Најголем откуп за грабнување Tuesday, Nov 20 2012 

Турската држава и плати на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО) 14 500 златни лири за откуп на грабнатата американска мисионерка мис Елеонора Стон.

Таа била грабната на 21 август 1901 од четата на Јане Сандански, на патот меѓу Банско и Горна Џумаја . Добиените пари главно се употребувале за купување оружје.

Мис Стон, престојувајќи кај македонските револуционери од почетокот на овој век, ги сфати и прифати националноослободителните цели на ТМОРО и по нејзиното враќање во САД ги популаризираше.

Дедо Гоце Friday, May 4 2012 

(Кукуш, 4 февруари 1872 – с. Баница, Серско 4 мај 1903) идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење во крајот на XIX и почетокот на XX в. Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Бугарската гимназија “Св. Кирил и Методиј” (1888–1891) каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Тајната македонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта во 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на МРО: Даме Груев, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов, за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија, подоцна преименуван во Врховен македонски комитет. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија за да работи на спречувањето на мешањето од Бугарија во внатрешните работи на македонското ослободително дело. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип, организирал протестна демонстрација против власта.

Учествувал на Солунскиот конрес (5–12. април 1896) на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето, со вклучување и на Одринско, а со тоа и промена на името од МРО во Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Со Ѓорче Петров ги изработиле Уставот и Правилникот на Организацијата (1896), публикувани и дистрибуирани во 1897 г., каде што целта на дејствувањето на Организацијата била да извојува политичка автономија за Македонија и за Одринско со револуција.

Делчев во Штип бил уапсен (април 1896) во врска со аферата со запленувањето на бомбите во Битола, а во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан. Во септември Делчев бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност (ноември 1896) и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија (од 16 декември). Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини (во јули 1898) на Ватикан ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија. Должноста задграничен претставник ја извршувал до 6. октомври 1901 г. и бил подвижен член на ЦК. Во тоа својство бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви (1897) во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Вршел вооружување (во април 1898) и тогаш во Македонија се појавиле првите вооружени чети на Организацијата. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите (1900). Со формирањето на селската милиција била доградена воената организација на МРО, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор. Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во османлиската држава. На Солунскиот процес за новоселската афера (до почетокот на 1901) Делчев во отсуство бил осуден на смрт. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма.

За зацврстување на редовите во Организацијата презел инспекциска инструктивна обиколка во централниот и во западниот дел од Македонија (од август 1901 до март 1902). На крајот од септември жестоко ја осудил врховистичката оружена акција во Горна Џумаја, објавена како востание. Додека дејствувал за самостојност и независност на Македонската револуционерна организација, надворешните и инфилтрираните внатрешни орудија со Иван Гарванов, по инструкции од Владата и од Кнезот на Бугарија, подготвиле кревање предвремено востание во Македонија. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес (15–17. јануари 1903) за кревање востание на 25. јануари 1903 г. и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението. Во април, во Солун  се сретнал со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, го прифатил решението и останал неотстапчив. Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ (6 мај). Пристигнал во с. Баница, Серско на 3 мај. На целиот пат од Софија до Солун и потоа бил следен и бил предаден. Војската го опколила селото и во борбата утрото Делчев загинал, неприкосновениот авторитет, раководител на оружените сили и бескомпромисен борец за самостојна македонска држава.

 

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Ѓорче Петров Tuesday, Mar 27 2012 

(Варош, Прилеп, 1865 – Софија, 1921) – професор, публицист, историчар, идеолог на МРО. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887). Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско).

Како учител во Скопје (1888–1891) соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897). Член на ЦК на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Ја објавил книгата „” (Софија, 1896). Бил задграничен претставник на ТМОРО (заедно со Гоце Делчев) во Софија (1897–1901). Учествувал во редактирањето на револуционерниот хектографиран весник „На оружје” (Битола). Во Илинденското востание (1903) предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа; учествувал на Прилепскиот (1904), Струмичкиот (1905) и Рилскиот општ конгрес (1905).

На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија. Го редактирал сп. „Културно единство” (Солун, 1908–1909).  Во времето на Балканските (1912–1913) и на Првата светска војна (1914–1918) бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО (1919), противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

 

Христо Матов Monday, Mar 12 2012 

(Струга, 10 март 1872 – Софија, 10 февруари 1922) – професор, револуционер и еден од идеолозите на МРО. Завршил гимназија во Солун и словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил член на ТМОРО (1894). По Солунската провала (јануари 1901), како член на ЦК на ТМОРО, бил осуден и заточен во Дијарбекир (Мала Азија). Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. Учествувал во работата на Рилскиот општ конгрес (1905), бил претседател на Ќустендилскиот конгрес (1908). По Младотурската револуција бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. За време на Првата светска војна, заедно со Г. Баждаров во Скопје го издавале в. “Родина”. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на многу книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов.

Води остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Во поезијата остава одвај забележливи траги, иако располагал со творечки нерв, но на револуционерното дело му се посветува без остаток. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут. Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Зафир Ѓорчев Белев Monday, Mar 12 2012 

(Охрид, 1845 – с. Костенец, Софиско, 1907) – македонски деец и општественик, учесник во Охридскиот заговор и автор на мемоарски (автобиографски) запис на македонски јазик. Член на Општинскиот совет. Поради народополезна дејност осуден е на шестмесечен затвор (1871). Година и пол престојувал во Русија, а по враќањето работел во родниот град како кафеџија – гостилничар. Како член на охридската заговорничка група што развила револуционерна активност во Југозападна Македонија, бил еден од составувачите и доставувачите на една петиција (со 24 печати од околните села) што му била предадена на рускиот конзул во Битола (1880), поради што бил осуден на доживотен затвор во крепост. По три и полгодишен престој во Битолскиот затвор, бил испратен на заточение во Пеас – Кале (Јемен), но бил амнестиран и се прибрал во Софија (1894). По враќањето од заточение напишал безнасловен и незавршен мемоарско – литературен текст на македонски јазик со грчкото писмо „Запис за таксиратот и маката’.

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Дамјан (Даме) Груев Saturday, Mar 10 2012 

(с. Смилево, Битолско, 19 јануари 1871 – врв Петлец, кај с. Русиново, Малешевско, 23 декември 1906) национален деец и револуционер. Се школувал во родното село Смилево, Ресен и Битола, Солун и Белград (гимназија) и во Софија (студирал историја на Високата школа). Во Солунската егзархиска гимнзија “Св. Кирил и Методиј” (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците за запирање на бугаризацијата, за настава на македонски народен говор, а во Гимназијата во Белград во бунтот против режимот на србизација на македонските ученици. На Универзитетот во Софија формирал македонско националнореволуционерно јадро од студентска група, во која влегле и Петар Поп Арсов, Пере Тошев, Иван Хаџи-Николов и др., која дејствувала под името Млада македонска книжовна дружина (ММКД) и го издавала списанието “ЛОЗА” за афирмирање на македонската национална посебност и за одбрана на македонските национални интереси.

Груев се посветил на усната агитација. Бил уапсен и задржан в затвор (1891). Исклучен од Универзитетот. По ослободувањето се вратил во Македонија. Во Битола формирал Револуционерно друштво од младите учители. Од Битола заминал за учител во Смилево, а потоа во Прилеп. Се вратил во Солун, каде што работел како главен коректор во печатницата на Коне Самарџиев.

Со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи-Николов формирале Македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев (двајцата учители) и д-р Христо Татарчев (лекар) и ги поставиле основите на Македонската револуционерна организација. На конститутивниот состанок (7 јануари 1894) Груев станал прв секретар на Централниот комитет. Од Солун заминал во Штип како главен учител во трикласно училиште. Тука првпат се сретнал со Гоце Делчев (учител во штипското Ново Село). По враќањето во Солун бил училиштен инспектор. По разговорите во Софија со раководството на Врховниот комитет на македонската емигрантска организација во Бугарија и во Цариград со егзархот (1895) се уверил дека Македонската револуционерна организација не само што не можела да смета на поддршка туку и дека претстоело жестоко конфронтирање.

Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на 10 години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел Месната организација.

Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум-Кале (Мала Азија), каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Во затворот останал 10 месеци (до март 1903). По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, кој допатувал за да се договорат за отповикување на јануарската одлука на ЦК на ТМОРО за кревање неподготвено востание. Груев не отстапувал и пред силата на аргументите и пред инсистирањето на Делчев, решен самиот да ја преземе фаталната одговорност.

Разговорот Груев го завршил со зборовите: “Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!” и отпатувал за Битола, на пат за Смилево. Во почетокот на мај претседавал на Конгресот на Битолскиот револуционерен округ. Бил избран Главен востанички штаб во состав: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов. На 2 август било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните исцрпувачки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на Востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето. По Востанието Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на Организацијата. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), се застапувал да продолжи да функционира Организацијата, централизирана како тајна држава во османлиската држава, како “подземна Република”.

Претседавал на Општиот конгрес на Револуционерната организација (1905) и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите. Единството постигнато на Конгресот траело кратко. Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај с. Русиново (Малешевско). Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во с. Смилево. Загинувањето е опеано и во малешевската народна песна “Низ Петлец идат трима војводи”

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Иван Хаџи Николов Saturday, Mar 10 2012 

 ( Кукуш, 24 декември 1861 – Софија, 9 јули 1934) – македонски револуционер, учител и книжар. Завршил Трговска академија во Линц, Австрија. Бил учител во Костенец, Кукуш, Воден и во Солун. Соработник на Младата македонска книжовна дружина во Софија и на списанието „Лоза” (1892). Отворил сопствена книжарница во Солун (1893). Бил еден од иницијаторите и основополжниците на МРО (1893), член на ЦК на МРО (1894–1901). Во времето на Солунската афера (1901) ги предал печатот и шифрите на Организацијата на Иван Гарванов. Согледувајќи ја грешката, се обидел да се самоубие. Бил осуден и испратен на заточение во Подрум Кале (Мала Азија), набргу (1902) бил амнестиран. Учествувал на советувањето на ТМОРО во Софија (јануари 1903). По Востанието (1903) се преселил во Софија, каде што се занимавал со издаваштво и со трговија. Оставил драгоцени спомени. Животот го завршил со самоубиство.

Петар Поп Арсов – ВАРДАРСКИ Friday, Mar 9 2012 

(с. Богомила, Велешко, 21 октомври 1872 – Софија, 1 октомври 1941) – македонски културнонационален и револуционерен деец,  „лозар”, гимназијален професор, писател и публицист. По школувањето во родното село, во Велес и во Солун, како еден од антиегзархиските бунтовници, заедно со поголема група ученици од Солунската гимназија, се префрла на школување во Белград (1889). Како студент на Великата школа рано ја почувствувал манипулацијата на пропагандите и на почетокот на следната година се префрла на Историско – филолошкиот факултет на Вишото училиште во Софија. Тогаш главно од солунските и белградските бегалци се создава јадрото на  “лозарското” движење. Член е на „Тајната дружба” (крајот на 1890), од која се создава Младата македонска книжовна дружина, која од јануари 1892 г. почнува да го издава својот орган  „ЛOЗА”, а тој е еден од главните нејзини редактори и соработници. Поради националната концепција на Програмата на ММКД и национално – сепаратистичката ориентација на списанието и македонската јазичноправописна тенденција, во бугарската јавност се поведува кампања и терор против „македонскиот национален сепаратизам”. Наскоро Дружината и сп. „Лоза” се оневозможени.

По дипломирањето Попарсов станува професор во Солунската гимназија и заедно со петмина други млади интелектуалци ја поставуваат основата на МРО (23. Х 1893). Како член на ЦК на МРО, присуствува на организационата средба во Ресен (1894), а под псевдонимот Вардарски ја објавува брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници# (1894) што ги претставува основните концепции на Програмата на МРО. Активно учествува на Солунскиот конгрес на МРО (1896), но по Виничката афера (1897) е уапсен и осуден на 101 година робија. Откако е амнестиран (1902), ја продолжува дејноста во Велешко, но спроти Солунските атентати одново е уапсен и од Скопскиот затвор излегува еден ден пред објавувањето на Илинденското востание.

Станува учител во Скопје (1903/ 04), а потоа во Солун. Одново е кооптиран во ЦК на ТМОРО, но скоро се повлекува. Од јули 1904 г. е интерниран во родното село, а во август е надворешен претставник на ТМОРО во Софија. Иако не учествува на Рилскиот конгрес (1905), избран е за член на Задграничното претставништво. По убиството на Сарафов и Гарванов (1907) е уапсен во Софија, но наскоро пуштен и се враќа во Скопје (мај 1908). Активно учествува во задушувањето на султановата контрареволуција (1909). Како учител во Педагошкото училиште во Скопје (подоцна и директор и моарифски инспектор), неуспешно учествува во изборите за пратеник, а заедно со

К. Мисирков и со бившиот митрополит скопски Теодосија Гологанов, прави обид да се отвори македонска Висока педагошка школа во Скопје (1910). Во Првата балканска војна се засолнува во Велес и со Д. Чуповски ја организира Општомакедонската конференција за спас на окупираната Македонија, на која Македонската колонија во Петербург е ополномоштена да ги застапува македонските интереси во странство (декември 1912). Спречен е да заминат со Чуповски во Париз и Лондон. По Букурешкиот договор (1913) станува учител во софиското село Костенец. Член е на Привременото претставништво на обединетата поранешна ВМРО во Софија, потписник на Апелот (15 март 1919) и соработник на органот „БÓлетинÍ”. По Версајскиот мировен договор и конечната поделба на Македонија наполно се повлекува од јавниот и политичкиот живот. Автор е на драмскиот спев на македонски јазик  „Самуил Брсјак”.

 

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009