сметаат дека Масонеријата како и нејзиниот филозофски извор на ритуалните драмски дејствија и комплексниот симболизам, потекнуваат директно од “Масонските Култови” и “Мистериозните Учења” од антички времиња преку интригирачко блендирање на мистичните традиции на Кабала, мистична традиција на Јудеизмот и Херметика, учење на Египетската филозофија со сериозно Хеленистичко и Христијанско влијание, формулирано во вториот век.
Една од хипотезите е дека Масонеријата е всушност кодификација на Херметистичката/Кабалистичка традиција. Хермес Трисмегист (лат. Hermes Trismegistus) бил митски египетски мудрец кого го сметале за творец на сите мистични науки и татко на алхемијата или херметичката филозофија. Кабала (хебр. Kaballah) означува еврејско тајно религиозно и филозофско учење за толкување на таинствените знаци и спиритуалната комуникација.

Во ова наведување на некои различни теории околу корените на Масонеријата, треба да се забележи и следниов момент – заедничко на оние што ја напаѓаат Масонеријата е тоа што тие најчесто ја врзувале со Евреите, сметајќи дека тие се оние кои пресудно влијаеле на појавата на Масонеријата. Секако и ваквите тврдења тешко се докажуваат, но факт е дека насекаде каде се појавувало масонското Братство, живееле голем број Евреи. Дали е тоа заради нивното влијание врз слободоумните духови со желба за здружување или заради избегнувањето на гонењата и историските погроми врз Евреите, е прашање на кое тешко може да се даде вистински одговор.

МАСОНЕРИЈАТА И СОЛОМОН

Долго време, во масонскиот свет, корените на Масонеријата се барале во библискиот мит за изградбата на Соломоновиот Храм што всушност е доминантна алегорија, централна слика и средиште на целокупната Масонерија и ритуалот на иницијација на Мајсторот – Масон. Во легендите се споменува дека во Ерусалим, на ридот Морија се градени четири храма. Првиот го изградил кралот Соломон пред 3000 години. Следниот всушност никогаш стварно не постоел туку бил имагинарен, и се појавил во визијата на пророкот Езекил за време на ропството на Евреите во Вавилон (некаде околу 570 години пред новата ера). Третиот храм е изграден по враќањето на Евреите од ропство, а четвртиот за времето на Исус Христос (бил уништен од Римјаните само четири години откако бил изграден). Теоријата за директна врска на Масонскиот Ред и изградбата на Соломоновиот Храм, во масонскиот ритуал е разубавена и говори за тројца Големи Мајстори: кралот Соломон, Хирам кралот на Тир и митскиот “Хирам Абиф” кој бил Мајстор за леење бронза, вештина која ја искористил за да ги излее двата столба – Јакин и Боаз, на влезот во храмот.

Проблемот е во тоа што според масонскиот ритуал, главниот архитект Хирам Абиф бил убиен… а Соломоновиот Храм никогаш не бил завршен, додека библиските записи јасно укажуваат дека храмот бил завршен. И покрај алегориската поврзаност, идејата дека масонскиот Ред можеби потекнува од самиот крал Соломон, се чини сосема неможна…
Според некои масонски историчари, Масони биле и Ахил, Јулиј Цезар, Птоломеј…
Феничаните кои биле толку добронамерни што отпловиле до Британија и ги споделиле своите мистерии со Друидите, за кои исто така се тврди дека се претходници на Масоните.

ТЕОРИЈАТА ЗА ВИТЕЗИТЕ ТЕМПЛАРИ

Во мноштвото теории за корените на Масонеријата кои можеме да ги прифатиме како интересни легенди не поткрепени со прифатливи докази, за мене е далеку највозбудливо привлечна теоријата на поврзаност на создавањето на “тајниот масонски Ред” со Редот на Витезите Темплари. Оваа тема е извонредно вешто, со многу детали и податоци, како резултат на темелно истражување, обработена и инспиративно пренесена од Јохн Ј. Робинсон во “Родени во Крв – загубените тајни на Масонството.” Редот на Темпларите е основан во Ерусалим во 1118 година, непосредно по Првата Крстоносна Војна. Името на Редот потекнува од локацијата на која се наоѓал нивниот прв штаб, на местото од древниот Соломонов Храм. Историјата потврдува дека овој витешки Ред брзо зајакнал во однос на нивната бројност, богатството и политичката моќ.
Од друга страна пак, ентузијазмот во европските земји и кај владетелите, да се праќаат луѓе и пари во Светата земја бледнеел, затоа што тие биле преокупирани со меѓусебни војни. Така кон крајот на 13-от век и Витезите Темплари воено поразени го преместиле своето седиште на островот Кипар, мечтаејќи за нов поход, за нова крстоносна војна која ќе им ја врати старата воена слава и моќ. Нивниот влијателен, но веќе остарен Голем Мајстор – Жак де Молеј, имал подготвено планови за нов поход и спасување на Ерусалим, чекајќи Папата и европските кралеви да одлучат. Темпларите поверувале дека “времето е дојдено” и на покана на францускиот крал Филип IV, есента 1307 година, отпатувале во Париз, предводени од Големиот Мајстор.

ВЕЧЕР пренесува дел од книгата на Живко Груевски, првиот современ македонски Масон кој јавно се произнесе дека е она што е. Издавач на делото е Култура”

Симболи на слободните ѕидари Monday, May 14 2012 

“Линеар”, “Чекан”, “Длето”, “Агломер”, “Либела”, “Висок”, “Калем”, “Молив” и “Шестар” се Масонските симболи. На пример, линеарот ги претставува 24-те часа на денот од кои дел треба да минат во молитва кон “Врховното Битие”, дел во работа и одмор итн., додека највпечатлива и несомнено најупотребувана алатка, која ја симболизира “поврзаноста” на оперативните градители и мисловната Масонерија, секако е “Шестарот”
Основата или фундаментот на современиот слободно-масонски Ред ја претставува таканаречената “Сина Масонерија.” Таа е поделена во три степени и тоа: прв или ученички степен, втор или помошнички степен и највисокиот степен на Мајстор Масон. Како што веќе наведов, Браќата Слободни Масони, сега веќе скоро три века практицираат ритуална работа во “Отворена Ложаа за секој степен посебно. Членовите на организацијата всушност непосредно се запознаваат, ги учат и континуирано ги усовршуваат базичните правила и високоморалните, етички лекции, преку нивното редовно учество во ритуалната работа. Слободно-Масонските “ритуали”, претставуваат импресивни драмски дејствија каде секој збор од текстот, секој интерпункциски знак, секое движење и активност, се проткаени со длабока симболика. Во традиционално неменливите драмски дејствија на ритуалот во сите три степени, се следат и користат метафорични форми и езотерични симболи преземени од “старите Масони-градители” издвојувајќи го како место на случување и централна тема – процесот на изградба на библискиот Храм на Кралот Соломон со кој раководи Мајсторот Хирам Абиф.

Начинот на работа на градителите, нивните обичаи и алатки, се инкорпорирани во овие драмски игри на длабоко инспиративен текст и движења полни со симболика, како алегориски водичи во процесот на воведување, градење и усовршување на системот на “вистинските” човечки вредности.

ЛИНЕАР, ЧЕКАН, ДЛЕТО, АГЛОМЕР

Така “Линеарот од 24 инчи”, кој за оперативните ѕидари традиционално има практична употребна вредност при изведување на нивната градителска работа, за мисловните Слободни Масони има длабоко симболично значење како еден од “алатите” и помошните орудија, кои тие ги користат за да ги пренесат моралните поуки и етичките лекции. Во тој смисла, во масонската Ложа, линеарот ги претставува 24-те часа на денот од кои дел треба да минат во молитва кон “Врховното Битиее, дел во работа и одмор, а дел да му се посвети и да му се помогне на пријателот или Братот доколку им затреба помош, но без таквиот ангажман да на било кој начин “ти наштети тебе или пак на твоите најблиски.”

“Чеканот”, со кој градителите ѕидари ги отстрануваат грубите нерамнини од каменот, во ритуалната работа, всушност ја симболизира силината на свеста, која треба да ги спречува сите залудни и неостварливи мисли и да му се овозможи на мисловниот Масон неговите зборови и дела, слободни и неизвалкани да се извишат до “Тронот на Милоста.”

“Длетото”, практично служи како алатка со која продолжува понатамошната обработка, подготовка и мазнење на градителскиот камен. Во спекулативната Масонерија пак, длетото укажува на големите предности на учењето, на едукацијата со која Браќата се усовршуваат и стануваат се подобри припадници на регуларно организираните општества.
“Агломерот”, е мерно орудие со кое се проверуваат и дотеруваат правите агли во градењето на градбите, помагајќи им на ѕидарите успешно да ја доведат необработената материја во посакуваната форма. Кај Слободните Масони, агломерот учи на потребата од моралност и исправност во животот.

ЛИБЕЛА, ВИСОК, КАЛЕМ, МОЛИВ

“Либелата”, вообичаено служи за проверка на рамнотежата, балансот и за да ја потврди исправноста на хоризонталните градежни линии. Мисловните Слободни Масони, во либелата пронаоѓаат поука за еднаквост и урамнотеженост на своето однесување и
постапки.

“Високот”, логично им помага на ѕидарите да ги проверат и дотераат вертикалните линии на градбата, а во Ложата укажува на извонредно големото значење на правдата, правилното однесување, исправните намери и “целосната исправеност” во животот и
активностите на Браќата.

“Калемот”, во градителската традиција, е алатка која е врзана за централен клин и им помага на мајсторите ѕидари “да се повлече линија и да се означи просторот каде што ќе бидат поставени темелите на идната градба. Во ритуалната работа на масонската Ложа, калемот симболично укажува дека вистинскиот и непогрешлив начин на човековото однесување е впишан во “Светата Книга” и треба беспоговорно да биде спроведуван.

Со “Моливот”, искусниот уметник-архитект, ја исцртува скицата или проектниот план на градбата, како упатство и инструкција за градителите – ѕидари. Во мисловната Масонерија, моливот е “алатка” која ги учи Браќата во Ложата, дека нивните зборови
и нивното однесување се будно надгледувани и забележани од “Големиот Архитект” на кого симболично мораат да му поднесат отчет за начинот на нивното живеење.

ШЕСТАР

Највпечатлива и несомнено најупотребувана алатка, која ја симболизира “поврзаностаа на оперативните градители и мисловната Масонерија, секако е “Шестарот”. Тоа е извонредна алатка која на мајсторот-архитект му овозможува со голема прецизност да ги утврди крајните точки, како и точните пропорции на сите делови на основата на градбата. Слободните Масони пак, во шестарот (беспрекорниот круг и централната точка), го препознаваат симболот на “Врховното Битие” и “Неговата” непристрасна и непогрешлива правда, определувајќи ги границите на доброто и злото.

Но сепак, колку и да е неспорна симболичната поврзаност, колку и да е предоминантно и широко прифатена значајната улога која оваа теорија им ја доделува на средновековните еснафи и градителите каменоресци, таа, сепак, не го нуди конечниот или неприкосновен одговор на прашањето – “Кога, зошто и каде настанала Масонеријата!?”

Не смееме некритички да запоставиме некои суштински карактеристики типични за средновековните еснафски здруженија, кои, од друга страна пак, тешко се вклопуваат и тешко се објаснуваат во контекст на потрагата по корените на современата масонска огранизација. Тука повторно ќе го насочам вашето внимание на истражувачката работа на таа тема од John J. Robinson и неговата книга “Родени во крв – загубените тајни на Масонството.”

Тој потсетува дека “еснафот” всушност и не бил здружение на градителите, туку асоцијација на претприемачи и сопственици, а нивниот мотив во професионалниот ангажман секако бил “профитот” преку задржување на затвореноста и монополната позиција. Нивниот најголем и најзначаен “клиент”, односно нарачател на градби, била католичката Црква и нормално тие биле особено лојални кон неа. Еснафите биле мошне религиозни, имале свои светци-заштитници, поседувале свети реликвии и претставувале силна потпора на Црквата, давајќи и подароци во пари и вредни предмети.

Оттаму, тие не биле во никаков конфликт со Црквата и тешко би можело да се докаже и прифати дека биле директни иницијатори на “Братство” кое не е религиозно исклучиво, односно не е поставено ексклузивно на христијанската етика, туку ги прима сите “добри луѓе” кои веруваат во кој било облик на монотеистичко Врховно Битие!? Во таа смисла кога во масонските ритуални текстови, со симболично значење се формулирани драматичните казни предвидени за Братот Масон кој евентуално би ги прекршил правилата или би открил некоја тајна за својот Брат (што би резултирало со губење живот или имот), Робинсон заклучува дека тоа би било сосема бесмислено да се поврзува со здруженијата на каменоресците. По малку саркастично тој забележува – “… Каква тајна тоа би можел да има еден каменорезец чие откривање би можело да претставува закана за неговиот живот и имот, или пак живот и имот на негов Брат – каменорезец!? Нов генијален начин на држење на длетото!? Формула за пресметување на оптоварувањето врз темелите!? Каква е таа тајна чие откривање од “властите” би можело да го загрози животот на Братот Масон!?…”
ВЕЧЕР пренесува дел од книгата на Живко Груевски, првиот современ македонски Масон кој јавно се произнесе дека е она што е. Издавач на делото е “Култура”

Next Page »