Теодосијa Гологанов Monday, Apr 9 2012 

(световното име: Васил Гологанов) (с. Трлис, Серско, 1846 – Софија, 1926) – духовник, црковно-национален деец, митрополит скопски, борец за обновување на Охридската архиепископија, црковен писател, академик. По школувањето во ќелијното училиште во родниот крај, завршува грчка гимназија во Серес и се замонашува во серскиот манастир „Св. Јован Претеча” (1862), потоа е ракоположен за јеромонах (1864) и игумен, па и ефимериј при црквата „Св. Богородица” во Пловдив.

По образувањето на Бугарската егзархија е поставен за претседател на Црковно-училишната општина во Серес. Бидејќи не се приклучува кон унијатското движење (1873–74), бугарскиот егзарх го удостојува со архимандритски чин и го поставува за ефимериј при бугарската црква „Св. Стефан” во Цариград (1873). Но во Серез е затворен и бара заштита од грчкиот митрополит. Овој го испраќа во Мостар (Херцеговина), каде што јеромонахот е поставен за протосингел на патријаршиската епархија (1874). Тука се зближува со херцеговските востаници и тајно (под псевдоним) испраќа дописки до српски весници, повикувајќи ги словенските народи на востание против Турците. Со порака од херцеговските востаници да организира востание и во Македонија, се упатува преку Солун кон Серез, но пак е уапсен. Го спасува грчкиот серски митрополит. Оди во Цариград и одново станува духовник при црквата „Св. Стефан”. Егзархот го праќа како заменик на Партенија во Ниш (1875), но во Српско-турската војна се повлекува во родното село (1877), а потоа на старото место во Цариград.

По Руско-турската војна и Санстефанскиот прелиминарен договор (1878), егзархот Јосиф оди во Пловдив, а за свој заменик го поставува Теодосија. Новото унијатско движење во Македонија за обнова на Охридската архиепископија тој не го одобрува. Играта со архимандритот Кусевич како заменик, го враќа пак при црквата „Св. Стефан”. Избран е за егзархиски митрополит скопски (1884), но долго чека за определеното митрополитско место. Во март 1890 г. се обидува да дојде во Скопје без нужниот берат, но валијата наскоро го враќа во Цариград. Се’ повеќе размислува за обнова на Охридската архиепископија.

Штом го добива бератот, стигнува во Скопје (1890). Прави големи кадровски и други промени во Скопската епархија што водат кон отцепување од Егзархијата. Го воведува македонскиот јазик во употреба, има своја печатница, сопствени вули и други документи, но без фирмата на Егзархијата.

По острата реакција од егзархот, тој поведува разговори со австро-унгарскиот конзул Шмукер и со ватиканскиот претставник Бонети (1891) за примање на унијата, но под услов да се осамостои Архиепископијата во границите на цела Македонија во канонско единство со Римокатоличката црква. По јавните реакции, егзархот и писмено го разрешува од должноста и со посредство на турските власти бара да биде спроведен во Цариград. Во јануари 1892 г. митрополитот Теодосија засекогаш го напушта Скопје и на 11 март е испратен на принуден престој во софискиот Драгалевски манастир, каде што сe’ до 1901 г. е наполно изолиран.

Силната јавна реакција против сменувањето се совпаѓа со појавата на сп. „Лоза” на ММКД во Софија и со нападите против „националниот сепаратизам”.

По краткиот престој во Пловдив, тој е испратен во Рилскиот манастир (1906), но наскоро пак е вратен во Софија. На распишаните избори за нов митрополит во Скопје (1910), конкурира и Теодосија, поддржан од Скопската епархија и од луѓето околу П. Попарсов. Истовремено се поведува акција на Теодосија, Попарсов и Мисирков за отворање Висока педагошка школа во Скопје, но и тоа е оневозможено.

Бидејќи веќе има објавено повеќе книжевно-научни богословски трудови и преводи, Бугарското книжовно дружество го избира за редовен член (1910). Кога во Првата светска војна германско-бугарските војски ја завладуваат Македонија и Егзархијата ја враќа својата јурисдикција, пак не му е дозволено митрополитското место во Скопје, туку е пратен во Ѓумурџинската епархија (Тракија). По војната е сместен во Духовната академија во Софија, без никаква должност, каде што и умира.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Протест против поставување на грчки владика во Охрид Friday, Apr 6 2012 

Кога се чу дека стигнал во епархијата на втор ден Велигден, стана едно општо собрание од сите охридски старешини и од блиските села по еден или двајца од секое, така што се наполни митрополијата. Во тоа собрание се реши што да направат корисно во моментот за да се сврши нивната борба, т.е. да го истераат од епархијата, но престижот на В. црква да не се навреди. Се реши, значи: прво да пратат во селото каде што застана еден човек од името на сите да му рече на Мелетија од општинската страна дека не смее да дојде во Охрид за да не настрада нешто ненадејно. Така се испрати старешината охридски и му рече се што требаше.

Од тогаш Мелетија се запре дури до 9-ти овој месец; второ на собранието решија да протестираат против Мелетиевото испраќање. И пред сите еден протест. Се напиша и се потпишаа уште од епархијата и досега се потпишани 4000 или 5000 потписници, а бидејќи е епархијата растурена, до недела ќе се сврши и ќе се испрати во Цариград.

Господин Константин Робев и Стефан поп Димитров, заедно со К. Манчев, порано големи непријатели, сега сложни и здружени, го зедоа в раце знамето и одат напред, а сите жители од епархијата охридска, мало и големо, повеќе селаните (зашто тие виделе и страдале повеќе маки од Мелетија кога беше протосингел и епископ на Дионисија) трчаа по нив со голема сесрдност како овците по својот угич, за да застанат под нивното знаме и оваа работа да се сврши. Сите им викаа сложно на гореспоменативе главатари: „Гледајте добро, ако не се сврши оваа работа, ако В. црква не ни го даде пастирот за кого пишавме во молбата, ние сите ќе полатиниме…”

Од 60-тите години на 19 век натаму во Македонија се крева силен бран од незадоволство на народните маси против фанариотските владици и грчката Патријаршија. Тој се изразува во општо барање за добивање наши владици, воведување словенска служба во црквите, народен јазик во училиштата и враќање на автокефалноста на Охридската архиепископија. Во првите редови на овие борби се наоѓал народниот трибун Димитрија Миладинов од Струга. Оваа статија е од него и е печатена во „Цариградски вестник”

Укинување на Охридската Архиепископија Friday, Apr 6 2012 

Укинувањето на Охридската aрхиепископија станало по отстранувањето на архиепископот Арсениј на 16 јануари 1767 г, кога тој бил принуден да даде отказ.  Овде се дава во целост неговиот отказ од Архиепископијата.

Co оваа моја доброволна и непринудна оставка долупотпишаниот јавувам дека поради тоа што не ми е возможно да ги уредам и поправам потребите на Охридската архиепископија, коишто се јавија една по друга пред нас и во наши дни и им дадоа не мал повод на злосторниците да го напаѓаат името на Архиепископијата и да ги оштетуваат и навредуваат потчинетите на Охридската архиепископија митрополити и нејзината бедна раја, и бидејќи не може инаку да се избави од нивните раце тамошната земја и сиот христијански род, освен преку уништувањето на Архиепископијата – поради тоа имено се откажувам од Охридската архиепископија, освен од мојата поранешна Пелагониска епархија (којашто уште ја имам додека сум жив за своја прехрана и за задоволување на своите потреби). При таква согласност со моите собраќа свети архиереи се направи и оваа (моја) доброволна и непринудна оставка, којашто треба да се пос-тави во светиот кодекс на Великата Христова црква (и во оној на блажениот ерусалимски патријарх г.Партениј)

1767 г.јануари 16. Охридски Арсениј ветува.

 

 

Митрополитот Теодосиј Thursday, Mar 8 2012 

Митрополитот Теодосиј е роден во село Трлис, Неврокопско, денес Гоцеделчевско. Еден е од активните учесници за создавање на самостојна македонска црква уште во 1874 година. Доаѓајќи на чело на Скопската епархија во почетокот на последното десетлетие на XIX век владиката Теодосиј почнал систематски и доста внимателно да работи за издвојување на македонските епархии од составот на Егзархијата. Меѓутоа условите за создавањето на нова независна црква во рамките на Отоманската империја не биле благопријатни, немало никакви изгледи таа да биде признаена. Единствената можност што давала некакви изгледи за успех се состоела во тоа, македонската црква да се стави под покровителство на некоја од оние цркви кои Отоманската империја ги признавала и чија што дејност во државата била одобрена.

Шансата за тоа Теодосиј ја видел во соработка со Католичката црква, односно во поминувањето во Унија. За таа цел на 3 декември 1891 година во Скопје дошло до средба помеѓу Теодосиј и претставникот на католичката црква во Цариград Бонети. Во разговорите Теодосиј ги поставил следните барања:

– да се обнови самостојноста (автокефалноста) на Охридската архиепископија во канонско единство со Римската црква;

– за поглавар на обновената Архиепископија да се постави Теодосиј;

– сето свештенство од високиот клер (епископите) до свештено-монасите и мирските свештеници да бидат родом МАКЕДОНЦИ и да ги назначува Теодосиј, а епископите да бидат потврдувани од Папата;

– границите на Архиепископијата да се поклопуваат со границите на Македонија со тоа што нема да се менува постоечката поделба на епархиите итн.

Активностите што ги развил Теодосиј за одделувањето на македонските епархии од бугарската егзархија и за создавањето на нова самостојна македонска црква во сојуз со Католичката црква предизвикале остра реакција на бугарскиот егзарх. Последниот ги презел сите мерки што му стоеле на располагање да го спречи реализирањето на овој план. Со помошта на турските власти тој го уапсил Теодосиј и стражарно го довел во Цариград од каде што бил префрлен во Бугарија. Овде бил заточен во еден манастир каде што останал до крајот на својот живот.

 

извадок од Историја на Македонскиот Народ,

издавачи Македонска Книга, Култура, Мисла, Наша Книга

Скопје, 1988 г.