Подземната сообраќајница во знакот на бројот шест Wednesday, Mar 14 2012 

Новиот булевар ќе биде на шест метри длабочина, со шест ленти во двата правца и ќе се пушти во употреба по шест години

Изгледот на подземната сообраќаница е топ-тема во јавноста

Турската компанија „Лимак“ што го доби земјиштето на Јужен булевар за една година треба да почне со ископ на подземната сообраќајница, која ќе биде на длабочина од шест метри, со по три ленти за двата правци.

Компанија за 3,27 милиони евра купи околу 32.000 квадратни метри државно земјиште, каде што ќе гради станбен, трговски и хотелски комплекс и има обврска во целост да ја изгради подземната сообраќајница и потоа без надомест да ја предаде во владение на градот.

– Сообраќајницата ќе биде пуштена во употреба откако ќе се изгради и земјиштето над неа. Ќе биде во должина од 800 метри и ќе има по три ленти во двата правци, како и простор за застанување – истакна Коце Трајаноски, градоначалник на Скопје, по потпишувањето на договорот со „Лимак“. Во договорот се предвидува турската компанија целиот проект да го заврши за шест години.

Од градот велат дека дополнително ќе биде подготвено проектантско решение за тоа како оваа подземна сообраќајница ќе се поврзе со Теодосиј Гологанов и улицата што води кон населбата Црниче.

– Скопје е голем културолошки град и сигурни сме дека ќе се изгради во многу брзо време. Ние имаме работено на многу проекти и сме една од 250 најдобри фирми за градежништво – рече Халдун Фират Конктурк, претставник на „Лимак“ за Балканот.

Во однос на тоа колку ќе чини изградбата, Конктурк не може да прецизира, но истакна дека според нивната процена тие ќе вложат разумна цена и ќе се придржуваат на деталниот урбанистички план.

Групацијата „Лимак“ постои 36 години, една е од водечките компании во Турција на полето за производство и дистрибуција на електрична енергија, поседува 10 фабрики за производство на цемент, има изградено осум хотели, а оперира и со аеродромите „Сабиха Гокчен“ во Истанбул и меѓународниот аеродром во Приштина. Групацијата има добиено и концесија за управување со најважните пристаништа на Медитеранот во градот Искендеурн во Турција.

Извор: Нова Македонија

Христо Матов Monday, Mar 12 2012 

(Струга, 10 март 1872 – Софија, 10 февруари 1922) – професор, револуционер и еден од идеолозите на МРО. Завршил гимназија во Солун и словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил член на ТМОРО (1894). По Солунската провала (јануари 1901), како член на ЦК на ТМОРО, бил осуден и заточен во Дијарбекир (Мала Азија). Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. Учествувал во работата на Рилскиот општ конгрес (1905), бил претседател на Ќустендилскиот конгрес (1908). По Младотурската револуција бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. За време на Првата светска војна, заедно со Г. Баждаров во Скопје го издавале в. “Родина”. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на многу книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов.

Води остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Во поезијата остава одвај забележливи траги, иако располагал со творечки нерв, но на револуционерното дело му се посветува без остаток. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут. Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009