Македонскиот сепаратизам Thursday, Nov 8 2012 

Македонско „национално-сепаратистичко” културно-литературно и ослободително движење сред младата македонска интелигенција и емиграција во Бугарија што се појави како тенденција кон крајот на 80-тите и се изрази во почетокот на 90-тите години на XIXв., именувано по насловот на сп. „Лоза” (1892), орган на Младата македонска книжовна дружина во Софија.

Поради сепаратистичките идеи и активности, тоа беше јавно напаѓано и брутално прогонувано од властите и прерасна во други идејни и револуционерни форми, станувајќи основа, меѓу другото, и за формирањето на Македонската социјалистичка група и на Македонската револуционерна организација (1893).

 


“iиедно национално сепаратистично движеiне со цел’а да се оддел’ат интересите на Македонците од бугарцките со возведуаiин’е на iиедно од Mакедонцките наречиа на степен на литературен iазик за сите Mакедонци. Орган на тоа сепаратистско движеiн’е беше журналот ,ЛОЗА’. Tоа дуовно движеiн’е на Mакедонците не се ареса на бугарцкото стамболовцко праител’ство, коiе забрани да се издаат и зафати да гонит Македонците сепаратисти”

Барон Александров Бели – Македонецот Tuesday, Nov 6 2012 

БЕЛИ-МАКЕДОНЕЦОТ, Барон Костадин Александров (роден во с. Блаца, Егејска Македонија а починал во Виена, Австрија)

МАКЕДОНСКИ патриот, добротвор.

Поради албански насилства, богатиот татко Александар со семејството се преселил во Цариград и во 1802 г. бил близок со влашкиот кнез Ј. Караџа, па се преселиле во Букурешт, а веке заможниот Костадин се префрлил во Виена, каде што и останал до крајот на животот. За благородните дела што ги правел, од императорот Фозеф II ја добил титулата барон. Како голем македонски патриот, својата богата библиотека со тестамент му ја подарил на новооснованото училиште во Нова Пела. Во 1835 г. потпишува тестамент, со кој ја изразува својата почит кон скоро ослободената Грција и, “покрај тоа што сум се родил во Македонија”, заветува свој имот во Атина за да се издржуваат извесен број клиники во кои да се лекуваат Македонци болни од секаква болест – и тие болнички места да се викаат “Легла на болните – заштитници на баронот Костадин Бели – Македонецот”.

Бил предложен за почесен граѓанин на Атина, а во новата населба Нова Пела биле изградени црква и училиште, на кое му ја подарил својата богата библиотека, со лична порака: “кога Македонија ќе достигне таков степен на развиток за да создаде свои училишта, тогаш Општинскиот совет на Нова Пела е должен книгите да и ги отстапи на јавноста во Македонија”. Баронот станал член – основач и донатор на едно Просветно друштво и бил иницијатор за основање и на Археолошко друштво во Атина. Потоа потписал завештание при Баварската влада, од чијашто камата “да се дава стипендија на двајца млади Македонци за време од 6 години што би студирале во Академијата во Минхен”.

Подоцна овој фонд бил префрлен од Баварија во Грција и врз основа на купените 85 акции на Националната банка се давале стипендии од специјалната “Комисија за сместување на Македонци од оставнината на Кoстадин Бели”. Од 1850 г. Комисијата стипендирала и повеќе од двајца стипендисти,
па до 1908 г. бројот на стипендистите студенти изнесувал 354 млади Македонци. Веројатно со средствата од таа стипендија студирал во Атина и Григор Прличев, кој во својата “Автобиографија”
наведува дека во 1849 г. во Атина имало едно “богато завештание од еден богат Македонец, жител на Блац, се вика Велјо, кое било наменето исклучиво за стипендии на сиромашните Македончиња”. За овој веќе “покојниот Македонец Барон Костадин Бели” пишува во јануари 1892 г. Редакцијата на списанието “ЛОЗА” дека пред 54 години од Виена упатил патриотски апел до своите сонародници, во кој ги прекорува.

 

МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

 

 

Ѓорѓија Пулевски Tuesday, May 15 2012 

(Галичник, 1822/23 – Софија, 1893) – печалбар-ѕидар, комита, доброволец во Српско-турската и војвода во Руско-турската војна, востаник и војвода во Кресненското Македонско востание, но амбициозен автодидакт – учебникар, лексикограф, граматичар, историчар, поет и собирач и објавувач на народното творештво и преродбенски идеолог на македонското национално будење и револуционерно ослободително движење.

Во комитското движење во Македонија навлегува по 1847 г., а по печалбата во Романија, доаѓа во Белград и како „прв наредник на понтонерска чета”, заедно со четата на Иљо Малешевски, зема учество во борбите со турскиот гарнизон (1862–1863). Собира лексички и други материјали по Северозападна Македонија и го објавува во Белград првиот македонско-српско-албанско-турско-грчки речник (1873), а по две години и вториот речник од три јазика (словеномакедонско-албанско-турски), каде што првпат ја изложува македонската национална идеологија, декларирајќи дека „и Македонциве се народ и местото нивно е Македонија”, дека „Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме с.Славјано-Македонци” и дека „македонскиот јазик е најсроден со црковнославјанските книги и тој је старославјански”. Во тоа време ја предлага за објавување (1875) и првата верзија на граматиката („Речница”). По учеството во Српско-турската (1876) и во Руско-турската војна (1877–1878), со својата чета како авангарда на руските војски стигнува до Пијанечко во Источна Македонија. За учеството и храброста добива орден „Св. Ѓорѓи” и светлобронзов медал, како и сабја од рускиот император и е назначен за управник на Тројан и потоа на ослободениот Ќустендил.

По Берлинскиот конгрес (1878), кога само Македонија и е вратена на Турција и беше предизвикано Кресненското Mакедонско востание (1878–1879), тој се вклучува како војвода и член на Воениот совет и останува последен на борбените позиции (1879). Незадоволен од резултатите на ослободителното движење, се стационира во Софија (со сопругата и двете деца, како и со децата од убиената сестра), и се оддава на собирачка и творечка дејност. Сепаратно ја објавува првата револуционерна поема на македонски јазик Самовила Македонска (1878) и првата дводелна стихозбирка на македонски (со свои и народни песни) „Македонска песнарка” (1879). По една година е напечатен и првиот дел од учебникот „Слогница речовска”(1880) што претставува прва печатена граматика на македонскиот јазик. Долго работи врз подготовката на ракописот „Јазичница”, а ја завршува и обемната „Славјанско-Mакедонска општа историја” (1892) што претставува прва историја на македонскиот народ од Македонец и најобемно дело на македонски јазик до Ослободувањето.

Приврзаник на идеологијата дека и античките Македонци биле Словени, особено внимание посветува на историјата на македонската династија и посебно на Филип и на Александар, создавајќи ја и првата македонска верзија на „Александридата”. Не се пронајдени неговите најавени ракописи: Родословница, Речница, Народна песнословница, Смисленица и Обичаи и песни југословенски.

Како претходник и современик на „лозарите”, ја организира првата позната книжевна асоцијација Словенскомакедонската книжевна дружина (Софија, 1888) што имала цел „да ја прероди народната македонска литература”. Со своето учебникарско, лексикографско, филолошко, литературно и историографско национално дело и со учеството во војните и во востаничко-револуционерното движење Пулевски стана меѓник меѓу две епохи од македонската историја: ги набележа националните задачи врз основа на културно-историското наследство, ги истакна потребите на својата современост и очекувањата за иднината на Македонија.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Дедо Гоце Friday, May 4 2012 

(Кукуш, 4 февруари 1872 – с. Баница, Серско 4 мај 1903) идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење во крајот на XIX и почетокот на XX в. Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Бугарската гимназија “Св. Кирил и Методиј” (1888–1891) каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Тајната македонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта во 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на МРО: Даме Груев, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов, за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија, подоцна преименуван во Врховен македонски комитет. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија за да работи на спречувањето на мешањето од Бугарија во внатрешните работи на македонското ослободително дело. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип, организирал протестна демонстрација против власта.

Учествувал на Солунскиот конрес (5–12. април 1896) на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето, со вклучување и на Одринско, а со тоа и промена на името од МРО во Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Со Ѓорче Петров ги изработиле Уставот и Правилникот на Организацијата (1896), публикувани и дистрибуирани во 1897 г., каде што целта на дејствувањето на Организацијата била да извојува политичка автономија за Македонија и за Одринско со револуција.

Делчев во Штип бил уапсен (април 1896) во врска со аферата со запленувањето на бомбите во Битола, а во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан. Во септември Делчев бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност (ноември 1896) и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија (од 16 декември). Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини (во јули 1898) на Ватикан ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија. Должноста задграничен претставник ја извршувал до 6. октомври 1901 г. и бил подвижен член на ЦК. Во тоа својство бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви (1897) во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Вршел вооружување (во април 1898) и тогаш во Македонија се појавиле првите вооружени чети на Организацијата. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите (1900). Со формирањето на селската милиција била доградена воената организација на МРО, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор. Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во османлиската држава. На Солунскиот процес за новоселската афера (до почетокот на 1901) Делчев во отсуство бил осуден на смрт. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма.

За зацврстување на редовите во Организацијата презел инспекциска инструктивна обиколка во централниот и во западниот дел од Македонија (од август 1901 до март 1902). На крајот од септември жестоко ја осудил врховистичката оружена акција во Горна Џумаја, објавена како востание. Додека дејствувал за самостојност и независност на Македонската револуционерна организација, надворешните и инфилтрираните внатрешни орудија со Иван Гарванов, по инструкции од Владата и од Кнезот на Бугарија, подготвиле кревање предвремено востание во Македонија. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес (15–17. јануари 1903) за кревање востание на 25. јануари 1903 г. и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението. Во април, во Солун  се сретнал со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, го прифатил решението и останал неотстапчив. Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ (6 мај). Пристигнал во с. Баница, Серско на 3 мај. На целиот пат од Софија до Солун и потоа бил следен и бил предаден. Војската го опколила селото и во борбата утрото Делчев загинал, неприкосновениот авторитет, раководител на оружените сили и бескомпромисен борец за самостојна македонска држава.

 

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Теодосијa Гологанов Monday, Apr 9 2012 

(световното име: Васил Гологанов) (с. Трлис, Серско, 1846 – Софија, 1926) – духовник, црковно-национален деец, митрополит скопски, борец за обновување на Охридската архиепископија, црковен писател, академик. По школувањето во ќелијното училиште во родниот крај, завршува грчка гимназија во Серес и се замонашува во серскиот манастир „Св. Јован Претеча” (1862), потоа е ракоположен за јеромонах (1864) и игумен, па и ефимериј при црквата „Св. Богородица” во Пловдив.

По образувањето на Бугарската егзархија е поставен за претседател на Црковно-училишната општина во Серес. Бидејќи не се приклучува кон унијатското движење (1873–74), бугарскиот егзарх го удостојува со архимандритски чин и го поставува за ефимериј при бугарската црква „Св. Стефан” во Цариград (1873). Но во Серез е затворен и бара заштита од грчкиот митрополит. Овој го испраќа во Мостар (Херцеговина), каде што јеромонахот е поставен за протосингел на патријаршиската епархија (1874). Тука се зближува со херцеговските востаници и тајно (под псевдоним) испраќа дописки до српски весници, повикувајќи ги словенските народи на востание против Турците. Со порака од херцеговските востаници да организира востание и во Македонија, се упатува преку Солун кон Серез, но пак е уапсен. Го спасува грчкиот серски митрополит. Оди во Цариград и одново станува духовник при црквата „Св. Стефан”. Егзархот го праќа како заменик на Партенија во Ниш (1875), но во Српско-турската војна се повлекува во родното село (1877), а потоа на старото место во Цариград.

По Руско-турската војна и Санстефанскиот прелиминарен договор (1878), егзархот Јосиф оди во Пловдив, а за свој заменик го поставува Теодосија. Новото унијатско движење во Македонија за обнова на Охридската архиепископија тој не го одобрува. Играта со архимандритот Кусевич како заменик, го враќа пак при црквата „Св. Стефан”. Избран е за егзархиски митрополит скопски (1884), но долго чека за определеното митрополитско место. Во март 1890 г. се обидува да дојде во Скопје без нужниот берат, но валијата наскоро го враќа во Цариград. Се’ повеќе размислува за обнова на Охридската архиепископија.

Штом го добива бератот, стигнува во Скопје (1890). Прави големи кадровски и други промени во Скопската епархија што водат кон отцепување од Егзархијата. Го воведува македонскиот јазик во употреба, има своја печатница, сопствени вули и други документи, но без фирмата на Егзархијата.

По острата реакција од егзархот, тој поведува разговори со австро-унгарскиот конзул Шмукер и со ватиканскиот претставник Бонети (1891) за примање на унијата, но под услов да се осамостои Архиепископијата во границите на цела Македонија во канонско единство со Римокатоличката црква. По јавните реакции, егзархот и писмено го разрешува од должноста и со посредство на турските власти бара да биде спроведен во Цариград. Во јануари 1892 г. митрополитот Теодосија засекогаш го напушта Скопје и на 11 март е испратен на принуден престој во софискиот Драгалевски манастир, каде што сe’ до 1901 г. е наполно изолиран.

Силната јавна реакција против сменувањето се совпаѓа со појавата на сп. „Лоза” на ММКД во Софија и со нападите против „националниот сепаратизам”.

По краткиот престој во Пловдив, тој е испратен во Рилскиот манастир (1906), но наскоро пак е вратен во Софија. На распишаните избори за нов митрополит во Скопје (1910), конкурира и Теодосија, поддржан од Скопската епархија и од луѓето околу П. Попарсов. Истовремено се поведува акција на Теодосија, Попарсов и Мисирков за отворање Висока педагошка школа во Скопје, но и тоа е оневозможено.

Бидејќи веќе има објавено повеќе книжевно-научни богословски трудови и преводи, Бугарското книжовно дружество го избира за редовен член (1910). Кога во Првата светска војна германско-бугарските војски ја завладуваат Македонија и Егзархијата ја враќа својата јурисдикција, пак не му е дозволено митрополитското место во Скопје, туку е пратен во Ѓумурџинската епархија (Тракија). По војната е сместен во Духовната академија во Софија, без никаква должност, каде што и умира.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Ѓорче Петров Tuesday, Mar 27 2012 

(Варош, Прилеп, 1865 – Софија, 1921) – професор, публицист, историчар, идеолог на МРО. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887). Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско).

Како учител во Скопје (1888–1891) соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897). Член на ЦК на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Ја објавил книгата „” (Софија, 1896). Бил задграничен претставник на ТМОРО (заедно со Гоце Делчев) во Софија (1897–1901). Учествувал во редактирањето на револуционерниот хектографиран весник „На оружје” (Битола). Во Илинденското востание (1903) предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа; учествувал на Прилепскиот (1904), Струмичкиот (1905) и Рилскиот општ конгрес (1905).

На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија. Го редактирал сп. „Културно единство” (Солун, 1908–1909).  Во времето на Балканските (1912–1913) и на Првата светска војна (1914–1918) бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО (1919), противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

 

Иван Кузманов Божинов Monday, Mar 26 2012 

(Софија, 1807–1927) – поет, писател, издавач во Софија; печатар на списанието ЛОЗА, кое ја вознемири бугарската јавност со јавни заложби за македонско национално сепарирање, списание на чии страници се пројавуваат повеќе истакнати имиња од македонското револуционерно движење. Се занимавал со литература и имал своја печатница. Пишувал на бугарски јазик и живеел на преминот од XIX во XX век. Во текот на 1903 година ја издал својата голема “Народна песнопојка”, која содржи 425 песни – војнички, јуначки, народни, старонародни, љубовни, ороводни, смешни и разни други. Во книгата има податоци дека е дебранец по потекло, издавач, печатар, главен редактор на ЛОЗА и автор на повеќе книги поезија.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Павел Шатев за Борис Сарафов Friday, Mar 23 2012 

Борис Сарафов е еден од македонските „Света Тројца“! Заедно со Ѓорче Петров и Гоце Делчев се трите лица што ги одразуваат духот и смислата на Македонија, пишува најпознатиот гемиџија и првиот министер за правда во слободна Македонија, Павел Шатев, во биографијата посветена на еден од најконтроверзните ликови на македонската револуционерна сцена од крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Биографијата за Сарафов е дел од личната книжевна и публицистичка оставина на Шатев, што припадниците на УДБ-а не успеале да ја запленат при неговото апсење во 1949 година во Загреб. Неговата ќерка Милка Шатева, единствениот жив директен наследник, по цели шест децении неодамна одлучи во форма на микрофилм да му ги предаде на репортерот на „Публика“, по што материјалите за првпат пристигнаа во Македонија. Станува збор за повеќе од 4.000 страници ракопис, што досега апсолутно бил непознат за домашната поширока јавност. Нивното обелоденување фрла нова светлина, како врз ликот и делото на гемиџијата, така и врз целокупната македонска историја.

Павел Шатев не дава точен податок кога ја пишувал биографијата за Сарафов, но од одделни сегменти во ракописот може да се заклучи дека најверојатно тоа го направил по ослободувањето на Македонија и пред да биде уапсен. Според претпоставките, повод била 40-годишнината од убиството на Борис Сарафов.

Материјалот содржи над стотина страници ракопис и пишуван е на мешан македонско-бугарски јазик, па оттука и потребата за ограда од евентуални можни грешки во преводот или од некакви „конструкции извадени од контекст“. „Публика“ нема намера да предизвикува никакви полемики или научно-историски да го толкува видувањето на Шатев за Сарафов, но предизвикот дека се работи за досега непознат текст, ја наметнува потребата од објавување на одделни негови делови.

Биографијата на Шатев за Сарафов е поделена во пет дела. Интересно е што четири делови се наоѓаат на еден, а последниот на друг микрофилм. Веднаш под насловот, Шатев ќе ја напише следната мисла:

– Животот непрекинато оди напред, оставајќи ги старото и одживеаното, и го издига новото, напредното, прогресивното што следствено н` греши како оние кои не верувале во ништо!

Убав, строен и чесен играч

Првиот дел од оваа биографија е посветен на средината и условите во кои тој бил воспитуван и израснал. Детството, младоста и зрелата возраст, во кој Шатев дава и широка експликација на историскиот момент во кој тогаш се наоѓала Македонија.

– Македонското национал-ослободително движење во својот историски развој мина низ неколку етапи, за кои некои општественици и публицисти, истакнати историчари, с` уште не го кажале својот збор. Главно се работи за три подолги или покуси периоди од тоа време. Како што во развојот на секој народ, литературата за полесно изучување или за поголема прегледност обично ја делат, а посебно поезијата, на три главни периоди: епос, лирика и драма. Или, како што секој човечки живот се дели на три периоди: детство, јуноштво и зрела возраст, така и македонското национал-ослободително движење, по аналогија мораме да го поделиме на три главни етапи, на три еднакво мали периоди од време. Првата етапа или период започнува уште од поставувањето на македонското прашање на политичката сцена (1878 г. – Берлинскиот конгрес), а завршува во 1908 година. Тој период завршува со големото народно, вооружено, илинденско востание, наречен уште како херојски период, а некои го нарекуваат и романтичен. Вториот период почнува од Хуриетот (10. јули 1908 г.) и продолжува преку трите војни и завршува со мировниот договор од август 1919 година. Тој период е уште наречен подготвителен или претходен. А, третиот, кој почнува од 1920 година до 1941 година и војната меѓу Германија и СССР, е начелно оформен, зрел, идеолошки период – пишува Шатев.

Тој детално ги опишува секој од нив поединечно, со присутните идеали, методи на борба, исцртано со „силни личности и нивните карактеристики“. А, една од нив „бил и Борис Сарафов, тој убав, строен и чесен играч“. Шатев го лоцира селото Либјахово, Неврокопско, во Пиринска Македонија, и ги споменува неговите родители, таткото Петар и мајката Сирма, синовите Никола, Борис и Крсто и сестрата Елица.

– Таткото Петар Сарафов, според приходите од селските книги, не се занимавал со земјоделство, со што обично се занимавале жителите од Либјахово, а уште од рана возраст се предал на учење, интелектуална работа и пораснал во една од најбележитите епохи: Епохата на бугарското воздигање! Станува секретар на егзархиската Старозагорска митрополија, а потоа оди во Цариград, по што се предава на учителската работа. Така имал можност да ги воспита и образува своите деца. Едниот син станува познат лекар, вториот способен инженер, Борис – добар офицер, Крсто – даровит актер, а сестрата Елица – способна лекарка. Петар Сарафов се преселува во Софија каде продолжува со учителството, а подоцна станува и училиштен инспектор. Борис Сарафов, основното образование го стекнува во родното село, а со учењето продолжува во Солун каде ја завршил бугарската гимназија основана во 18. век која, како што е познато, даде цела плејада од потврдени работници на културно, црковно-научно и духовно поле, како и силни, звучни револуционери, кои распрскани во Македонија создадоа цела мрежа од апостоли и борци и кои на плеќи ја изнесоа целата епопеја на македонските национал-ослободителни борби. Нивна круна е славното и величествено според своите размери, Илинденско востание! – продолжува Шатев.

– Еден од нив бил и славниот Борис Сарафов. Тој заложбите и квалитетите ги наследил од родителите, но дарбата и квалитетите можел да ги развива во една средина каква што била солунската гимназија во која имало одлични воспитувачи, но и поединци како Ѓорче Петров, Даме Груев, Гоце Делчев, Игнатиев, Лазаров и многу други имиња одбележани во историјата на македонските црковно-училишни борби со грчката и српската пропаганда, како и во македонските ослободителни и национал-револуционерни борби и востанија. Таквата благопријатна, одлична средина не можела да не влијае врз впечатливата природа и буен темперамент на Борис Сарафов. Тој, како трудољубив ученик, инстинктивно чувствувал дека турското политичко управување се карактеризира со еден збор – безлична тиранија што ги угнетувала потчинетите народи, без разлика на вера и народност, особено Бугарите-Македонци, кои останале и по руско-турската војна под Османлиската империја во европска Турција-Македонија и Одринско – пишува Шатев.

Изучување на военото дело

Во продолжение, гемиџијата се осврнува на Хатишерифот од 2.11.1839 година и Хатихеманатот од 10.2.1856 година, како и на други меѓународни договори, особено на членот 23 од Берлинскиот договор, кој „предвидуваше административни и ситни реформи, што требаше да се изработат, воведат и приложат и во Македонија“. Осврнувајќи се на месното македонско население, Шатев забележува дека „преку своите приказни, песни, макар с` уште магливо, народот го изразуваше своето негодување, својот молчалив или говорен протест против општествениот тежок живот, како и против поредокот во државата“.

– Негодување против ропските услови за живеење, критика на тогашните активности, а наспроти тоа е надежда за слобода, што се отсликува од светлите и славни страници на родната историја. Во сите песни, приказни, макар и да не се дело на бујни, распалени глави, сепак во нив пламти еден силен патриотски дух. Претставник на тој дух била интелигенцијата што постепено излегувала од основните и средни училишта, на прво место солунската бугарска гимназија, а подоцна и во Битола, Одрин, педагошкото училиште во Скопје и семинаријата во Цариград. Тие се сонот на македонско-бугарската просвета, тие се факелот на македонското политичко и национално будење како народ!

Следува периодот на заминување на Сарафов во Софија, спротивно на желбата на татко му Петар, запишувањето во военото училиште „не само за да се развие физички, туку и да стекне едно специјално образование, кое подоцна ќе му даде можност да биде покорисен за себе и за своите следбеници останати под турска власт, за да може поефикасно да им помогне, како што тој си мислел, и на дело да придонесе за нивното политичко, национално ослободување кон кое се стремеле“.

– Сарафов низ цело време во военото училиште имал намера да го изучи военото дело, но не да се служи со него во својата кариера, туку да се подготвува за практична дејност и тоа не во касарната, ами во животот, за народот за кој и се подготвувал. Тој за култот, за идеалите во животот не се грижел да стигне до генералскиот чин, туку се стремел да биде пред сите општественик, политичар-народен водач – смета Шатев, опишувајќи го Борис Сарафов физички како убавец, а според облеката и надворешниот изглед како вистински европеец, кој се служел со рускиот и францускиот јазик со совршено правилен акцент.

– Сите тие и уште многу други подобни акции и дела не се интересни и земени сами по себе, ниту како личен пример, ниту пак дека биле од некоја реална полза за делото, ни служат да ја отсликаме вистинската потреба од средства, од пари, што тогаш ја чувствувале нашите најпрви агитатори, организатори, создавачи на Внатрешната македонска револуционерна организација или, пак, раководните личности на Врховниот македонски комитет во Софија. Но, не само тоа, туку посебно како брзо, точно карактерно Борис Сарафов со своето чувство сфаќа што е најсуштествено, најважно за дадениот момент. Пари, средства, тоа е најсуштествено, а потоа друго: оружје, оружје и пак оружје. И Борис Сарафов со полна верба во својата сила во 1896/97 година почнува да броди по цела Бугарија и надвор од неа. Во Берлин, Лиеж, Виена, Женева, Белград само и само да најде начин да купи, да испроси, да се задоволи потребата во моментот без оглед на какво и да е идејно или друго лично или општествено соображение. Тој квалитет на Сарафов, упорноста со која се стремел кон исполнување на поставената цел во моментот, го прави за епохата забележителна, темелна, силна и творечка личност од прва величина!

Сарафов и Ѓорче Петров биле дијаметрално спротивни

Од смртта на Борис Сарафов н` делат околу 40 години. Низ тоа долго време и многу порано, изнесени се разни мислења лично за него и неговата општествена и револуционерна дејност. Создадени се и многу други услови од кои изникнува обичната вистина, особено сега, по така долг период на време за кое веќе исчезнале сите субјективни погледи, процени што можат да н` заблудат и можеме пообјективно да се произнесеме. Но, пред да навлеземе во таа област, не можеме да не потцртаме една од најкарактерните црти на неговиот карактер, која го издвојува и тоа значително од сите други македонски легални и нелегални револуционери. Тоа е да привлекува кон себе си, и да обединува лица и групи со најспротивставени идеи и карактери. Тој не се отсликуваше со некаков дар на јазикот, немаше како се вели ораторен талент, но прикажуваше една таква голема љубезност каква што обично се среќава само во вистинската руска душа. И таа љубезност му даваше можност да се опкружи со карактерни, силни луѓе, повеќето млади ентузијасти како Герџунков, Мерџанов, Манџуков, Чернопеев, Бабата, Нунков, Дечев и уште многу други борци и дејци, луѓе на делото. Нераскинливо поврзан со плејада македонски и бугарски дејци во револуционерните борби, тој не само внатре во Бугарија и Македонија имаше свои верни и искрени пријатели, туку создаде и надвор, во Австрија, Русија, Франција и Швајцарија и тоа видни претставници на општествениот и политичкиот живот – пишува Шатев, кој според „делото како вожд и војвода во Македонија и военото држење“, го поистоветува Сарафов со бугарскиот национален херој Г. Бенковски.

Во продолжение на биографијата, Шатев пишува за Сарафов како претседател на Врховниот македонски комитет, за договорот со Гоце Делчев за формирање четничка чета, за виничката афера, за собирањето парични средства, набавката на оружје, за преземањето на Мелник, за првите недоразбирања со Ѓорче Петров и Гоце Делчев…

– Воопшто, тоа се сфаќања по кои се разликувале тие две дијаметрално спротивно поставени личности – Ѓорче Петров и Борис Сарафов. Споровите, недоразбирањата, пак, дозволуваат дека уште тогаш имало различни мислења, чии објаснувања се одразувале на лично поле. Идејните, принципиелните разлики меѓу Сарафов од една и Петров од друга страна, во тој момент биле такви какви што биле разликите меѓу Каравелов и Васил Левски, кога се убедиле дека бугарскиот народ ќе треба да смета прво на себе си, а потоа на некои надворешни фактори. Каравелов бил човек на идејата, знаењето и високи сфаќања, а Левски човек на трудот и успехот. Каравелов верувал во бугарското побратимство, а Левски бил разочаран од вербата во успехот на „бугарската демократска република“.

Сите добро знаеле

Желбите на човека се разнообразни, но исто така и средствата преку кои тие желби можат да бидат реализирани. Ѓорче Петров, а со него и Гоце Делчев, се движат по една строго зацртана патека, а Сарафов, воден не толку од разумот, туку обземен од изградените национални чувства, се движи во малку друга насока – да се прикажат и прифатат конфликтите и да се приближат ставовите… Секој разбира, така и самиот Сарафов со својот човечки ум и лично запознат со многу официјални лица со кои бил, како што и самиот на многу места кажува и потцртува, можел да знае, да разбере или лесно да се почувствува дека официјалните сфери т.е. бугарското раководство не би допуштило да функционира еден комитет, кој си поставува подобни цели. Да собира пари, да прибира и купува оружје, да го складира во погранични пунктови и да го префрла од негова на територија во туѓа соседна држава. Да се префрлаат четници и да се враќаат и прибираат во државата и ред други работи што пречат и ја обременуваат официјалната државна политика. Во никој случај не би го допуштила тоа ако немаше намера с` да искористи, до крајот на возможното, не само против македонскиот комитет, туку и против самото македонско револуционерно движење. Тоа е јасно за секој човек. Тоа не можел да не го разбере и Борис Сарафов со неговите другари, членови на македонскиот врховен комитет. Тоа го знаеле и внатрешните дејци. Даме Груев, кој не еднаш се сретнал со бугарските официјални лица, министри и други. Тоа уште подобро го знаел и Ѓорче Петров, кој, како што се знае, непрекинато лично бил во контакт со министерството на војната, а истото го знаеле и разбирале и останатите внатрешни дејци (Делчев, Татарчев, Пере Тошев, Иван Хаџи-Николов и др.), воопшто сите основачи и главни раководители и работници во Внатрешната организација – раскажува Шатев.

Според гемиџијата, до тој момент, според целите и методите на борбата, меѓу Врховниот комитет и ВМРО с` уште постоеле суштествени разлики. Сарафов, во блиските средби со внатрешните дејци, јасно, искрено и отворено кажува: „Се стремевме кон целосна солидарност со Внатрешната организација!“. На заседанијата на Комитетот редовно присуствувале и Ѓорче Петров и Гоце Делчев, како и останатите другари-офицери Цончев, Николов, Јанков и други.

Според Шатев, првите недоразбирања меѓу Сарафов и неговите содругари од Комитетот се јавуваат пред неговото апсење, поврзано со аферата за убиството на романскиот новинар Стефан Михаилеану во Букурешт во 1900-та година. Откако тој заминал в затвор, тие недоразбирања преминуваат во разлики во целите и тактиката во борбата. Но, Шатев тврди дека уште пред времето, кога Сарафов бил претседател на Врховниот комитет, споровите и недоразбирањата биле почнати.

– Споровите и недоразбирањата, главно меѓу двајцата од највидните македонски дејци Ѓорче Петров, од една страна поддржан од Гоце Делчев и Борис Сарафов од друга. Духот и смислата на Македонија во три лица – македонските „Свети Тројца“ – пишува во биографијата Шатев.

Социјализмот во крвта на Сарафов

Во военото училиште во Софија, според Павел Шатев, Сарафов, како „јуноша“ бил подлегнат на сурова, железна дисциплина. Тој бегал од училиштето, за да се собира со лица, групи, со кои училишниот правилник забранувал да се другарува.

– Сарафов бега од училиштето не за да се шета слободно низ градот, туку да отиде во куќа во која се собрани негови блиски или само познати лица, со кои чита „матни руски писатели“ или беседи и слуша реферати по општествени прашања, по социјализам, кој, како што самиот вели, во тоа време бил во мода. Да, во мода, но за лица и индивидуи со подруг менталитет, со поразвиено патриотско чувство, а таков бил и Гоце Делчев, другар од училиште, од солунската гимназија – пишува во биографијата.

„Зошто им давате на Албанците, а не на нас?“

Во фуснота, Шатев бележи дијалог воден во Виена меѓу Сарафов и извесен Фон Милер, подоцна еден од двајцата австриски и руски цивилни агенти на Хусеин Хилми-паша и главен инспектор на трите вилаети: Солунски, Битолски и Косовски. Тој сакал да има врски со Сарафов, му предложил да му даде пари за негова лична издршка, но не сакал да даде повеќе пари за делото. На прашањето на Сарафов како праќа пари за Албанците, „а за нас Македонците не сакате?“, Фон Милер дипломатски му одговорил дека тоа го правел, не за друго, туку за капиталистичката пропаганда во Албанија.

– За Македонија и нејзината кауза, Австро-Унгарија можела да даде огромни суми пари при друга политичка и воена поставеност, но не на лица како Сарафов, кои чукаат по разни врати без каков и да е ангажман или ги даваат за атентати. Ќе ги дадат во определен момент и на определени лица!

 

извор: ДНЕВНИК

Крсте Петков Мисирков Monday, Mar 12 2012 

(Постол, Ениџевардарско, Егејскиот дел на Македонија, 6/18 ноември 1874 – Софија, јули 1926) – најкомплетниот и најкомплексниот македонски славист, кодификатор на современиот македонски литературен јазик и правопис, автор на првата книга (“За македонцките работи”, 1903) и на првото научно – литературно списание (“Вардар”, 1905) на современиот литературен јазик, прв национален филолог, историчар, етнограф, фолклорист и публицист, револуционер и национален деец.

По грчкото основно училиште во родното село, учи во српска гимназија во Белград (1889) и во бугарска во Софија (1890), одново во Белград во светосавската Богословско – учителска школа (1891), па во гимназијата во Шабац (1891/92) и ја завршува Учителската школа во Белград (1895); го дополнува образованието во руската Духовна семинарија во Полтава (1895–1897), а дипломира на Историско-филолошкиот факултет во С. – Петербург (1897–1902) со писмената тема на државниот испит “Кон прашањето за народноста и причините за популарноста на македонскиот крал Марко”.

Ги започнува постдипломските студии на Катедрата по словенска филологија, но ја напушта универзитетската кариера поради немање материјална издршка ни законски можности за вработување во Русија, за да може да учествува во претстојните револуционерни настани во татковината. Како ученик во Софија е во средината на основачите на Младата македонска книжовна дружина (1891), во Белград е член – основач на Ученичкото друштво “Вардар” (1893–1894), а во С. – Петербург е член-основач и потоа претседател на ТМОК (1900–1902), прв потписник на основачкиот акт на МНЛД (1902–1905), основач на клонот на МНЛД и во Софија (1903), коешто веднаш е ликвидирано од властите, а се обидува да организира таков клон и во Одеса (1905). Првиот научен прилог го објавува како штотуку запишан студент (“Жива старина”, 1898), а првите записи на македонски јазик и со посебна македонска графија ги прави во 1900 г.

Како егзархиски гимназијален учител и домашен учител на децата на рускиот конзул А. А. Ростковски во Битола (1902/03) учествува во подготовките за Илинденското востание. По убиството на конзулот мора да се врати во Русија и држи предања во МНЛД, од кои ја составува книгата “За македонцките работи” и ја објавува во Софија, а настапува за македонското прашање и во Великата школа во Белград (декември 1903). По излегувањето на книгата, изнатепан и смртно заплашен во Софија, бега пак во Русија и станува гимназиски учител во Бердјанск (1904/05), Одеса (1905 – 1913) и Кишинев (1913 – 1918). Во Одеса во 1905 г. го напечатува првиот број на првото научно – литературно списание на современиот македонски литературен јазик “Вардар”, со лежерна поправка на азбуката и правописот, со што наполно се изедначува Мисирковиот со нашиот современ стандард.

Безуспешно конкурира за професор на Софискиот универзитет (1907), а по Младотурската револуција и за учител во Солунската егзархиска гимназија (1908). Оневозможени се и напорите со П. Попарсов и со митрополитот скопски Теодосија да се отвори Висока педагошка школа во Скопје (1910). Покренува иницијатива да издава весник “Ближни Восток” во Одеса (1911), но бива одбиен.

Кога почнува Првата балканска војна (1912), под вид на воен дописник на руските весници “Голос Москвa” и “Одесски листок”, доаѓа во Македонија (Солун), но подгонет од Грците разочаран се враќа во Русија и објавува серија статии во рускиот печат и истражувања во бугарски списанија.

Во критичните моменти за целоста на Македонија праќа меморандуми до руски и бугарски министри, до Петербуршкото словенско благотворно друштво и др. и води дневнички записи (“Мемуари”, 1913). Ги продолжува истражувањата од македонската историја, јазик, фолклор и етнографија и одново се пријавува за продолжување на своите постдипломски студии, под менторство на проф. Т. И. Флорински (Киев), и ја подготвува магистерската дисертација “Кралевите Волкашин и Марко како историски личности и јунаци на јужнословенскиот епос”. Станува редовен член на Историско-филолошкото друштво на Императорскиот новорусиски универзитет во Одеса (1908), држи неколку реферати на неговите заседанија и објавува во неговите органи.

По почнувањето на Првата светска војна одржува забележан говор на Општословенското собрание во Одеса (6 август 1914) и заминува во С. – Петербург, каде што се среќава со видни личности од руските научни и политички кругови, а со Д. Д. Чуповски, Н. Д. Димов и д-р Г. Константинович, од името на Петербуршката и Јужноруската македонска колонија, на 14 август 1914 г. поднесуваат опширен Меморандум до рускиот министер за надворешни работи за судбината на Македонија и македонскиот народ. Објавува (под псевдонимот Пелски) клучни статии во сп. “Македонски голос” (Македонски глас) – и во словенофилскиот орган “Извeстија”.

По Октомвриската револуција и осамостојувањето на Република Бесарабија (1917–1918) Мисирков е избран за народен пратеник од националните малцинства и станува секретар за малцинствата на Бесарапскиот парламент, но по соединувањето на Бесарабија со Романија тој е екстерниран во Украина (30 октомври 1918), па од Одеса се префрла во Софија (2 декември 1918).

Една година е уредник на Историското одделение на Етнографскиот музеј, а потоа е назначен за учител, па наскоро и за в.д. директор на Гимназијата во Карлово (1919). Но по неполна година е сменет (7 септември 1920) и останува учител, прогонуван од новиот директор и ненавидуван од граѓаните поради неговата македонска национална публицистичка активност.

Поднесува молба до Министреството за просвета на Кралството на СХС (1921) за да се префрли како гимназиски преподавател во Скопје, Загреб, Белград “или во некој друг град во Јужна Србија”, но по долга преписка молбата му е одбиена (25 септември  1923).

Меѓувремено започна долга серија тестаментални статии за Македонија и македонското прашање во софискиот печат што уште повеќе му ја влошуваат состојбата во Карлово. Се вклучува во движењето за вештачкиот меѓународен јазик идо и соработува во неговиот орган за да го искористи за македонското национално прашање. Обвинет поради македонството како “србофил”, Мисирков е преместен за в.д. директор на гимназијата (предвидена наскоро да се затвори) во старопланинското гратче Копривштица (4 септември 1925). Тука развива богата дејност, но поради истите причини е ненавиден од колективот и од граѓанството.

Соработува во идиското сп. “Мондо” во Стокхолм, а под псевдонимот Пелски праќа дописки и во федералистичкиот в. “Македонско сзнание / Македонско сознание” во Виена. Пред смртта конкурира за едногодишен студиски престој на Универзитетот Колумбија во Њујорк, а го подготвува и првиот број и добива дозвола да го редактира и да го издава сп. “Богомил” (мај 1926). Ненадејно се разболува и наскоро починува во Софиската болница.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

 

Христо Матов Monday, Mar 12 2012 

(Струга, 10 март 1872 – Софија, 10 февруари 1922) – професор, револуционер и еден од идеолозите на МРО. Завршил гимназија во Солун и словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил член на ТМОРО (1894). По Солунската провала (јануари 1901), како член на ЦК на ТМОРО, бил осуден и заточен во Дијарбекир (Мала Азија). Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. Учествувал во работата на Рилскиот општ конгрес (1905), бил претседател на Ќустендилскиот конгрес (1908). По Младотурската револуција бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. За време на Првата светска војна, заедно со Г. Баждаров во Скопје го издавале в. “Родина”. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на многу книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов.

Води остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Во поезијата остава одвај забележливи траги, иако располагал со творечки нерв, но на револуционерното дело му се посветува без остаток. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут. Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Next Page »