Како светците добиле празници Wednesday, Dec 19 2012 

Стар ет Свети Никола. Немат место рисјанско кај да се не знајт неговото име и да не се празнуат негојот празник. И комшииве него го имаат за светец. Тие го викаат Ад’рбаба.

Едно време позавиделе сите други светци, оти Свети Никола да ет толку честен. Се собрале сите и се згоориле да направат една поплака и да се оплачат Господу за таа Свети Николо’а неправдина, оти сите цркви и зел на свое име, а пак на некои од светците ни името не им се знаело. Речено, сторено. Ја напишал поплаката еден од светците и ошол да ја дајт Господу. Зел Господ сполај му, ја испеал и во часот пратил двајца ангели да појдат по Свети Никола, да му кажат оти имат поплака на него и да го заберат пред себе.

Излегле ангелите и прегледале првин на небо, Свети Никола тамо го немало. Слегле на земи. Цела ноќ кутрите ангели барале од црква во црква, немат светец никаде. Пукнала зора и тогај дури одвај едниот ангел заглеал среде море една гемија, ломење напраена и готоа да потонит и при неа сам Свети Николе. Ошле прао тамо и му кажале дека требат да тргнат со нив, зашто имат поплака на него.

– Аман слуги Божји, проговорил светецот, елате еден од вас покрепете а гемиава, ја оту пак поможете да ја куртулиме од далгава побрго за да не падните и вие кабаетлии со задоцнуењето. Се попоглеале ангелите, немало што да праат, виделе не-виделе, зеле ја спасиле гемијата и ја исплинале близу до скелето. После го забрале Свети Никола како што бил изводенет вир-вода, со испокинати алишта, со полетите запрегнати и солупен грб од крепење кораби. Ете на таа пересиа тој тој излегол и паднал ничкум пред Господа, кај што биле собрани и сите даудџии-светци. Ангелите искажале Господу сè со ред како го барале цела ноќ Свети Никола од црква в црква и одвај пред зора го нашле среде море под една искршена гемија, од кај што го собрале.

Од како искажале сè ангелите се завртел Господ кон сите светци и ништо не прогоорил. Ама од погледот негов сите разбрале оти им рекол:

Ојте и вие, прајте истото ко што прајт Свети Никола, ако сакате да бидете честени од сите рисјани.

И се поклониле Господу светците, и си ошле секи на својот конак.

И наредил од тогај Господ на секој светец да му се празнуат празник по еднаш во годината, а на кутриот светец што кодошел, на четири години еднаш да му се празнует празник.

(Тоа е преподобен Касијан Римјанин, споменот му е на 29ти февруари. Умрел во 435та година, основоположник на монаштвото на запад.)

Морски песок за бериќет Tuesday, Dec 18 2012 

се пее на трпеза на Свети Никола

Заспал задремал свети Никола

во стреде море на мермер плоча,

малку му поспал тој три години.

До три години сонце не огреа,

до три години ветор не веа,

до три години дош не ми врна,

да се не роди нишчо берикет,

да ми станала тешка скопија,

Туе помина Богородица,

да си разбуди свети Никола:

-Стани ми, стани, свети Никола.

Од сон ми стана и се поклони.

-Да шчо ме дигаш, ти света мајко?

-Да е станала тешка гладија,

ти да си земеш кола с волови

да си наполниш од море песок

от да си тргнеш по сета земја,

коде да минеш, се да си сееш.

Тој пак си фпрегна кола с волови,

оту си тргна по сета земја,

сос мрва семе многу берикет.

Коде со рока, коде с два прста,

по мрва фрлат благословуват:

-От мрва семе, многу берикет!

Тој ми ишетал по сета земја,

коде со рока, коде с два прста,

во пусто Скопје сос сета кола.

Свети Никола гради цркви Tuesday, Dec 18 2012 

Цркви гради стар свети Никола,

градил ги е од злато и сребро,

оште малко не са доградени, –

не стигнало злато и па сребро,

па се чуди стар свети Никола,

дек да најде злато и па сребро,

да догради цркви монастири.

Па си зема златна патерица,

па си шетна на горе на доле

отиде си крај Белото море,

там си виде таја мрена риба,

дек играе по дно на морето,

криљето и злато позлатени

а в устата безцен камен носи,

та си свети по дно на морето.

Удари си стар свети Никола,

удари си с златна патерица,

удари си това Бело море,

раздели се това Бело море,

улезна си стар свети Никола,

па си фана таја мрена риба,

риба му се милно помолила:

-Пушти ме мене, стар свети Никола

алал да е златото и сребро!

Проговарја стар свети Никола:

-С’ сребро, злато цркви ќе дограда,

безцен камен у олтар ќе остава,

тебе, Рипке, курбан ќе те колам!

 

Како Свети Никола доби име за меѓународна употреба Tuesday, Dec 18 2012 

Пред многу години Бог заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, а за свети Никола два дена. И не само тоа, туку за преподобниот Кисијан, кој најмногу го кодошел, наредил само еднаш на четири години да му се празнува денот 29 февруари. Ако се преведе со денешен јазик, Кисијан бил лустриран, па пред Бога се појавува еднаш на четири години, како пратеник за нов пратенички мандат. Но шегата настрана, тема на овој текст не се ниту Кисијан ниту лустрацијата, ами свети Никола, еден од култните светци на христијанството, кој во Македонија се празнува речиси масовно. Дел го слават како именден, или како домашна слава, но многумина се чини не знаат дека токму овој христијански светец е инспирација за создавање на таканаречениот Дедо Мраз, глобалниот светец на потрошувачкото општество. Затоа некои велат дека свети Никола, по старо, всушност е Дедо Мраз по ново. Таквата замена на името за „внатрешна употреба“ со ново име за „меѓународна употреба“ се случила тогаш кога бил измислен преводот на Санта Клаус со Свети Никола. За фолклористите, пак, свети Никола бил трансформиран во Дедо Мраз затоа што во народните верувања, песни и приказни, но и на старите икони и фрески редовно е прикажуван како старец со долга бела коса и брада. Сепак, засега, се разбира, сé уште не се знае точно како настанала приказната за Дедо Мраз, која доаѓа од север, и како таа приказна се вклопила во биографијата на свети Никола?


СКОПЈЕ БИЛ ГРАД НА ЧУДОТВОРЕЦОТ!

Според проф. д-р Марко Китевски, свети Никола зазема значајно место во традицијата и верувањата на македонскиот народ, а многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник, празнувајќи го неговиот ден – денот на неговата смрт, 19и декември. Еве што вели Китевски за овој светец.

– Во народното верување овој светец е присутен како еден од најголемите култови во христијанството, а Македонија го има прифатено масовно. Постојат сведоштва дека во Скопје, на пример, овој празник се славел буквално во секое второ семејство, а сега градот нема дури ни црква посветена на овој светител. Славењето на чудотворецот е меѓу најраспространетите наши празници, а дека е така потврдува и тоа што единствено нашата земја во овој дел на Европа има град со името на Свети Никола. Инаку, култот кон неговиот живот и неговите дела е познат од 6 век, а најстарото житие за него потекнува од 9 век. Важел за заштитник на сите луѓе, па затоа високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои, како што стои во некои записи од тоа време, го нарекувале Ад’р-баба. Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, дека ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците, неправедно осудените и слично. Сепак, во народното предание, најмногу е запаметен како господар на водите и на морињата, а со тоа и како заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода, зашто се верува дека тој многумина спасил од давење уште додека бил жив. Во едно предание се раскажува дека еднаш кога патувал со брод, бродот потонал, а тој шест недели поминал на парче штица во водата. За цело време се молел да биде спасен, а Бог не само што го спасил туку, затоа што бил исполнет со верба кон него и затоа што го молел со искрено срце, го назначил за заштитник на морепловците. Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека свети Никола е постојано присутен на морињата за да ги „варди луѓето од талазите“, додека во записите на обичаите во Гевгелиско, пак, е забележано дека овој ден се празнувал „поради дождови и поплави“. На Дојранско Езеро, на пример, рибарите на свети Никола не влегувале во чуновите, а во Солунскиот Залив престанувал целиот сообраќај.

И Ефтим Спространов во обичаите од Охрид забележал дека светецот Никола бил тој што „праит чудесија“. Од друга страна, во македонските народни песни, пак, овој светец е опеан како „стар свети Никола, кој може да го одмрзне дури и замрзнатото море, но и да гради цркви и манастири“. Во една од песните што останале во меморијата на нашиот народ се спомнува и жртвувањето риба како курбан за црквата што светецот ја градел. Тоа се поврзува со обичајот да се јаде риба за празникот, кој спаѓа во божиќните пости, како и со обичајот во некои места за курбан да се готви крап.
И во песните на „Зборникот на браќата Миладиновци“ се зборува за делбата меѓу четири ангели, меѓу кои е и свети Никола, кој во таа делба ги добил водите, бродовите и гемиите по морето, или, како што вели песната, „он да ги имат, он да и повељат“. Токму затоа што правел само чуда и добрини, но и затоа што секогаш бил прикажуван како старец со бела коса и бела долга брада, западната комерцијална фантазија го искористила како урнек за да го создаде ликот на Дедо Мраз, старец што исполнува желби, правејќи чуда и добрини насекаде каде што ќе стигне со својата глобалистичка суперсонична санка.

Кодошот има празник на четири години!

– Во една приказна, запишана од Јосиф, ѓакон од манастирот „Света Пречиста“ кај Кичево, објавена во цариградскиот весник „Новини“ кон крајот на 19 век, меѓу другото се раскажува дека едно време другите светци му завидувале на свети Никола затоа што бил многу почитуван од луѓето, па се поплакале на Бога за тоа, а Бог ја примил поплаката и веднаш испратил двајца ангели да го повикаат кај него. Откако не го нашле на небото и на земјата, го здогледале среде море како крепи една гемија готова да потоне. Штом го виделе веднаш му ја пренеле заповедта на Бог, а тој ги замолил најпрво да му помогнат да ја извадат гемијата на суво. Виделе-невиделе ангелите му помогнале, а потоа, така накиснат, вели приказната, жива вода сторен, и со искинати алишта, го одвеле пред Бога. Тука во тој момент биле собрани сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека, ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола од луѓето, треба да го прават тоа што го правел тој. И тогаш, се вели во приказната што ја запишал монахот Јосиф од манастирот „Света Пречиста“, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, а за свети Никола два дена. И не само тоа, туку за преподобниот Кисијан, кој најмногу го кодошел, заповедал еднаш на четири години да му се празнува денот 29 февруари – вели д-р Китевски.

И според д-р Михајло Георгиевски, свети Никола е еден од врвните христијански светители, голем чудотворец, кој зазема посебно место во животот и обичаите на македонскиот народ.

– Многу семејства во Македонија утрешниот ден, Денот на свети Никола, 19 декември, го имаат за свој домашен заштитник. Интересно е тоа што овој светец важи за заштитник на сите луѓе од секакви неприлики, независно од верата, расата и нацијата. За животот, чудата и светителските дела на свети Никола дознаваме од неговото житие од 9 век. Според житието, идниот свети Никола се родил во втората половина на 3 век во Патара, град во малоазиската област Ликија. Како момче неговиот чичко Никола, по кого бил крстен, а кој бил епископ патариски, ги наговорил неговите родители да го посветат својот син на служење на Бога и наскоро го вовел во службата во чин презвитер. За време на ракополагањето епископот се свртел кон народот и, меѓу другото, рекол дека тој ќе им биде „утеха на сите онесреќени и помошник на сите страдалници“. И, навистина, цел живот не престанал да им помага на страдалниците, да ги заштитува невините, да ги закрепнува слабите со словото на вистината и верата. Биографијата на презвитерот Никола, објавена во најстарото житие за него од 9 век содржи и други настани и чуда што ги правел додека бил во патарската епархија, но и подоцна.
И подоцна, како архиепископ на Мираклиската црква, секогаш бил строг кон себеси, а истовремено уште повеќе се трудел за доброто на народот. За поуспешно да ја врши својата работа одбрал двајца соработници од презвитерите, а сите луѓе ги примал со таткова љубов, ги сослушувал молбите и поплаките, беспоштедно давал помош и совет, строго се застапувал за невините и обесправените. Со такви грижи го затекнала бурата на прогоните против христијанската црква, која во текот на претходните 50 години работела во мир и тишина. Страшните прогони предизвикани од императорите Диоклецијан и Галериј продолжиле полни 10 години, а почнале во главниот град на Никомидија, каде што на самиот празник Рождество Христово во храмот живи била запалени околу 20.000 христијани. Оттаму прогоните се прошириле речиси низ целата Римска Империја. Сепак, свети Никола доживеал длабока старост, починувајќи тивко и блажено, по кратко боледување, во 342-та година. Телото му било погребено во катедралата во градот Мир, а потоа миро од неговите свети мошти за исцеление добивале сите верници што доаѓале на поклонение. Во 1099 година моштите биле пренесени во градот Бари, Италија, каде што се чуваат и денес.

„КОКА-КОЛА“ ГО РАШИРИЛА КУЛТОТ ЗА ДЕДО МРАЗ БЛАГОДАРЕНИЕ НА СТАЛИН?!

Во Македонија утре се празнува свети Никола, чудотворецот што за секој човек имал подарок. За жал, сега тој веќе не носи подароци како што носел пред стотина години. А тогаш, дури и во овие краеви на светот, децата подароците ги чекале само од него. Сега го чекаат Дедо Мраз. Како свети Никола од иконите и фреските се преселил на камионите што носат „кока-кола“ и како станал дедо со црвени образи и со карактеристична глобална насмевка?

Првпат денешниот Дедо Мраз, метафорички потомок на свети Никола, бил прикажан на цртеж во 1931 година, облечен во црвен костим со бело крзно, како комерцијален бренд на компанијата што правела пијалак за целиот свет. Таков, каков што со мали измени се задржал до денеска, го нацртал Хадон Синдлом, со намена да се зголеми продажбата на пијалакот, а истовремено компанијата да се прикаже низ благороден добродушен човек што дели подароци насекаде во светот.

Инаку, освен свети Никола, односно освен овој трансформиран свети Никола со „кока-кола“ во раката, кој е светски лидер во оваа област, во Франција подароците ги носел Пер Ноел, во Англија – Фадер Крисмас, во Италија – Ла Бефана, во Шведска тој се нарекува Јултомтен, во Холандија го нарекуваат Синтерклас, во Финска е Јоилипуки, кој како лик е најсличен со оној од приказната на „Кока-кола“. Впрочем, скандинавските ликови влијаеле најмногу врз американската приказна за оној што носи дарови со санка што ја влечат суперсонични ирваси. Затоа најпрво Дедо Мраз е нацртан како стар и весел дебелко, како холандскиот Синтер Клас од почекот на 19 век. Во Америка се појавил како лик со име Санта Клас, кој личел на некакво добродушно животно со рилка завиткана во американско знаме. Во вториот обид, Санта Клас станал човек со широко лице и дупченца на образите, црвен нос, бела брада и голем тркалезен стомак. Облечен е во бојата на „Кока-кола“, се разбира.

Сепак, најинтересно е тоа што по Втората светска војна, власта на СССР, најголемата христијанска земја во светот, односно другарот Сталин лично забранил да се употребува името на свети Никола, а со тоа отвора простор христијанскиот светец во глобални рамки веднаш се замени со Дедо Мраз. Оттука, Дедо Мраз е измислица на западната комерцијална машинерија, но во исто време тој е и трансформација на свети Никола, односно искомерцијализиран лик на светецот од Мирликиската митрополија. Да не беше Сталин, свети Никола можеби сé уште ќе делеше подароци без да има обврска да се појавува на камионите на „Кока-кола“!

извор: Нова Македонија

Крст над Свети Николе Tuesday, Dec 18 2012 

Според историските факти, малото градче навистина е свето место.

Заштитникот на градот, Свети Никола, се празнува два пати во годината – на зима, 19 декември и пред лето на 22 мај, кога е Летен Свети Никола (празник на пренесување на моштите на Чудотворецот).

Турските пописи од XVI век забележале дека на територијата на денешниот град постоеле две населби – Овче Поле (кај Рецко маало) и Исви Никола (Свети Никола) или Крк Клисали – населба покрај цркви, црквино (околу денешната црква). Низ народот кружи предание дека во Свети Николе имало 40 или 42 цркви, скоро сите уништени од османлиите.

Ова послужило како инспирација на архитектот Николај Карташев, по мајка Овчеполец а по татко Русин, во седумдесетите години на минатиот век да го креира првиот урбанистички план на градот, според кој што  старото црквено маало требало да си остане исто. Тој ги  проектирал Домот на Културата и споменикот од столбови на поранешниот мермерен плоштад, како спомен на старите цркви. За жал првиот урбанистички план на градот предложен од архитектот Николај Карташев не одговарал на тогашните власти.

Под денешната црква Свети Никола се наоѓа старата црква. Летото минатата година почна реновирањето на истата, а со одлука на владиката Иларион беше преосветена со престол на светецот Прохор Пчињски кој е роден во Овче Поле. На 01.11.2011, денот кога се празнува овој светец, беше одново отворена за јавноста.

При копањето за спречување на појава на влага во старата црква, на северната страна се појавиле ѕидови со сводови од уште постар објект, како и неколку гроба. Пронајдените артефакти се предадени во локалниот музеј. Од таму не известија дека сеуште работат на проверка на истите и неможат да ни дадат поопширна информација.

Свештениците и дел од црковниот одбор пренесоа дека имало нараквица (белегзија) во гроб од дете, копче во гроб од возрасен, кое што потврдило дека станува збор за христијанин, монета од IV век, како и ѕидови и сводови кои што наликувале на ранохристијанска базилика. Местото каде што се појавиле овие остатоци сега е затрупано, се чека на подобри времиња за некој конечно да интервенира.

Црковни места во Свети Николе и крстови од камен поврзани според четирите страни на светот, отсликуваат КРСТ. Свети Илија на запад, Свети Стефан на исток, Свети Никола на север и Свети Спас на југ се локации каде што и пред денешните крстови и цркви, веројатно имало храмови. Линијата од исток кон запад поминува во близина на денешната полициска станица, каде што постоела црква, срушена за да биде заменета со џамија.

Повторно како случајно и линијата исток запад поминува таму.

povtorno

Во т.н. “американско маало” кај стариот ат пазар при копање за водовод, биле најдени остатоци од храм. Повторно на истата линија. Што крие мајката земја, времето ќе покаже. А до тогаш, трпение. Спасение. 

Чудотворец и исцелител Saturday, Jul 7 2012 

Свети Климент бил висок и полн, мошне претставителен, кој само со својата надворешност влевал почит и уважување кај неговите непријатели, како што вели житието на свети Климент. Свети Наум бил висок, слаб и сув, со мала четвртеста глава и долга заокруглена брада. Свети Климент бил начитан, надарен со дарот на зборот, зборлив; мислите слободно му течеле од устата и како мед паѓале во душите на слушателите. Притоа бил и многу трудољубив и енергичен. Свети Наум, спротивно, бил контемплативен, длабокомислен. Малку зборувал, а многу размислувал. И затоа во неговите зборови имало многу мудрост.

Со други зборови, свети Наум бил затворен во себеси, по­веќето време го минувал во молитви, во размислување за духов­ниот живот, за Господа и за Господовите дела. Тој факт, таа стра­на на карактерот на двајцата словенски просветители може да ни каже зошто кнезот Борис, откако се уверил во личните особини на секого од нив, се решил Климента да го испрати во Западна Македонија и Јужна Албанија, а свети Наум го задржал кај себе како советник и кул­турен деец во Преслав.

Во Преслав свети Наум работел седум години (886–893). Таму го проповедал делото и духот на своите учители. Ја ширел писменоста, оспособувал свештеници, го објаснувал и го толку­вал Светото Писмо и творбите на светите отци, а поинтелигент­ните, поспособните ученици и соработници ги поттикнувал да препишувуваат и да создаваат свои дела. Меѓу таквите бил пре­звитер Константин Брегалнички, кој во предговорот на него­вото Поучително евангелие, по мислата на Григориј Богослов дека е добро секогаш од Бога создадените и до Бога да завршат и наве­дува други библиски сентенции, пишува: „Поради тоа и јас, скром­ниот Константан, убеден во тоа од твоите молби, брате Науме, и споменатите горе заповеди, се преклонив пред твоето смире­ние“. Свети Наум во Преслав, како што вели Ѓорѓи Ки­селинов, „играл улога и на дворски советник, прво кај кнезот Борис, а по­доцна кај царот Симеон“.

Кога во 893 година свети Климент бил назначен за епископ на Древница и Белица, во областа Кутмичевица, во охридскиот литературен, просветно-културен центар го заменил свети Наум. За оваа замена, т. е. за дејноста на свети Наум до крајот на жи­вотот се зборува во Првото словенско житие на Свети Наум.

Од кусиот текст на Првото словенско житие на Свети Наум се гледа дека тоа било напишано од ученик на светите Климент и Наум, кој на тоа бил поттикнат од епископот на Деволската епархија Марко. Пред ова житие авторот напишал житие за свети Климент. Двете житија биле напишани набрзо по смртта на свети Наум и свети Климент, и тоа според она што го чул од светиите и што го видел тој лично како нивни ученик. Меѓутоа, поради нивната скромност, доста поединости од нив­ниот живот и од нивната дејност останале непознати.

Свети Наум во Кутмичевица целосно ја презел и ја продол­жил дејноста на свети Климент. Тој изградил манастир посветен на светите архангели Михаил и Гаврил. Изградбата иа манасти­рот во Второто словенско житие на Свети Наум сврзува со 905 година. Свеченото пуштање во служба/осветувањето на манастирот го извршил епископот свети Климент, ко­га тој ја одржал својата беседа, напишана во врска со изград­бата на Наумовиот манастир и неговата дедикција на светите архан­гели, под наслов Пофалното слово на бестелесните Михаил и Гаврил. По изградбата на манастирот, свети Наум, кој како свештеник дошол од Моравија, се замонашил и се по­влекол во него сè до крајот на животот на 23 декември 910 тодина (стар стил), кога во вечниот дом во манастирот бил положен од свети Климент.

Првото Светинаумово житие, покрај значајните податоци за судбината и на другите ученици на првоучителите Кирил и Ме­тодија, уште во почетокот („Еве браќа, да не остане без спомен, брат му на блажениот Климента и негов содругар и сострадал­ник…“) дава податок од кој во науката се појави мислење дека свети Наум и свети Климент биле родени браќа. Меѓу првите на тоа укажале П. А. Лавров и Н. Л. Туницкиј, а потоа и многу дру­ги. Како родени браќа свети Климент и свети Наум се прикажани и во романизираната биографија Naum Ohridski од Лазо Каров­ски. Тој заклучок се изведува од фактот што, според каноните, различните по свештенички чин (епископ и презвитер) не можат да се наречат „браќа“, освен ако не се родени браќа.

Грчкото житие податоците за свети Наум повеќе ги прика­жува легендарно, а некои податоци се историски неточни, како: смртта на Кирила и Климента, првиот починал во длабока ста­рост, а вториот пред свети Наум. Дејноста на свети Наум спрема свети Климент ја споредува со Арон и Мојсеј, т. е. што му бил Арон на Мојсеј тоа му бил свети Наум на свети Климент.

Поблиску до првото (словенското) житие е третото (второто словенско) по ред. И во него се даваат податоци за следењето на првоучителите, протерувањето и дејноста во Кутмичевица исто­риски е поточно, а завршува со констатацијата дека свети Наум умрел во длабока старост и неговото тело го положил со свои раце архијерејот Христов Климент во гробот на десната страна во неговиот храм, а Господ го прославил свети Наума со големи чу­да и исцелителна моќ

Преподобен Наум Охридски Tuesday, Jul 3 2012 

Ученик на светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, свети Наум подигна манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век.

 

 

Моштите на Чудотворецот Wednesday, May 9 2012 

Секоја година од 7-9 Мај, во Бари, Италија, се одржува голем народен религиозен фестивал во спомен на пристигнувањето на моштите на Свети Никола Чудотворец од Мир во Бари. Илјадници луѓе од цел свет доаѓаат за фестивалските денови кои што почнуваат утрото на 7 мај. Свештениците се качуваат на брод со икона од Светецот за да поминат еден ден со него на отворено море. Градскиот плоштад и другите делови од поморскиот Бари изгледаат како во бајка, преубаво украсени во чест на големиот ден.

Следното утро, на 8ми, луѓето се собираат пред храмот за литургијата посветена на Чудотворецот, додека огромна разнобојна статуа од базиликата се поставува пред олтарот за двочасовната миса. Откако завршува пеењето, статуата се праќа на долг ден по морето, за во попладневните часови да се врати, радосно очекувана од преполното пристаниште. Дванаесет мажи во костуми ја носат импресивната статуа на рамења, придружени од многумина кои што носат запалени факели, слики, украси и цвеќиња.

При движењето, наметката на статуата се лелее во воздухот, што остава  в печаток дека Свети Никола  оди над луѓето.Парадата со слики од Чудотворецот од Мир, посветена на големиот ден се донесува пред портите на катедралата, на осветлениот плоштад. Поканетите екуменски гости, претежно Ортодоксни се присутни за време на целата тродневна прецесија. Како што АрхБишопот на Бари го Воспева пренесувањето на моштите, така поканетите гости од првите редови под водство на свештениците слегуваат alla tomba  di santo во подземната стара црква. Таму, свештеник се протнува во криптата каде што е Гробот на Светецот. Од предната страна вади божествена мана, течност што секогаш ја има кај вакви реликвии. Светиот ликвид се носи горе во црквата за продолжување на церемонијата, а надвор прославувањето продолжува и во  текот на целата ноќ.